Table of Contents
3. Кратка историја на македонскиот стрип
Иако историјата на стрипот во Македонија не е особено богата по апсолутни критериуми, со оглед на тоа што станува збор за помала земја, таа е далеку побогата одошто се мисли.[1] Имајќи предвид дека до пред само десетина години не постоеше ниту една книга посветена на историјата на македонскиот стрип, причината за таквото општо мнение за македонскиот стрип, многукратно повеќе се заснова на незнаењето на неговата историја одошто на историските факти. Големиот број македонски историски стрипови стои како потврда за тоа.
3.1. Македонскиот стрип во 1940-тите
Зза разлика од дел од другите тогашни југословенски републики (како Србија и Хрватска, во кои во овој период таа се намалува), по Втората светска војна стрип-продукцијата во Македонија бележи прогрес. Причина за ова од една страна е поради тоа што пред Војната бројот на стрипови во Македонија е мал, а во Србија и Хрватска е меѓу најсилните во Европа, туку и затоа што стрипот во Македонија како да поминува под радарот на новата комунистичка власт. Последното можеби се должи на тоа што стриповите кои што се објавувани во македонските публикации во овој период се наменети за најмладите и се со забавна содржина… или пак обратно, изборот на таа тематика е последица на новиот режим.
Стрипот на Жељко Книвалд од 1938 година има историски значајно место како прв создаден на македонско тло, но вистинските почетоци на стрипот како мас-медиум во Македонија ги бележиме на средината од 1940-тите. Во оваа деценија стрипови се објавуваат во македонските периодични публикации: „Титовче“, „Единство“, „Пионер“… А, од одредниците битни за историјата на македонскиот стрип, битно е да се истакне дека во оваа деценија, во 1941 година, за првпат е објавен стрип на автор кој што е етнички Македонец. Истата деценија, во 1945 година, за првпат е објавен и еден стрип на нам сочниот македонски јазик.
3.2. Македонскиот стрип во 1950-тите
Идентично како и во претходната деценија, стриповите кои што излегуваат во Македонија во 1950-тите години најчесто се од забавен карактер, наменети за најмладите. Такви стрипови излегуваат на страниците на периодичните публикации: „Пионерски весник“ и „Млад борец“, а со историска тематика се објавени во „Нова Македонија“ и „Титов Пионер“, со што се најавува експлозијата на историски стрипови која што ќе ја зафати Македонија во наредната десетлетка.
3.3. Македонскиот стрип во 1960-тите
Ако претходните две децении се период на детскиот стрип во Македонија, 1960-тите несомнено се години на македонскиот историски стрип. Стрипови на тема од македонската национална историја најпрво се појавуваат во новооснованото младинско списание „Наш свет“, во издание на НИП „Нова Македонија“ од Скопје, а потоа и во едицијата „Никад робом“ на „Дечје новине“ од Горњи Милановац.
Оваа деценија, поточно во 1964 година, македонскиот стрип добива валоризација во Југословенски рамки, со тоа што првото место на вториот стрип-конкурс распишан од загрепски „Плави вјесник“ оди кај скопјанецот Љупчо Филипов. Висока награда во југословенски рамки, со што уште еднаш го потврдува квалитетот на нашите автори, тој освојува и наредната деценија на конкурсот распишан од сараевски „Стрип Арт“.
3.4. Македонскиот стрип во 1970-тите
Почетокот од седумдесеттите години на минатиот век, според стрип-теоретичарот Томислав Османли го означува почетокот на третата фаза од развојот на македонскиот стрип. Во овој период, македонски стрипови (вклучително и историски) продолжуваат да излегуваат во списанието „Наш свет“, како и во едицијата „Никад робом – цртана школа“. На средината на седумдесеттите се појавува и македонската публикација специјализирана за историски стрип: „Историска стрипотека – Епопеја“.
