Table of Contents

од Александар Стеванов


5. Македонски историски стрип

Не само што стрипот како термин е проблематичен за дефинирање, туку тоа е случај и со историскиот стрип. Речиси секој стрип во себе има нешто историско, исто како што дури и оние кои што се правени според историските факти се зачинети со неодминлива доза фиктивност. Па така, ако станува збор за историски стрип, поскоро се работи за спектар одошто за категорија со јасни граници. Имајќи го ова предвид, критериуми по кои што беше извршена селекцијата на македонски историски стрипови во овој сегмент, освен предусловот да се работи за секвенцијално дело на автор од Македонија (или да се настанати на македонско тло, т.е. нивниот автор да живеел во Македонија во тоа време), се следниве:  

  1. Да се правени според некој историски настан. Како најблиску до условната категорија „Историски стрип“, таквите секвенцијални дела во студијава се обработени најопширно. Стрипови кои го задоволуваат овој критериум, а кои најчесто се стрипувани животописи на истакнати Македонци, се на пример: „Сирма Војвода“ на Љупчо Филипов и Илија Јордановски, „Цар Самуило“ на Миле Топуз и Драган Ташковски,  „Питу Гули“ на Диме Иванов-Димано и „Александар Македонски“ на Ниче Димовски, Зоран Танев…
  2. Нивните приказни да се одвиваат врз фонот на историски настани, односно стриповите да се сместени во одредена историска епоха. Ваквиот критериум е вклучен водејќи се од тоа дека за едно дело да биде историско не е пресудна „дури ни автетичноста на настаните и ликовите, ами колку и како ќе се долови колоритот на епохата, колку ќе се проникне во нејзината суштина“, како што пишува Душко Цацков. Вакви стрипови се: „Одмазникот од Деволските шуми“ на Љупчо Филипов, „Шенко“ на Миле Топуз, „Легенда за кусиот“ на Зоран Танев и „Балада за мојот непријател“ на Дарко Богданов и Александар Стеванов.
  3. Во нив да се појавува некоја историска личност, макар и да се работи за таква која што е митологизирана или карикирана. Како најдалечни од условната категорија „Историски стрип“, ваквите дела се спомнати само накратко. Македонски стрипови што го задоволуваат овој критериум се на пример: „Антиквизатори“ на Александар Стеванов, „Мудрецот и жената“ на Ване Трајков и Бојана Милчевска и „Јунаците умираат со оружје в рака, но со лажица в рака живеат подолго“ на Ване Трајков и Оливер Цветковски.

    За едно дело да се најде во оваа студија, доволно беше да исполнува само еден од трите критериуми, иако не мал дел од стриповите исполнуваа повеќе. За подобра прегледност, класификацијата на историските стрипови е направена првенствено според тоа во која публикација се објавени, кои речиси во целост се подредени по хронолошки редослед (со исклучок на албумските изданија и др.), а по хронолошки редослед се подредени и стриповите во секоја опфатена публикација. Објавените во Македонија стрипови со историска тематика на странски автори не се опфатени во овој сегмент. Во него не се опфатени ниту стриповите на странски автори на тема од македонската историја.

5.1. „Нова Македонија“

Весникот „Нова Македонија“, кој излегува до ден-денес, е прв македонски дневен весник. Основан е со одлука на третата седница на Президиумот на AСНОМ, одржана од 2 до 5 септември 1944 година во манастирот „Прохор Пчињски“. Првиот број на „Нова Македонија“ излегува по неполни два месеца, на 29 октомври истата година.

5.1.1. „Кузман Капидан“ на Мето Петров

Во 1952 година, на страниците на „Нова Македонија“ се појавува стрипот „Кузман Капидан“ на авторот Мето Петров. Во „Нова Македонија“ овој стрип излегува на продолженија, а е работен, како што пишува, според „македонска нар[одна]. песна“, со историска тематика. Станува збор македонската наративна епска народна песна „Кузман Кареман“, односно „Кузман Кариман“, посветена на вистинска личност од 19 век – Кузман Капидан. Песната е составена од 1 142 стиха, со што е најдолгата македонска народна песна.

