ВИДОВИ, КАРАКТЕРИСТИКИ, КЛИША И СТЕРЕОТИПИ ВО МАКЕДОНСКИ ИСТОРИСКИ СТРИП

Историските стрипови, освен тематската основа, имаат низа особености што ги прават различни од останатите. Во национално-класифицираната секвенцијална демиургија, свои особености имаат и македонските историски стрипови. Хронолошки таквата идиосинкразија кај нив е налична уште пред стекнувањето на македонската независност, односно и за време на бивша Југославија. За разлика од стриповски најразвиените во тоа време југословенски творечки центри каде што комерцијално царуваат партизанските стрипови, односно оние на тематика од Народно-

-ослободителната војна, во Македонија тие се во подредена положба. Македонските стрип-автори се фокусираат главно на подалечното минато, носејќи ги домашните стрипољупци во илинденскиот период и средновековието. Во поново време, во време на намалување на бројот на историски стрипови, оние на тема од НОБ се непостоечки, а за сметка на тоа македонските стрип-творци избираат теми и од античноста на Македонија.

6.1. Видови македонски историски стрипови

Разликуваме два вида на македонски историски стрипови, кои во повеќето случаи не е воопшто тешко да се класифицираат. Двата вида, освен основната имаат низа особености кои дополнително ги дистанцираат една од друга.

6.1.1. Историски стрипови правени според вистински настани и личности

Поголемиот дел од македонските историски стрипови се правени на база на вистински историски настани и во нив како ликови се појавуваат реални историски личности. Такви се стриповите за Александар Македонски, цар Самуил, Хацон, Пребонд, Стрез, Ѓорѓи Војтех, Добромир Хрс, Гаврил Радомир, Св. Кирил и Методиј, Св. Климент Охридски, Гоце Делчев, Јане Сандански, Стеван Наумов Стив, Чеде Филиповски Даме, Ибе Паликуќа, Лазо Колевски Лавски, Злате Михајловски, Христијан Тодоровски Карпош, Јосиф Јосифовски Свештарот, Борко Менков, Оливера Вера Јоциќ, Киро Атанасовски и Димче Мирчев, Борка Велевски Горанов, Панче Поповски, Александар Урдаревски Станко, Ванчо Прќе Сермен, Бајрам Шабани, Киро Фетак, Јордан Пиперката, Сава Михајлов…

 Ваквите стрипови се одликуваат со историска веродостојност на случувањата, за сметка на наративната структурираност на приказната. Веројатно најемблематичен автор на вакви стрипови е Миле Топуз, кому безмалку сите историски стрипови, со исклучок на „Шенко“ му се од овој вид. На прашањето дали при изработката на ваквите стрипови се жртвувал дел од историската вистина за сметка на наративот, во интервју кое што го направив со него Топуз ми одговори дека главно се држеле главно до фактите, што е евидентно и од самите стрипови.

Причина зошто овој вид историски стрипови во Македонија е предоминантен, сепак не толку се должи на цртачите, колку на сценаристите. Имено, одговорот зошто кога станува збор за македонскиот историски стрип и македонскиот стрип вопшто, настаните од македонската историја се често земани како тема за стрипување, се крие во професијата на добар дел сценаристите од раниот период на развој на македонскиот стрип. И Илија Јордановски и Драган Ташковски, кои соработуваат со Миле Топуз и Љупчо Филипов, по професија се историчари. Исто така историчар, директор на Институтот за национална историја во Скопје, е и Ѓорѓи Абаџиев, кој се јавува како автор на неколку сценарија за стрип реализирани од Коле Манев.

6.1.2. Стрипови со измислени приказни, сместени во историско миље

Вториот вид македонски историски стрипови, кој пак од своја страна се разгранува на поголем број подвидови, е оној во кој приказната е фикциона, без оглед дали е инспирирана од реални историски настани или не. Во ваквите стрипови обично протагонистите се измислени ликови, но во нив, како би се засилил нивниот историски карактер, се појавуваат и вистински личности познати од историјата. Вакви стрипови се на пример „Одмазда на еднооките“ на Љупчо Филипов, „Шенко“ на Миле Топуз, правен според роман на Киро Донев, и „Вара: каменот на љубовта“ на Иван Пешев, Зоран Танев, Смиле Цветановски и Тони Анастасовски. Иако ваквите стрипови не се работени според реални настани, во нив повеќе или помалку веродостојно се доловува духот на времето, а неминовно изобилуваат и со реквизити и сценографија од соодветното време.