3.5. Македонскиот стрип во 1980-тите
Осумдесеттите години на 20 век се златен период за стрипот во некогашна Југославија. Во оваа деценија македонскиот стрип продолжува да излегува на страниците на списанието „Наш свет“, а надраснувајќи ги границите на Македонија, нашите автори објавуваат стрипови и во публикации од останатите во тоа време југословенски републики. Во нив се вбројуваат: „Лунов Магнус стрип“, „Стрип Арт“, „Патак“, „Ју стрип“, „Стрип Забавник“, „Политикин Забавник“ и др. Кон крајот на осумдесеттите се појавува првата македонска стрип-ревија, која со звучното име „Макстрип“ ќе ја најави претстојната македонска независност од СФРЈ.
3.5.1. Стрип со современ сензибилитет
Како пркос кон дотогашните класични стрипувани приказни, на почетокот од осумдесеттите години во Македонија се зачнува стрип со нов сензибилитет. Носител на овој тренд, чии што дела го надраснуваат дотогашниот калап на медиумот, а се карактеризираат со избор на теми кои не се прераскажување на одреден настан и првенствено носат емоција, а не порака, како и внесување надреализам и ониричност, е стрип-групацијата „Туш лабараторија“. Членови на оваа скопска група, која што функционира до средината на осумдесеттите се Игор Тошевски, Кочо Трајановски, Маријан Камиловски, Томислав Османли и др.
3.5.2. Раѓање на македонската стрип-историографија
Четири и пол декади по раѓањето на стрипот на македонско тло, во Македонија се зачнува и домашната стрип-историографија. Првите обиди за систематизација на домашното стриповно минато ги бележиме во списанието „Млад борец“, на почетокот од осумдесеттите. До кулминацијата на овој процес во рана фаза се стигнува во 1987 година, кога е објавена книгата „Стрип – запис со човечки лик“ на писателот Томислав Османли, кој всушност и е втемелувач на македонската стрип-историографија.
3.6. Македонскиот стрип во 1990-тите[2]
За разлика од претходните неколку децении, на почетокот од деведесеттите македонската стрип-култура ги следи политиките на новоосамостоената држава и застанува на свои нозе. Ревијата „Макстрип“, чиј што прв број е објавен во 1989 година, продолжува да излегува и во првите три години од деведесеттите, за во јануари 1993 година да згасне. Ако за појавата на оваа прва македонска стрип-ревија е потребен половина век од појавата на првиот стрип на македонско тло, за наредните македонски стрип-ревии се потребни само неколку години. По згаснувањето на „Макстрип“, како печурки по дожд, една по друга „никнуваат“: „Стрип експрес“, „Клик“, „Лифт“, „Стрипотека“, „Тотем“, „Стрип Арт“… Покрај што донесуваат стрипови, НЗС за сите овие периодични публикации е проклетството наречено кус животен век.
3.6.1. Андерграунд стрип
Последните неколку броеви на „Макстрип“, по промената на уредништвото, почнуваат да донесуваат андерграунд стрипови, што домашни, што на странски автори. Оваа тенденција, подоцна ја продолжува периодичната публикација „Лифт“. Едно време андерграунд стриповите добиваат толкав замав во Македонија, што стануваат нов мејнстрим. Или како што пишува Иван Пешев (Костовска 1998), автор на несудениот прв македонски стрип-албум „Вара: Каменот на љубовта“: „Македонија сега се наоѓа во парадоксална ситуација, постои ’underground‘ стрип кој излегуваше во весникот ’Лифт‘[3] и кој требаше да биде одговор на некаков ’main stream‘ стрип, кој всушност го нема. Ние немаме ништо против ’underground‘ стрип, но смешно е да нема ниту еден ’main stream‘ стрип (каков што е ’Вара‘). Тоа е како да имате одговор без прашање.“ Овој период продолжува и во првите неколку години од дваесеттиот век.