Со истиот главен лик, односно историска личност, во 1860 година е создадена уште една песна, која ќе го носи насловот „Сердарот“. Нејзин автор е македонскиот преродбеник Григор Прличев, која што ќе добие награда за најдобра поема во Атина, а тој ќе биде  прогласен за втор Хомер. Идентично како и народната песна, така и поемата на Прличев ќе добие стрипувана верзија.

Во почетниот текст на стрипот „Кузман Капидан“, Петров запишал: „Во тоа време, пред сто години, пиштел македонскиот народ под зулумот на агите и беговите. Но луѓето се бореле за својата слобода, се борел и македонскиот јунак Кузман Капидан.“

Иако авторот на овој стрип – Петров, е родум од Србија, неговото историско секвенцијално дело е обработено поради тоа што на почетокот од педесеттите, односно во време кога стрипот е нацртан, неговата адреса на постојано живеење била во Скопје, Македонија, каде што и работел. Според информациите кои што ги имам, ова е прв објавен историски стрип создаден на македонско тло.

5.1.2. „Пусто турско“ на Дарко Ристевски

Стрип-ременот „Пусто турско“ за првпат на страниците на „Нова Македонија“ се појавува на 2 ноември 2009 година. Се работи за стрип на авторот Дарко Ристевски (непотпишан), од кој што се објавени неколку стотици епизоди. Стрипот е сместен во македонската историја од Отоманскиот период, оттаму и насловот. Дел од епизодите се фикција сместена во историски околности, а дел претставува хумористична и напати сатирична интерпретација на македонското минато.

5.2. „Титов Пионер“

Првиот број на „Титов пионер“ излегува во 1849 година, по што продолжува да излегува во ритам еднаш месечно. Во 1960 „Титов пионер“ го менува името во „Развигор“.

5.2.1. „Сердарот“ на Душко Перчинков, по Григор Прличев (1954 година)

Две години по објавата на „Кузман Капидан“ во „Нова Македонија“, во „Титов Пионер“ се појавува стрип со слична содржина. Станува збор за стрипот „Сердарот“, кој во тоа време ученикот Душко (Душан) Перчинков го работи според поемата на македонскиот преродбеник Григор Прличев. „Сердарот“ има битно место во историјата на македонската графичка секвенцијална уметност, колку што ми е познато, како прв објавен историски стрип во авторство на Македонец. Пред овој стрип на Перчинков, на стрип со историска тематика колку што ми е познато има работено само Панде Јаревски во 1941 година, но тој не доживува да биде објавен.

5.3. „Трудбеник“

Весникот „Трудбеник“ е македонско синдикално печатено гласило чиј што прв број е објавен непосредно по Втората светска војна.

5.3.1. „Цар Самуил“ на Миле Топуз и Драган Ташковски

На почетокот од шеесеттите години од минатиот век[1] во весникот „Трудбеник“ се појавува стрипот „Цар Самул“ за титуларниот македонски цар. Станува збор за дело кое што Миле Топуз го илустрира според текст на Драган Ташковски. Во „Трудбеник“ стрипот „Цар Самуил“ излегува на делови, во стрип-ленти со текст по цртежите. За појавата на овој стрип, Ване Трајков реминисцира:

„Необичен настан се случи во Социјалистичка Република Македонија во 1962 година, кога на последната страница од весникот ’Трудбеник‘ се појавува стрип за големиот големиот македонски цар Самуил. Стрипот излегува во еден ремен со по неколку слики и текст под цртежот.“ [2]