Дел од овој вид на историски стрипови се јавуваат со цел уметничка експресија и нивниот историски карактер е само заради контекстот, што е случај на пример со стрипот „Надежта е нешто пердушесто“. Иако фикциони, со дел од нив веродостојно се доловува атмосферата од временската епоха во која што се одвиваат, како на пример случајот со „Шенко“ на Миле Топуз. Освен атмосферата, со дел од нив во целост се доловува и историската вистина, на метафоричен, односно надреалистички начин, каков што е на пример случајот со стрипот „Балада за мојот непријател“. Кај „Вара“, пак, сценаристот си поиграл со историјата и во него на комичен начин прикажал спој на две хипотези за потеклото на македонскиот народ. Во поново време среќаваме и некои постмодернистички стрипови делумно во историски контекст, каков што на пример „Љубов и вера, тогаш и сега“ на Маја и Еми Нацевски и Игор Јовчевски со кои се разбиваат некои стереотипи од отоманскиот период.

Таков е на пример и серијалот веб-стрипови „Антиквизатори“, во кој што историските личности се прикажани од поинаков аспект од оној што го знаеме од официјалната историја.

6.2. Главни особености

Уникатноста на македонските историски стрипови се забележува и според клишеата, наративните механизми и стереотипите што се среќаваат кај нив. Но за да стигнеме до нив, а и за истите подобро да се сфатат, најпрво треба да „прошетаме“ низ нивните главни особености.

6.2.1. Теми исклучиво од македонската историја

Македонските историски стрипови, особено оние што се правени на база на реални настани, најчесто се на тема од богатиот фундус на македонската национална историја. Кога би почнале да се набројуваат примерите за ова, би требало да се набројат речиси сите македонски историски стрипови, како на пример тие за Александар Македонски, цар Самуил, цар Гаврил Радомир, Хацон, Пребонд, Св. Климент Охридски, Гоце Делчев… Исклучок од оваа особеност што е налична кај речиси сите македонски историски стрипови наоѓаме во стрипот „Во обрач“ кој по сценарио на Илија Јордановски го црта Љупчо Филипов. Во овој стрип се раскажува за настани сместени во окупираниот дел на Косово и Методија за време на Втората светска војна, во кој протагонист е народниот херој Мустафа Бакија. Од македонските стрипови сместени во историски контекст среќаваме такви кои што се одвиваат на Дивиот Запад, а има и пример за стрип од времето и од фронтот на бурските војни.

6.2.2. Подобна и неподобна историја

Интересна особеност се забележува кај македонските историски стрипови од југословенскиот период. Не помалку веродостојно одошто преку настаните што ги обработуваат, може да се разгледа историјата ако се анализираат темите и историските период што тие ги обработуваат. Па така, во овој период избираните теми за македонските историски стрипови се по доаѓањето на Словените на овие краеви, односно од историјата што е офоцијалната југословенска историја ја смета за повеќе или помалку општа. Колку ова било диктирано од комунистичкиот врв е тема за некоја посериозна студија. Од една страна постојат изјави на пример од вработени од едицијата „Никад робом“, каде што се објавени мноштво македомски историски стрипови, дека никој од власта не им се мешал во изборот. Од друга страна, споменатите показатели покажуваат дека сепак имало некое влијание, ако не од врвот, тогаш од пониските ешалони. Потврда за последното е дека дел од креаторите на македонските исторски стрипови се на високи раководни позиции.

По осамостојувањето, македонските стрипописци компензираат за ова, избирајќи теми од историјата што претходно не биле обработувани на стрип, како што се тие од антиката. Прв македонски историски стрип на тема од балканските војни, односно од периодот на поделбата на Македонија, колку што ми е познато е објавен дури неодамна.