3.7. Македонскиот стрип во 2000-тите[4]
Собирајќи во себе два милениума, периодот 2000-2009 по однос на македонскиот стрип се десетилетие на контрасти и преобразби. Уште во 2000 година, ова го наговестува преранатата смрт на најголемиот македонски стрип-амбасадор Љупчо Филипов, со што завршува една ера и почнува друга. За разлика од деведесеттите, во кои македонски стрип-албуми нема ни за лек, во овој период се појавуваат неколку. По неуспешниот обид на „Вара: Каменот на љубовта“, во 2000 година „Мис Стон“ се запишува во историјата како прв македонски стрип-албум. Воедно, со појавата на стрип-магазинот „Стрип Креатор“ кој продолжува да излегува до денес, му се става крај на проклетството наречено кус животен век на македонските стрип-публикации. Во оваа деценија здружението на љубители на стрипот во Македонија „Стрип Арт“ – Велес се трансформира во Стрип центар на Македонија – Велес, а кон крајот на истата добива и конкуренција во неформалната групација собрана околу македонскиот интернет форум „Макстрип“, која што подоцна ќе се формализира во здружението „Макстрипови“.
3.7.1. Меѓународен салон на стрип – Велес
Од седми до деветти ноември 2003 година, во Велес е одржан првиот Меѓународен стрип салон. Во годините кои што следат, до ден-денешен, оваа манифестација во организација на Стрип центар на Македонија – Велес ќе прерасне во една од константите на современиот македонски стрип.
3.8. Македонскиот стрип во 2010-тите
Ако читателството на стрипови во Македонија кулминира во перидот 1960 – 1990 година, авторски македонскиот стрип го доживува својот досегашен апогеј во периодот 2010 – 2019. Бројот на стриповски настани во Македонија во овој период значително се зголемува, поради што со право го добива називот стрип-ренесанса. Воедно, македонската стрип-сцена, станува поповрзана од кога и да е, преку придобивките кои што ги нуди семрежјето, а станува и самосвесна. Покрај новите технологии, за ова заслуга има и домашната стрип-историографија која во овој период се ревитализира и вивнува до нови височини. Ако во деведесеттите години стрипот во Македонија го донесуваат стрип-ревиите, во овој период тој може да се најде и во бројни албумски изданија. Огромна заслуга за силното зголемување на продукцијата на стрип-наслови во Македонија има македонското министерство за култура. Со зголемената поддршка на македонскиот стрип, тоа се претвара во најголем двигател за развој на домашната стрип-сцена и култура.
3.8.1. Македонска стрип-ренесанса
Некаде пред/на почетокот од 2010-тите години почнува периодот кој од страна на македонските стрипописци е означен како ренесансен за македонскиот стрип. Иако не е точно детерминирано кога овој период почнува и завршува, со оглед на тоа што бројот на стриповски настани во него е двојно, односно тројно поголем во однос на двеилјадитите и деведесеттите, станува јасно дека називот македонска стрип-ренесанса е и повеќе од оправдан.
3.8.2. Мала издавачка стрип-револуција
Кон средината на втората декада од новиот милениум, на македонскиот стрип му се случува мала издавачка стрип-револуција. Во овој период на киосците се враќаат лиценцните киоск изданија, Стрип центарот ја интензивира својата издавачка дејност, а со работа почнува издавачката куќа „Стрип Квардат“, а стрипови почнуваат да објавуваат и други книгоиздателства. Стево ова резултира со продукција на стрип-наслови најголема во историјата на македонскиот стрип, иако со ситни тиражи.
3.8.3. Врвни дострели на македонската стрип-историографија
Во 2010-тите се објавени публикации и опширни написи на тема македонско стрип-минато, како никогаш дотогаш. Кога се во прашање ваквите книги, овој тренд го почнува Ване Трајков со „Македонскиот стрип во едицијата Никад робом“, а го продолжува Александар Стеванов со „Македонскиот стрип во изданијата на новосадски ’Дневник‘“ (во соработка со Дарко Богданов и Сашо Гачев), повеќетомното издание „Визуелна хроника на македонскиот стрип“, „Жељко Книвад: Белешки од потрагата по авторот на првиот стрип објавен во Македонија“ и др.