Во биографијата на илустраторот на овој стрип, Миле Топуз, читаме дека е еден од најстарите македонски илустратори и стрип-цртачи. Според свое тврдење тој се запишува во историјата на македонскиот културен простор како првиот кој што професионално работи како илустратор. Роден е во 1932 година во Кочани. По завршувањето на осмолетката во родниот град, во 1949 година се запишува во уметничко училиште во Скопје. По препорака на Министерството за образование, во 1950 година заминува на школување во Љубљана, во тамошното училиште за применета уметност на одделот применета графика. По завршувањето на училиштето и отслужувањето на воениот рок во 1956 година, заедно со колегата Младен Туниќ, се вработува во националниот дневен весник „Нова Македонија“, како професионален илустратор. Во детското списание „Титов Пионер“ ги прави првите обиди на полето на стрипот. Во 1958 година, во ова списание објавува неколку табли стрипувана биографија на писателот Кочо Рацин. Од 1960 година работи во весникот „Трудбеник“, како илустратор и технички уредник. Во овој период по текст на Драган Ташковски објавува шеесетина каиши од стрипот за Цар Самуил. За едициите „Никад робом“ и „Никад робом – Цртана школа“, во 1967 – 1970 година за српската издавачка куќа „Дечје Новинe“ изработува десетина стрип-свески од постарата македонска историја. Такви се: „Цар Самуил“, „Цар Гаврил Радомир“, „Војтех“, „Добромир Хрс“, „Стрез – господар на Просек“, „Карпош: Македонски селски крал“ и други. Во осумдесеттите години, во списанието за деца и млади „Наш Свет“ објавува дваесетина стрипувани биографии на народните херои од НОВ и револуцијата. Редовен соработник е и на списанието „Макстрип“ на „Детска радост“, во кое објавува подобрена верзија на стрипот „Цар Самуил“, како и првите две епизоди од стрипот „Шенко“, работен според истоимениот роман на Киро Донев. Третата и финална епизода од овој стрип, кој сега излегува и како албумско издание, го објавува во ревијата „Стрип Арт“. Во издание на Стрип центар на Македонија – Велес ги има објавено и стрип-албумите: „Цар Самуил“, „Цар Гаврил Радомир; Ѓорѓи Војтех; Добромир Хрс; Стрез господар на Просек“, „Хацон; Крал Пребонд; Климент Охридски“ и „Св. Кирил и Методиј“. Денес, како пензионер, Миле Топуз се занимава само со сликање, со што си ги осмислува пензионерските денови.[3]

Сценаристот на „Цар Самуил“, Драган Ташковски, е роден на 10 септември 1918 година во Скопје, а починал на 5 септември 1980 година. Како историчар, тој е автор на голем број историски книги, како и на стрипови со историска тематика.

5.4. „Цар Самуил“ на Миле Топуз и Драган Ташковски

По објавувањето во весникот „Трудбеник“, стрипот „Самуил“ на Драган Ташковски и Миле Топуз излегува и во неколку стрип-свески кои како наслов го носат оној на стрипот, односно на македонскиот цар чие што владение го обработуваат. Ова е прв пример кој што ми е познат за стрип-свески (comic books) објавени во Македонија.

Поради тоа што во свеските „Цар Самуил“ не е посочено кога излегле, не знаеме од точно која година датираат, но тоа веројатно се шеесеттите. [4]

5.5. „Наш свет“

Првиот број на „Наш свет“, кое што е детско, односно младинско списание, е објавен во јануари 1960 година. На страниците на оваа периодична публикација во издание на НИП „Детска радост“ се објавени голем број стрипови, вклучително и историски, меѓу кои и такви на македонски автори.[5]

Дел од броевите на ова списание, кое изобилува со стрипови, за жал не можат да се најдат во ниедна библиотека во Македонија (како што е годиштата 1966 и 1968/69).

5.5.1. „Волшебно самарче“ на Славчо Темков и Коле Манев, според романот на Ванчо Николески (бр. 132 – 134, 136)

На 28 април 1965 година, во 132-тиот број на „Наш свет“ се појавува стрипот „Волшебно самарче“. Стрипот кој што е на тема од НОБ, излегува во вкупно четири дел, во броевите 132, 133, 134 и 136. Работен е според романот „Волшебното самарче“ на македонскиот писател Ванчо Николески, а негово автори се сценаристот Славчо Темков и илустраторот Коле Манев.

По нешто повеќе од три и пол децении, во 2001 година, романот на Ванчо Николески добива уште една стриповска верзија, реализирана од Ристе Секулоски.

5.5.2. „Младиот Самоил“ на Љупчо Филипов (според романот на Драган Ташковски) (бр. 138-149)

Во 138-миот број на „Наш свет“ се појавува ,,Младиот Самоил’’, за истоимениот средновековен македонски цар. Стрипот, кој што е цртан од Љупчо Филипов, излегува во вкупно 12 епизоди. Во првите неколку епизоди стои дека „Цар Самоил“ е правен според романот на Драган Ташковски, што во подоцнежните броеви е тргнато и стои името само на Филипов.