6.2.3. Дежурни негативци (Турци, Ромеи/Византијци, Германци)

Идентично како што историјата како тема на македонските историски стрипови за време на Југославија е подобна и неподобна, таков е изборот на негативците. Во улога на такви во нив најчесто се избирани отомански војници и (одметнати) отомански големци, како и Ромеи (Византијци). Кога станува збор за историските стрипови од периодот на НОБ, се забележуваат и Германци, но чудно изостануваат нивните балкански сојузници и колаборационисти. Симптоматично во југословенскиот период како да има ембарго на периодот од поделбата на Македонија, што веројатно се должи на мир во југословенската заедница и тивко неутрализирање на македонската национална посебност.

6.2.4. Црно-бела симплификација и наивност

Имајќи предвид дека добар дел од историските стрипови се наменети за страниците на детските списание („Наш свет“), тие се подложение на упростување особено, но не само, од морален аспект. За ова подетално ќе стане збор во секцијата за клишеата. Во поново време се појавуваат неколку покомплексни стрипови, со повеќе нијанси и без исцртани строги граници.

6.2.5. Историска вистина за сметка на наратив

Како што беше посочено погоре, во најголем дел од македонските историски стрипови, наративот е жртвуван за сметка на историската вистина. Секако, има и обратни примери, главно кај вториот вид стрипови. Таков емблематичен пример е „Одмазда на едкооките“ на Љупчо Филипов.

6.2.6. Експозиција (обемен текстуален дел)

Многу често македонските историски стрипови, особено оние во кои се стрипувани реални настани, изобилуваат со експозициски текстови и наратив, односно текстуален дел во кој што се објаснуваат случувањата, вклучително и оние што претходат и следат. Во овие стрипови, во кои се нарушува принципот „покажи, а не кажувај“ (што не е чудно имајќи предвид дека нивните сценаристи се професионални историчари, а не драматурзи), потенцијалот на стрипот како визуелен медиум не е искористен во потполност, а сето за сметка на историската веродостојност и за опфаќање на што повеќе случувања во ограничениот простор.

6.3. Клишеа, наративни механизми, наративни елементи и други особености

Македонските историски стрипови, покрај основната особеност која што ги определува како такви – да бидат на историска тематика, изобилуваат и со низа вторични белези кои дополнително ги детерминираат. Во нив спаѓаат и користените наративни механизми, без оглед дали се клишеа или не. Кога станува збор за македонските историски стрипови, едно од најчестите клишеа (односно често/прекумерно употребувани во случајов наративни елементи и механизми) е изборот на протагонист; во речиси сите нив протагонистот е архетипски херој, кого го красат безкомпромисноста, пожртвуваноста и аурата на морален шампион, и кога се работи за реален историски лик и кога станува збор за измислен.

Со оглед на тоа што на секој херој му треба противник, како би се докажал како херој, во македонските историски стрипови редовно среќаваме и негативци, кои како по правило се крволочни злодеи, без особено разработени мотиви и личност, правејќи ги црно-бели на моралната палета. Во една ваква констелација на ликови, приказните кои што македонските историски стрипови ги раскажуваат најчесто вклучуваат битки и херојски подвизи. Интересна особеност на македонските историски стрипови, што поретко се среќава кај другите нации (особено поголемите) е глорификацијата на поразот кога водената битка е морално оправдана (битка за слобода). Ваквата особеност се чини дека е директно обусловена од историјата на македонскиот народ и земја во која крајната победа – слободна и независна Македонска држава, е нанижана со бројни тешки моменти и порази.

Исто така интересно да се спомне е тоа што одредени наративни механизми кои што глобално посматрано се клишеа, во македонските историски стрипови се употребувани ретко и во тој контекст делуваат свежо. Всушност, поради тоа што најголемиот број од македонските историски стрипови се креирани на база на реални настани и структурираноста на наративот е жртвуван за сметка на историската вистина, во нив не среќаваме многу клишеа. Поради тоа во оваа листа ќе бидат застапени и клишеата кај македонските стрипови, на кои ќе се стави акцент, но и клишеата во регионални и светски рамки кои во македонските историски стрипови се наративни механизми без тој дополнителен статус. Овде би требало да се истакне и дека одредени клишеа во нив всушност се историски факти, со оглед на тоа што најголем дел од македонските историски стрипови се правени врз основа на реални настани и личности, со минимална драматургија и авторска слобода за користење на наративни механизми што не се реални.