3.9. Македонскиот стрип на почетокот од 2020-тите
Првата година од оваа деценија започнува со „рецесија“ на македонскиот стрип, причинета од ковид-19 пандемијата, како една од најслабите години за македонскиот стрип од почетокот на новиот милениум. Веќе наредната година, иако пандемијата не отшумила, акумулираниот набој резултира со огромен број стрип-настани, со што се надоместува претходната година, а 2021 година ја прави една од најуспешните години за македонскиот стрип воопшто, доколку како критериум за тоа е бројот на стрип-случувања.
4. најбитни македонски стриповски настани
Без амбиции да бидат потполни и детални, а посокоро да послужат ориентационо, во овој сегмент се дадени хронолошки листи на најбитните (избор) стриповски настани во Македонија.
4.1. Хронологија на најбитни стриповски настани (избор)
Идентично како и листата на најбитни македонски историски настани низ стриповска призма не цели потполен и детален приказ на македонската историја, така и хронологијата на најбитни македонски стриповски настани претставува избор. Подетален приказ на историјата на деветтата уметност во Македонија е даден во „Стрип – запис со човечки лик“ и „Стрип – деветтата уметност“ на Томислав Османли, а за периодот 1990 – 2015 и во досега објавените томови од публикацијата „Визуелна хроника на македонскиот стрип“.
4.1.1. Стрип-настани од 1930-тите
- Во 1937 година е објавен првиот стрип создаден на македонско тло, „Репортажа низ II машка гимназија“, на Жељко Книвалд. Подетално овој автор и делото со кое што се запишува во македонската стрип-историја се разработени во публикацијата „Жељко Книвалд: Белешки од потрагата по авторот на првиот стрип создаден во Македонија“ објавен на стогодишнината од неговото раѓање.
4.1.2. Стрип-настани од 1940-тите
- Во 1941 година за првпат еден етнички Македонец објавува стрип. Станува збор за идниот академик Славко Јаневски, кој ќе се запише во националната културна историја и како автор на првиот објавен роман на македонски јазик.
- Во 1941 година за првпат еден македонски автор, Панде Јаревски, работи историски стрип.
- Во 1945 година за првпат е објавен стрип на македонски јазик. Станува збор за „Еден бункер падна“ на Славко Јаневски, објавен во „Пионер“.
- Стрипови почнуваат да излегуваат и во „Титовче“ и „Единство“.
4.1.3. Стрип-настани од 1950-тите
- Стрипови почнуваат да излегуваат во „Пионерски весник“, „Титов пионер“, „Млад борец“….
- Во 1952 година е објавен, според мои сознанија, првиот историски стрип создаден во Македонија (и на целосно македонска тематика). Станува збор за стрип на Мето Петров, родум од Србија кој што во тоа време живее и работи во Скопје, објавен во дневниот весник „Нова Македонија“.
- Во 1954 година, според мои сознанија, е објавен првиот историски стрип во авторство на Македонец – „Сердарот“ на Душан Перчинков.
4.1.4. Стрип-настани од 1960-тите
- Во 1960 година е објавен првиот број на „Наш свет“, младинско списание кое што на своите страници ќе донесе голем број стрипови на домашни и странски автори, меѓу кои и такви со историска содржина.
- Објавени се првите македонски (и на македонски јазик) стрип-свески, насловени „Цар Самуил“, кои се на тема од македонската национална историја.
- Во 1964 година, на вториот натпревар распишан од загрепски „Плави вјесник“ првото место го освојува Љупчо Филипов од Скопје.
- Почнувајќи од 1966, односно 1969 година, стрипови на македонски автори со историска содржина започнуваат да излегуваат во едициите „Никад робом“ и „Никад робом – Цртана школа“ од Горњи Милановац.
4.1.5. Стрип-настани од 1970-тите
- Во 1970 година, на натпревар распишан од белградското списание „Политикин Забавник“ најдобро рангиран е Мишко Хрдличка од Куманово.
- Во 1973 година, првото место на натпреварот распишан од сараевски „Стрип Арт“ го освојува Љупчо Филипов од Скопје.