5.5.3. „Одмазда“ на Љупчо Филипов

Во бројот 158-миот број излегува продолжението на стрипот „Младиот Самуил“, насловен „Одмазда“. Овој стрип, посветен на македонската средновековна историја, исто така е цртан од Љупчо Филипов, а излегува во 16 продолженија.

5.5.4. „Народен херој Кузман Јосифовски Питу“ на Славчо Темков и Љупчо Филипов

Најдолгиот стрип серијал во „Наш свет“ со наслов „Родени во виорот“, кој излегува од првиот број (цртан од стрип-цртачи од тогашните братски републики: Мики Мустер, Ивица Кољанин и Иво Кушанин ), излегува од рацете на македонски автор во бројот 174 од 1966 година. Автор на текстот е Славчо Темков кој текстот го работи според материјалите на борецот од НОБ Ристо Стојановски Железни, а цртежите се на Љупчо Филипов. Стрипот е со наслов „Народен херој Кузман Јосифовски Питу“. Стрипот има 8 продолженија.

5.5.5. „Рудникот е разурнат“ на Славчо Темков и Љупчо Филипов

Во 182-риот број на „Наш свет“, од крајот на 1966 година, е објавен првиот дел од стрипот „Рудникот е разурнат“. Овој стрип кој излегува во  7 дела, е работен по сеќавања на Лазо Калајџиски Добри. Текстот за истиот го пишува Славчо Темков  додека цртежите се на Љупчо Филипов. Во стрипот се работи за борба на партизаните во тиквешијата против фашистичкиот окупатор и уништување на многу важниот стратешки рудник „Дудица“.

5.5.6. „Родени во виорот: Заседа кај Црна“ на Славчо Темков и Љупчо Филипов

Авторски двоец Славчо Темков и Љупчо Филипов, по сеќавањата на Лазо Калајџиски Добри, го работат стрипот „Заседа кај Црна“, кој во девет дела излегува од 189-тиот (кој е прв број за 1967 година) до 197-тиот број на „Наш свет“. Стрипот го обработува периодот на успеси на партизанските одреди „Добри Даскалов“ и „Сава Михајлов“ во Тиквешијата, паѓањето во заседа од бугарскиот окупатор кај Црна Река и загинувањето на многу партизани меѓу кои и на народниот херој комесарот на одредот Габер.

5.5.7. „Родени во виорот: Минерот Марко“ на Славчо Темков и Љупчо Филипов

Во 199-тиот број на „Наш свет“ се појавува епизодата во осум продолженија со наслов „Минерот Марко“ работен по сеќавањето на Тоде Саздовски-Мали. Сценаристот Славчо Темков и илустраторот Љупчо Филипов со овој стрип нѐ пренесуваат во кумановскиот крај за време на Втората светска војна каде, откако бугарскиот окупатор ќе му ја одземе и последната крава, чичко Марко решава да замине во партизани и со своето знаење од минерската струка да придонесе за неколку успешни акции.

5.5.8. „Крвава априлска ноќ“ на Славчо Темков и Љупчо Филипов

Во бројот 210 на „Наш свет“ се појавува стрипот „Крвава априлска ноќ“ работен во 12 продолженија, по текст на Славчо Темков и цртежи на Љупчо Филипов. Стрипот го опишува последниот период од животот на народните херои Киро Крстев и Димче Мирчев, опколени од бугарската војска и полиција во една куќа во Кавадарци. По целодневна борба каде загинуваат многу војници и полицајци (меѓу нив и домашниот предавник), храбрите партизани храбро загинуваат давајќи ги несебично своите животи за слободата на Македонија.

5.5.9. „Три ноќи, три акции“ на Славчо Темков и Љупчо Филипов

Во 222-риот број на „Наш свет“, започнува да излегува стрипот „Три ноќи три акции“ каде двоецот од овој серијал Славчо Темков и Љупчо Филипов , во 13 продолженија ни ја опишуваат борбата на  кавадаречкиот партизански одред во напорите за конечно ослободување на Кавадарци во есента 1944 година.