6.3.1. Протагонистот како херој

Едно од најчесто употребуваните клишеа во македонските историски стрипови е изборот на херојски архетип за протагонистот на приказната. Такви се речиси повеќето македонски историски стрипови, меѓу кои спаѓаат: „Војдан“, „Одмазда на еднооките“,, па до некаде и „Шенко“, иако во него титуларниот лик се јавува во улога на протагонист дури во финалната трета епизода. Поради тоа се добива впечаток дека единствен можен протагонист за еден (македонски) историски стрип е херојот и дека херојските подвизи на хероите (од Македонија) се единствена тема за приказна на историските стрипови. Иако и во светски рамки ваквото клише е меѓу најупотребуваните, дека тоа не е неизбежно говорат примерите за историско-биографските стрипови од автори припадници на други нации, како што се на пример: „Факс од Сараево“ (Fax from Sarajevo) на Џо Куберт, „Лајка“ на Ник Абаѕис и „Персеполис“ (Persepolis) на Маржан Сатрапи.

Исклучоци од ова правило, кога станува збор за македонските историски стрипови, се стриповите со титуларен лик просветител, избор за протагонист што образува ново клише за што ќе стане збор подолу, како и оној од стрипот „Дневникот на изгубената надеж“ на Александар Сотировски. Тотален антипод на ова клише е протагонистот од стрипот „Балада за мојот непријател“, што не е херој, а ниту пак има амбиции за херојство, туку е обичен човек неволно втурнат во неколку војни, што од своја страна претставува метафора за трагичната судбина на Македонецот за време на Балканските војни и Првата светска војна.

6.3.2. „The moral highground of the hero“ (или: за моралната супериорност на протагонистот)

И глобално посматрано, (незначително) малцинство се стриповите во кои што протагонистот е (изразит) негативец. Кај македонските историски стрипови, таквата состојба е уште поизразена. Ако во глобални рамки примери што го разбиваат ова клише се значително помалку од оние кои што го поддржуваат, кога станува збор за македонските историски стрипови не можам да се сетам на пример во кој што протагонистот не бил морално супериорен од своите опоненти.

6.3.3. Протагонист со ореол на светец (или: за непогрешивоста на протагонистот)

Не само што протагонистите во македонските историски стрипови се морално супериорни во однос на своите опонентни, туку често се прикажани со метафоричен ореол на светец, односно како непогрешиви личности во сите ситуации, што претставува екстремна верзија на претходно клише.

6.3.4. „Baptism of fire“ (или: воено крштевање)

Кога станува збор за херој како протагонист, често се случува неговата херојска иницијација да се должи не на последователна низа од настани, туку на негово директно втурнување во некоја незгода – војна или како жртва на криминал – или да има т.н. воено крштевање. Такви примери бележиме и во македонските историски стрипови, како на пример кај „Одмазда на еднооките“ и „Војдан“. Во првиот стрип протагонистот (протагонистите) станува жртва на ѕверството на Ромеите кои го ослепуваат на едното око, по што тој се докажува како херој. Во вториот стрип титуларниот протагонист го губи семејството од рацете на ромејски војници, случка што ќе го предодреди неговиот животен пат на херој и заштитник на македонското население.

6.3.5. „The underdog“ (или: за протагонистот во инфериорна позиција)

Како би се стигнало до неочекуван пресврт во приказната, во светски рамки протагонистот неретко е во подредена ситуација во однос на своите опонентни. Ваквото клише се среќава и кај македонските историски стрипови, во кои протагонистот е во инфериорна позиција, од која често излегува како победник. За варијации, односно специфични подвидови на ова клише ќе стане збор подолу.

6.3.6. Протагонистот како просветител

Ако не е херој, втор најчест избор за протагонист кај македонските историски стрипови, што пак директно ја диктира неговата приказна, е просветителот. Такви стрипови се на пример оние за Св. Кирил и Методиј, Св. Климент Охридски, Јордан Хаџиконстантинов-Џинот и др.