- Во 1975 година излегува првата „Историска стрипотека – Епопеја“, во целост посветена на историски стрип.
- Во 1979 година, на „Недела на млади творци“ во Скопје се поставени и стрипови, што според мои сознанија е прв случај на изложување стрипови.
4.1.6. Стрип-настани од 1980-тите
- Основана е стрип-групацијата „Туш лабараторија“ која згаснува кон средината на 1980-тите.
- Во 1983 година, според сознанијата со кои што располагам, во Македонија е поставена првата стрип-изложба.
- Стрипови на македонски автори излегуваат во „Ју стрип“, „Стрип Арт“, „Стрип забавник“, „Лунов магнус стрип“, „Патак“…
- Во 1987 е објавена првата македонска книга за стрип, „Стрип – запис со човечки лик“ на Томислав Османли.
- Во 1989 година е објавена првата стрип-ревија во Македонија – „Макстрип“.
4.1.7. Стрип-настани од 1990-тите[5]
- Во 1991 година првото место на стрип-конкурсот на „Комикон“ го освојува Маријан Камиловски од Скопје.
- Излегуваат стрип-ревиите „Стрип Експрес“, „Клик“, „Стрипотека“, „Лифт“, „Тотем“, „Стрип Арт“.
- Во 1995 година е основано Здружението на љубители на стрипот во Македонија „Стрип Арт“ – Велес.
- Во 1996 година излегуваат неколку стрип-свески „К-15 авантури“.
- Во 1998 година е најавено излегувањето на првиот македонски стрип-албум, „Вара: Каменот на љубовта“, што сепак не е објавен.
- Во 1999 година во Македонија е отпечатен првиот стрип-албум „Капетан Нитрат“.
4.1.8. Стрип-настани од 2000-тите[6]
- Во 2000 година е објавен првиот луксузен стрип-албум во Македонија, „Мис Стон“ на Зоран Танев.
- Во 2002 година е основан Стрип центар на Македонија – Велес.
- Во 2003 година е одржан првиот Меѓународен салон на Стрип во Велес.
- Во 2003/2004 година е одржана стрип-работилницата „Непокор“.
- Во 2005 година излегуваат шест стрип-свески „Супер Тоше“, печатени во тираж од неколку илјади примероци.
- Во 2005 година е објавен првиот број на стрип-магазинот „Стрип Креатор“.
- Во 2008 година се објавени десет свески од бесплатниот стрип „Captani Gr8“.
- Покрај „Мис Стон“, објавени се уште неколку стрип-албуми: „Волшебното самарче“, „Ајдучка чешма“, „Кратки резови“…
4.1.9. Стрип-настани од 2010-тите[7]
- Во 2010 година излегува првиот број на стрип-магазинот „Синдром“.
- Во 2010 година е основано здружението „Макстрипови“.
- Во 2011 година е отворена првата стрип-книжарница во Скопје.
- Во 2013 година почнува со работа издавачката куќа „Стрип Квадрат“ која во годините што следат ќе објави неколку десетици стрип-публикации.
- Во 2013 година во Лесковац е одржана голема изложба на Македонскиот стрип.
- Во 2015 година во НУБ „Св. Климент Охридски“ во Скопје е поставена голема изложба на македонскиот стрип.
- Во 2016 година во Македонија е објавен првиот стрип-албум на албански јазик.
- Во 2017 година во Македонија е објавен првиот стрип-албум на српски јазик.
- Во 2018 година е објавен првиот број на стрип-магазинот „Деветка“.
4.2. Хронологија на стрип-изложби и манифестации (избор)
Во Македонија за првпат е поставена стрип-изложба на почетокот од осумдесеттите, кои што се златни години за стрипот во некогашна СФРЈ. Бројот на стрип-изложби се чини дека е спротивставен на продените стрипови во Македонија. Како што продажбата опаѓаа, така бројот на стрип-изложбите во Македонија се зголемува, на тој начин балансирајќи го стрипот помеѓу комерцијалноста од една страна и неговото перципирање како уметност од друга.