5.5.10. „Казна за предавникот“ на Мишко Хрдличка

Во бројот 363 на насловната страница се појавува стрип од стрип цртачот Мишко Хрдличка од Куманово (кој само пред неколку месеци доби една од трите големи награди на стрип конкурсот на ,,Политикин забавник’’ ). Стрипот се вика ,,Казна за предавникот’’ и е комплетно напишан и цртан од самиот автор. Овој автор повеќе не се појавува на ниту едно списание за стрипови и останува во историјата на македонскиот стрип со само два комплетни стрипа. Целиот свој работен век го мине како дизајнер во родниот град. Стрипот има 4 продолженија.

5.5.11. „Гоце Делчев“ на Илија Јордановски и Љупчо Филипов

Во бројот 371, на радост на многубројните читатели на „Наш свет“, на насловната страница се појавува стрипот за великанот на македонската револуција Гоце Делчев. Во 27 продолженија Илија Јордановски како автор на текстот и Љупчо Филипов, како автор на цртежите не носат во детството на Гоце Делчев, неговото школување, работата како учител, револуционерниот живот, борбата со осмалиската власт во Македонија и неговото загинување во селото  Баница во 1903 година.

5.5.12. „Јане Сандански“ на Илија Јордановски и Љупчо Филипов

После стрипот за Гоце Делчев, истите автори во бројот 398 ни претставуваат уште еден великан од времето на македонскиот народ под турско ропство. Тоа е Јане Сандански и епизодата од неговиот живот со грабнувањето на американската протестантска мисионерка, Мис Елен Стон. Стрипот со големо внимание е следен од читателите во 15 продолженија.

5.5.13. „Последен извештај“ на Илија Јордановски и Љупчо Филипов

Како увертира во следниот  голем проект на Јордановски и Филипов, во бројот 413 се појавува стрипот „Последен извештај“ за борбрните подвизи на народниот херој и политички комесар на четата Мирко Милевски. Стрипот има 9 продолженија.

5.5.14. „Посилни од смртта“ (разни епизоди) на Илија Јордановски и Љупчо Филипов

Од бројот 421 до бројот 463 во четириесетина продолженија, претежно од по 2 страници за секој наслов, во серијалот ,,Посилни од смртта’’, се појавува плејада од имиња на народни херои од НОБ како и две имиња од борбата на револуционерите под османлиско ропство. Авторите Илија Јордановски и Љупчо Филипов ни ги донесуваат животописите во цртежи на: Стеван Наумов Стив, Чеде Филиповски Даме, Ибе Паликуќа, Лазо Колевски Лавски, Злате Михајловски, Христијан Тодоровски Карпош, Јосиф Јосифовски Свештарот, Борко Менков, Оливера Вера Јоциќ, Киро Атанасовски и Димче Мирчев, Борка Велевски Горанов, Панче Поповски, Александар Урдаревски Станко, Ванчо Прке Сермен, Бајрам Шабани, Киро Фетак, Јордан Пиперката и Сава Михајлов.

Ако кон овие стрипови го додадеме фактот дека стрипот за народниот херој Мирко Милевски комплетно влегува по тема и содржина на погоре споменатите наслови на стрипови, доаѓаме до заклучок дека Илија Јордановски, како автор на текстот и Љупчо Филипов, автор на цртежите и летерингот, направиле комплетен стрип албум од 49 страници. За жал, низ историјата на македонското стрип издаваштво, ниту еден уредник, во тоа време но, и потоа, немаа храброст овие стрипови да ги објават во една стрип книга, како што, впрочем, овие автори заслужуваат, зашто се едни од носителите на стрип историјата во Македонија.

5.5.15. „Дванаесетмината“ на Мишо Китановски и Диме Иванов-Димано (бр.  464 – 487)

Веќе во следниот број, редакцијата на „Наш свет“  ни претставува уште едно име од македонската стрип-сцена кое остава голема трага во цртањето на стрипови, претежно со историска тематика. Тоа е Диме Иванов-Димано, кој на страниците на ова списание, а подоцна и во другите изданија на „Детска радост“ од Скопје, ќе претстави мноштво стрипови работени во карикатурален и реалистичен стил.  Стрипот „Дванаесетмината“ работен по текст на Мишо Китановски ја обработува темата на стрелањето на дванаесет млади момчиња од селото Ваташа, Кавадаречко. Обвинети дека припаѓаат на младинската организација на КПЈ од страна на бугарските фашисти, тие се прво мачени, а потоа и стрелани. Како да тоа не било доволно за очите на нивните родители, браќа и сестри, бугарскиот началник на полиција наредува секое тело на овие млади момчиња биде по  неколку пати прободено со бајонети од страна на бугарските војници. Така измасакрирани телата на дванесетмината млади скоевци се оставени на родителите.