6.3.7. Протагонистот како значајна историска личност

Клишеата за протагонистот како херој и како просветител, со исклучок на одредени стрипови (како што се оние за фикционите Војдан и Шенко), можат да се сублимираат во едно: на фактот што најчесто протагонистот е историски значајна личност. Такви се стриповите за народните херои од народноослободителната борба, од револуционерниот период, од средновековието, како и од антиката. Исклучок од ова клише овде би бил протагонистот на стрипот „Војдан“ кој што не е историска личност, а освен силата, моралот и хероизмот што го красат, и во самата приказна не е прикажан како историски значаен лик. Исклучоци се и Шенко и Вара.

6.3.8. „The straw that broke the camel’s back“ (или: капката што ја прелеа чашата)

Во светската литература и друга наративна уметност неретко се среќава клишето за влакното што го скрши грбот на камилата или за капката што ја прелеа чашата. Во македонските историски стрипови се среќава кај некои историски стрипови на тема од револуционерниот период во кои и покрај бројните зулуми на отоманските големци, одреден настан пресудува да се застане против неговите самоволија, што пак ја придвижува приказната нанапред.

6.3.9. „Every hero needs its vilain“ (или: За лончето и капачето)

Имајќи предвид дека во македонските историски стрипови протагонистот најчесто е херој, како би го оправдал своето постоење авторот на делото неизбежно мора во приказната да внесе и негативци. Негативецот понекогаш е безличен, односно претставува збир на војници на непријателска војска кои не се драматуршки подетално обработени.

6.3.10. Морал во црно-бели бои

Со оглед дека голем дел од македонските историски стрипови се објавувани во детскиот печат за време на бивша Југославија, во нив најчесто моралот е црно-бел. Во нив нешто или е добро или е лошо, без нијанси помеѓу.

6.3.11. Протагонистот/протагонистите секогаш се на вистинската страна на историјата

Со оглед на црно-белиот морален свет кој што царува во најголем дел од македонските историски стрипови, клише од кое што е тешко да се побегне е протагонистот редовно да е на вистинската страна на историјата.

6.3.12. Негативците секогаш се на погрешната страна на историјата

Обратно од претходното клише, негативецот секогаш е на погрешната страна на историјата. Со оглед дека станува збор за македонски историски стрипови, кои што најчесто се на тема од македонската историја, репер за ова е слободна македонска држава и историските дејства кои што водат до тоа.

6.3.13. Некомпромисност

Како израз на црно-белиот свет во кој што живеат, протагонистот во македонските историски стрипови најчесто е безкомпромисна личност, која спремна да го положи и животот ако треба без да се повлече од своите идеали и цели. Ова клише врв доживува во синтагмата подобро ужасен крај одошто ужас без крај, за што ќе стане збор подолу.

6.3.14. Протагонистот/протагонистите секогаш се посилни/попаметни

Иако во подередена позиција (и помалубројни) како стрипот би завршил со хепиенд, често протагонистот (протагонистите) се попаметни од нивните опоненти. Ова клише се нарушува во стриповите што завршуваат со херојска смрт на протагонистот, што пак од своја страна создава ново клише.

6.3.15. Негативецот/негативците секогаш се послаби/поглупави

Како огледална проекција на претходното клише, негативците во стриповите редовно излегуваат надитрени. А, дури и кога приказната завршува со смрт на протагонистот, тоа е во борба со далеку надмоќен непријател, односно како резултат не на индивидуалната сила/памет на негативците туку на нивната нумеричка предност. Ова клише не е налично кога на пример негативците се соочуваат со народот во чуја служба е ставен херојот, за што ќе стане збор и подолу.

6.3.16. „A few good man“ (или: позитивците во малцинство)

Како дополнение на клишето за протагонистот што е во подредена позиција, често во македонските историски стрипови страната на доброто е во малцинство. Во ваквите стрипови, протагонистите, кои ги красат херојството и правичноста, се судираат со бројчено надмоќна, обучена, професионална војска, при што често победуваат, иако во дел од стрипови што се создадени според реални настани и губат (за што ќе стане збор подолу).

6.3.17. „An army of one“ (или: човек-армија)

Екстремен пример за претходното клише е кога протагонистот сам се бори против злото. Примери за оваа особеност во македонските историски стрипови среќаваме во дел од битките на Војдан, и Шенко.