4.2.1. Стрип-изложби во 1980-тите
- Во ноември 1983 година, во Домот на младите „25 мај“ од Скопје е одржана изложбата на стрип-табли „Стрипот во Македонија“
- Во 1987 година е одржана е изложба на стрип-табли на авторот Златко Крстевски од Прилеп
4.2.2. Стрип-изложби во 1990-тите
- Изложени стрипови на „Денови на научна фантастика“ во Велес во 1990
- Изложени стрипови на „Денови на научна фантастика“ во Велес во 1991
- Изложени стрип-табли на Љупчо Филипов на Салон на ју стрип во Сараево во 1991 (по сеќавање на М. Милановиќ)
- Изложени стрипови на „Денови на научна фантастика“ во Велес во 1992
- Изложени стрипови на екс-ју автори, вклучително и македонски, на „Саунд енд стрип фестивал“ одржан во Скопје во 1995
- Самостојна стрип-изложба на Златко Крстевски во Велес во 1996
- Изложени табли на Горан Дачев и Златко Крстевски на групната стрип-изложба „Ксер“ во Белград во 1998
4.2.3. Стрип-изложби во 2000-тите
- Изложени стрипови на македонски автори на изложбата „1 и 59“ во Ангулем
- На прва Сараевска стрип смотра во 2000 се изложени дела и на неколку македонски стрип-автори
- Патувачка групна стрип-изложба во повеќе градови во периодот 2000-2001, насловена „Стрип во Лифт: македонскиот стрип во движење“
- На манифестацијата „Месец на сонцето“, во 2001 во Хрватска, изложени стрипови на повеќе македонски автори
- Изложени стрипови на Иванка Апостолова и на Златко Крстевски на групна стрип-изложба во Словенија
- Во Прилер во 2002 се одржува стрип-фестивал, изложени и стрипови
- На манифестација во Гевгелија во 2002 се изложени и стрипови
- Стрип-изложба на Атанас Ботев во Скопје во 2002
- Стрип-изложба на Иванка Апостолова во Скопје во 2003
- Изложени стрипови на Крстевски на стрип-фестивал во Швајцарија во 2003
- Изложени стрипови на Апостолова на групна изложба во Унгарија во 2003
- На манифестација во околината на Штип во 2003 се изложени и стрипови
- Изложба на СЦМ – Велес во Скопје во 2003
- Салон на стрип во Велес – 2003, на кој се изложени и стрипови
- Стрип-изложба на Сотировски, Камиловски и Дачев во Скопје во 2003
- Стрипови на македонски автори на групна стрип-изложба во Франција во 2003
- Златко Крстевски на групна стрип-изложба во Ниш во 2004
- Групна стрип-изложба „Новиот македонски стрип“ во Белград во 2004
- Стрип-изложба на Танев во Велес во 2004
- Стрип-изложба Дарко Богданов во Виница во 2004
- Стрип-изложба на стрип на ученици во Велес во 2004
- Стрип салон во Велес – 2004 на кој се изложени стрипови
- Стрип-изложба на Станковски во Велес во 2004
- Стрип-изложба во „Прес ту егзит“ во 2004
- Стрип изложба во Велес во 2005
- Стрип-изложба во Скопје во 2005
- Стрип салон во Велес – 2005 на кој се изложени стрипови
- Стрип-изложба на Иванка Апостолова во Словенија во 2005
- Стрип-изложба во Скопје во 2005
- Стрип-изложба на Искра Беличанска во Скопје во 2006
- Стрип-изложба на Дачев во Скопје во 2006
- Изложа на стрип во Скопје во 2006
- Изложбени стрипови на Ботев и Камиловски во Берлин во 2006
- Стрип-изложби (права на Роми) во Велес Градско, Неготино, Прилеп и Скопје во 2006
- Изложени стрипови на Крстевски во Шабац во 2006
- Салон на стрип во Велес – 2006, на кој се изложени и стрипови