5.5.16. „Војводата Јордан Пиперката“ на Илија Јордановски и Љупчо Филипов

Од бројот 456 до бројот 459, во 4 продолженија на последната страница во боја, по текст на Илија Јордановски, Љупчо Филипов го црта стрипот за славниот војвода Јордан Пиперката.

5.5.17. „Сава Михајлов“ на Илија Јордановски и Љупчо Филипов

Веќе во следниот број истите автори го работат стрипот за Сава Михајлов, уште еден борец од  славната македонска борба против османлиите. И овој стрип излегува во 4 продолженија.

5.5.18. „Ѓорѓи Сугарев“ на Илија Јордановски и Љупчо Филипов

После завршувањето на стрипот ,,Дванаесетмината’’ цртан од Диме Иванов Димано по текст на Мишо Китановски, кој излегува од бројот 464 до 487, во 24 продолженија, на страниците на ,,Наш свет’’ повторно се враќа двоецот  Илија Јордановски и Љупчо Филипов.

По неколку броеви пауза без стрип на последната страница, во 491 број се појавува стрипот за Ѓорѓи Сугарев. Стрипот има 4 продолженија (до бр. 494), а негови автори се Илија Јордановски и Љупчо Филипов.

5.5.19. „Три ноќи, три акции“ на Славчо Темков и Љупчо Филипов

Во бројот 495 е објавена стрип за Христо Узунов, кој излегува во четири дела (до бр. 498), а чии што автори се Илија Јордановски и Љупчо Филипов.

5.5.20. „Питу Гули“ на Илија Јордановски и Диме Иванов-Димано

Веќе во следниот број, по текст на Илија Јордановски, Димано го црта стрипот за Питу Гули во 20 продолженија.

5.5.21. „Веле Марков“ на Илија Јордановски и Диме Иванов-Димано

Веднаш потоа, Димано  и Илија Јордановски,  продолжуваат со славните војводи и нивната борба за ослободување од турско ропство. На ред е Веле Марков стрип кој е работен во седум продолженија.

5.5.22. Стрип по мотиви на Марко Цепенков на Илија Илиевски

Следува пауза од објавување на македонски стрипови од цели 25 броеви ( школска 1976/77 ) за да на страниците се појави стрип со мотивите од Марко Цепенков цртан во 18 продолженија од наставникот по ликовно образование Илија Илиевски.

5.5.23. „Епопејата на Ножот“ на Диме Иванов-Димано

Веднаш по него Димано се враќа како комплетен автор со епопејата на Ножот. Стрипот ,,Борбата на Ножот’’ излегува во десет продолженија.

5.5.25. „Цена на слободата“ на Диме Иванов-Димано

По неколку броеви пауза, Димано се враќа со стрип од НОБ под наслов „Цена на слободата“ кој излегува во 16 продолженија, односно до крајот на школската 1977/78 година.


[1] Во „Стрип – запис со човечки лик“ и во „Стрип: деветтата уметност“ (стр. 262–263), повикувајќи се на самиот автор, е прибележано дека стрипот излегол во 1962 година. При мојот увид во „Трудбеник“, не успеав да го пронајдам овој стрип во оваа година, а ниту во претходната и наредната година.

[2] Цитатот е преземен од написот „Кон стрипот ’Убиството на Арон‘“ на Ване Трајков, предвидено да биде објавен во 35-тиот број на стрип-магазинот „Стрип Креатор“.

[3] Биографијата на Топуз во најголем дел е преземена од стрип-албумот „Шенко“ (СЦМ – Велес, 2021) и од други стрип-албуми во издание на СЦМ – Велес, на кои Топуз се потпишува како автор.

[4] Во интервју со Топуз од 2018/2019 година пишува дека се објавени во 1968 година. Свеските, како засебни наслови, не можат да се најдат во ниедна македонска библиотека која што е е дел од Cobiss системот, вклучително и во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје.

[5] Информациите за најголем дел од стриповите објавени во „Наш свет“ ги добив благодарение на Ване Трајков, кој што го истражува ова списание.