6.3.18. „Sidekick“ (или: помошник)

Една од особеностите на американскиот суперхеројски стрип ја среќаваме и во македонските историски стрипови. Тоа е помошникот на протагонист. Пример за ова се Ботин и рисот Демон на Војдан и Амет на Шенко.

6.3.19. „Joined at the hip“ (или: еднојајчни близнаци)

Во македонските историски стрипови не се чести примерите на ликови кои што се неразделни од други. Примери за оваа особеност се Шенко и Амет, односно Војдан и Демон, кои сепак не секогаш се заедно. Друг пример се тројцата протагонисти на стрипот „Одмазда на еднооките“. Можеби најтипичен пример за ова се Вили Вилд и Џек, кои пак како и претходните се фикциони ликови, во случајов сместени на миљето на Дивиот Запад.

6.3.20. Народот како жртва

Иако протагонистите во македонските историски стрипови најчесто се херои, народот во чија служба тие се ставаат обично е прикажан како жртва, без капацитетот за самоодбрана (најчесто поради бројноста и спремноста на непријателот). Оваа особеност што редовно се среќава во македонските историски стрипови, уште повеќе ја истакнува посебноста на протагонистот, а врв достигнува во претходно споменатотот клише.

6.3.21. „When it rains, it pours“ (или: од лошо кон полошо)

Во дел од македонските историски стрипови приказната се придвижува од лошо кон полошо, до пред самиот крај. Ова е наративен метод чија цел е пресвртот на крајот да биде што поголем, кој се среќава и во библијата. Пример за ова, кога станува збор за македонските историски стрипови среќаваме кај стрипот „Шенко“, во кој негативците прво сакаат да грабнат девојка, за потоа да ги принудат селаните принудно да се стават во служба на отоманскиот големец.

6.3.22. „No rest for the wicked“ (или: ликови без загарантирано право на одмор, но и без егзистенцијални проблеми)

Едно од најчестите клишеа во литературата и другите наративни уметности е приказот само на најбитните мигови од животот на главните ликови, без оние монденските. Ова клише се забележува и кај македонските историски стрипови. Па така во нив херојот од една згода оди во друга, без да се грижи за егзистенцијални проблеми. Слично нешто се забележува и кај негативците.

6.3.23. „Agains all odds“ (или: наспроти шансите)

Ова клише е често користено со цел што поголем пресврт на наративот, а претставува победа на протагонистот наспроти малите шанси за тоа. Истото се среќава и кај македонските историски стрипови, во кои протагонистите се среќаваат со помногуброен и подобро вооружен непријател.

6.3.24. Пресимплификација на негативецот/негативците

За што стана збор и погоре, имајќи предвид дека добар дел од македонските историски стрипови се наменски правени за деца и младинци, во нивниот морално-црно бел свет негативците се симплифицирани.

6.3.25. Негативецот/негативците како злодеи

Како поекстремна варијација на претходното клише, во дел од македонските историски стрипови негативците се прикажани како злодеи, чија единствена мотивација е жедта за крв и солзи. Таков пример среќаваме во „Војдан“, каде што Ромеите се безпоштедни кон македонското население. Како би биле прецизни, ова и не е далеку од историската вистина, имајќи предвид дека токму на територијата на Македонија Ромеите извршуваат едно од најголемите ѕверства во историјата на човештвото, ослепување на 14 000 македонски војници. Овој настан неколку пати бил предмет на обработка во македонските историски стрипови. Истиот настан го обработуваат и хрватските автори Руди Аљиновиќ и Андрија Мауровиќ.

6.3.26. Дехуманизација на негативецот/негативците

При симплификацијата на негативците во дел од македонските историски стрипови, се испушта можноста за подлабинска разработка на нивната личност, да се прикаже дека дел од војниците можеби неволно биле испратени на фронтот, дека имаат внатрешни судири, дека се луѓе. На тој начин се делува кон дехуманизација на негативците. Причината за ова, како што беше кажано погоре, за најголем дел од нив лежи во тоа што стриповите се правени за детска возраст без амбиции да бидат врвни дострели на деветтата уметност.