- Изложба на македонскиот стрип во СКЦ Белград во 2007
- Стрип-изложби од проектот „Балкански стрип мост“ (автори од Македонија и екс-ју), во Скопје, Загреб, Котор и Лесковац во 2007
- Изложбени табли на Крстевски во Порто во 2007
- Стрип-изложба на Битола отворен град во 2007
- Изложба на која има и стрип во Битола во 2007
- Стрип изложба на „Бела ноќ“ во Скопје во 2007
- Салон на стрип во Велес – 2007, на кој се изложени и стрипови
- Стрип салон во Велес – 2008 на кој се изложени стрипови
- Стрип-изложба на Игор Јовчевски во Скопје во 2009
- Стрип-изложба на Здравко Гиров во Скопје во 2009
- Стрип-изложба на Михајло Димитриевски во Скопје во 2009
- Стрип-изложба на СЦМ во Велес во 2009
- Стрип салон во Велес – 2009 на кој се изложени стрипови
- Стрип-изложба на СЦМ во Призрен во 2009
4.2.4. Стрип-изложби во 2010-тите
- Стрип-изложба на СЦМ во Софија во 2010
- Стрип салон во Велес – 2010 на кој се изложени стрипови
- Стрип-изложба на Александар Сотировски во Скопје во 2010
- Стрип-изложба на Игор Јовчевски во Скопје во 2011
- „Скопје во стрип“, групна стрип-изложба во Скопје во 2011
- Стрип салон во Велес – 2011 на кој се изложени стрипови
- Стрип салон во Велес – 2012 на кој се изложени стрипови
- 2013, јуни, групна стрип-изложба „Македонскиот стрип денес“ во Лесковац, Србија, организиран во склоп на стрип фестивалот Балканска смотра на млади стрип автори, Лесковац. 40 македонски стрип автори чии што дела се избрани и изложени на групната изложба
- 2014, август, учество на групната изложба (на илустраци и стрип) „Фантастика, научна фантастика, митови и легенди“ организирана од ИМКА Битола
- 2014, октомври, групна мини-изложба на стрип во МКЦ, организирана од СЦМ, во склоп на манифестацијата „Бела ноќ“
- 2015, 27 март, групна стрип-изложба „Деветта димензија“, одржана во НУБ „Св. Климент Охридски“ Скопје
- 2015, 26-28 ноември, Skopje design week 2015, изложен и стрип
- 2016, април, групна хуманитарна стрип-изложба во Демир Хисар
- 2016, јули, групна стрип-изложба во рамки на фестивалот „Скопје стрип фест“
- 2016, октомври, групна стрип-изложба во рамки на „Бела ноќ“
- 2016, октомври, групна стрип-изложба во рамки на манифестацијата „Скопска стрип акција“
- 2017, 20 мај, групна стрип-изложба „Стрип насекаде“ во Тетово
- 2017, декември, самостојна стрип-изложба на Александар Стеванов, „Стрип во Штип“, НУ-УБ „Гоце Делчев“ – Штип
- 2019, „Македонски стрип автори“, групна-стрип изложба во Куманово
- 2019, 20 – 21 декември, „Македонски стрип“, групна стрип-изложба во Ваљево, на 3-тиот Ваљевски стрип фестивал
[1] За приказ на целокупната историја на македонскиот стрип види: Османли 2002: 157–188; Османли 2021: 240–340.
[2] Подетално за македонскиот стрип во оваа декада види: Стеванов 2019a.
[3] Всушност списание.
[4] Подетално за македонскиот стрип во оваа декада види: Стеванов 2020b; Стеванов 2021b.
[5] Подетално за македонскиот стрип во оваа декада види: Стеванов 2019a.
[6] Подетално за македонскиот стрип во оваа декада види: Стеванов 2020b; Стеванов 2021b: 1–23.
[7] Подетално за македонскиот стрип во првите шест години од оваа декада види: Стеванов 2021b: 24–49; Стеванов 2022a.