6.3.27. Приказ низ очите на протагонистот

Едно од најчестите клише во македонските историски стрипови е тоа што приказната се раскажува доминантно низ очите на протагонистот, односно позитивецот. Типични такви примери се „Одмазда на еднооките“ и особено „Војдан“ и „Шенко“. Ова е причина и воедно последица од претходните три клишеа за негативецот.

6.3.28. „More screen time for the hero, less for the vilain“

Како варијација или логична последователност на претходната особеност, протагонистот добива значително повеќе простор за приказ на неговата личност и дејствија во панелите на стрипот. Ова е резултат на фактот што голем дел од македонските историски стрипови се правени за да се слави одредена личност од македонската историја.

6.3.29. Македонци VS немакедонци

Имајќи предвид дека македонските историски стрипови најчесто се на теми од македонската историја, како и тоа дека протагонистот во нив е архетипски херој, приказната неминовно се сведува на борба помеѓу Македонци и немакедонци, односно странски освојувачи. Овде има исклучок кога станува збор за клишето со предавството за што ќе стане збор подолу.

6.3.30. Македонија (и нејзината слобода) како мекгафин

Кога станува збор за македонски историски стрипови од периодот на средновековната македонска држава, револуционерниот период и народноослободителната борба (Втора светска војна), мекгафин во приказните редовно е Македонија, односно нејзината слобода/ослободување гледано од страна на протагонистот, т.е. поробување (или задржување под контрола) гледано од страна на негативците. Исклучок од ова има кај стриповите кои што се сместени во античноста.

6.3.31. Љубовен триаголник

Често клише во романтичните приказни е љубовниот триаголник, односно кога точки на љубовните интереси се три личности. Иако не се среќава многу често, и во македонските историски стрипови има примери за ова клише, како што е на пример стрипот „Шенко“, во кој отоманскиот големец е вљубен во Ленка, а таа во Илија. Љубовен триаголник среќаваме и во „Љубов и вера, тогаш и сега“. Со оглед дека најчест мекгафин во приказните на македонските историски стрипови е Македонија, овој наративен механизам би можел да се искористи за градење на интересни приказни во кој се мешаат љубовта помеѓу татковината и романтичната.

6.3.32. Љубовен многуаголник

Освен љубовен триаголник, во македонските историски стрипови се среќава и љубовен многуаголник. Единствен ваков пример што го имам сретнато, прикажан метафорично, е од стрипот „Балада за мојот непријател“.

6.3.33. „Skating on thin ice“ (или: прашање на живот и смрт)

Едно од најчестите наративни механизми во приказните е одењето по тенок мраз, односно кога дејствието се сведува на прашање на живот и смрт. Примери за ова има мноштво во македонските историски стрипови. Од ваквите ситуации некогаш протагонистите како за чудо се извлекуваат живи и здрави, а од други, за што ќе стане збор подолу, не.

6.3.34. „Cost an arm and a leg“ (или: скапата цена на слободата)

Како најчест мекгафин во македонските историски стрипови, цената за слободата на Македонија е прикажана како скапа, односно таа се брои во човечки жртви. Овој наративен елемент секако е препишан од историјата на Македонија.

6.3.35. „Judge a book by its cover“ (или: убавина = доброта)

Едно од најчестите клишеа во приказните, а чија апотеоза е убавата добра Снежана и грдата лоша вештерка, е поистоветувањето на убавината со добрината. Како визуелен медиум, ова особено е истакнато во стрипот, а неизбежно се среќава и во македонските историски стрипови.

6.3.36. Убавината како казна

Иако како позитивен симбол убавината се поистоветува со добрина, понекогаш во приказните е причина за незгода и придвижување на наративот нанапред. Ако на Снежана убавината ѝ предизвикува прогон од дворецот, македонските девојки поради убавината стануваат мета на присилни грабнувања за што ќе стане збор подолу. Најемблематичен пример за ова клише е „Македонска крвава свадба“, а се среќава и во повеќе македонски историски стрипови, за што ќе стане збор во наредното клише коа претставува поизградена варијација.

6.3.37. Невозвратена љубов

Клишето невозвратена љубов, што почесто се среќава во романтичните приказни, е налично и кога во прашање се македонските историски стрипови. Всушност клишеата: убавината како казна, невозвратена љубов, грабнување убава девојка и љубовен триаголник, често се среќаваат заедно во македонските историски стрипови формирајќи на тој начин астеризам од клишеа.

6.3.38. Грабнување убава девојка

Клишето грабнување или закана за грабнување на убава македонска девојка од страна на отомански големец се среќава во стрипот „Калеш Анѓа“ и во „Шенко“, од кои во првиот ова клише е подетално обработено. Поигрување со ова клише (во вториот случај пародирање), како би се стигнало до неочекуван пресвртан на приказната, среќаваме во стрипот „Љубов и вера, тогаш и сега“ и во епизода од стрипот „Пусто турско“.

6.3.39. „By hook or by crook“ (или: не само во војната, туку и во љубовта е дозволено сѐ)

Засебно клише или елемент на претходното е присилбата nа љубов, односно принудата за свадба со непосакувана личност, што го среќаваме во споменатите „Калеш Анѓа“ и „Шенко“.

6.3.40. „Damsel in distress“ (или: спасување на девојка во невоља)

Иако во светски рамки се среќава често, клишето за спасување на девојка во невоља е редок наративен механизам во македонските историски стрипови. Причина за ова е затоа што во нив мекгафин што ја придвижува приказната нанаперд е слободата на Македонија. Пример за вакво клише среќаваме до некаде во „Шенко“ и метафорички во „Балада за мојот непријател“.

6.3.41. Спасување на послабите

За сметка на претходното клише, во македонските историски стрипови значително почесто се среќава спасувањето на безпомошното население. Ваквиот наративен механизам е изнуден од историската вистина, но и од потребата херојот да се докаже како таков.

6.3.42. „It’s a man’s world“ (или: машки свет)

Најчесто протагонист во македонските историски стрипови е машки лик, маж или момче, а значително поретко жена. Воедно и галеријата на ликови кои што се појавуваат во нив е претежно составена од машки ликови. Дополнително за ова ќе стане збор во секцијата за стереотипи.

6.3.43. Девојката како помошник и/или љубовен интерес на протагонистот

Во неколку случаи, иако кога во прашање се македонските историски стрипови не би можело да се каже дека станува збор за клише, ликот девојка се јавува во улога на помошник или љубовен интерес. Таков пример среќаваме во стрипот „Одмазда на еднооките“ на Љупчо Филипов.

6.3.44. „When it shines, it outshines“ (или: девојката/жената како поспособна од мажите)

Во ретките случаи кога главниот лик е девојка, таа често е придружена од стилска фигура хипербола, при што е прикажана како поспособна од мажите. Таков пример среќаваме во стрипот за Сирма војвода, со напомена дека ова клише не е изворно настанато во стрипот, туку во песните за оваа храбра Македонка, како и во стрипот „Вара: Каменот на љубовта“ во кој што титуларниот протагонист е девојка.

6.3.45. „Blood is thicher than water“ (или: за светоста на роднинските врски и на сонародништвтото)

Роднинските врски и сонародништвотот во македонските историски стрипови се прикажани како светост. Токму затоа отстапувањето од нив, за што ќе стане збор подолу, најстрого се осудива и казнува. Пример за ова клише дека крвта не е вода среќавање во стрипот „Одмазда на еднооките“ на Љупчо Филипов, во кој што убавата Македонска Теофана, која што иако посвоена од византијскиот владетел, не ги прифаќа неговите идеални и не останувајќи имуна на своето вродено чувство за припадност им помага на своите македонски сонародници во незгода.

6.3.46. Предавство (од најблиските)

Како што беше посочено погоре, погазувањето на крвното сродство и отстапувањето од националната кауза преку предавство, во македонските историски стрипови се казнува строго. Примери за клишете кое вклучува предавство (од најблиските) среќаваме во стриповите „Време на одлуки“ на Дарко Богданов и „Тутун“ на Иво Николов, како и во оние за војводата Леонид Јанков.

6.3.47. „The road to hell is paved with good intentions“ (или: патот кон пеколот е поплочен со добри намери)

Наративен механизам во македонските историски стрипови е носење лоши одлуки без притоа интенциите да бидат такви. Пример за преклопување на претходното клише и ова среќаваме во стрипот „Време на одлуки“ на Богданов.

6.3.48. Казна за предавството

За разлика од дејствијата на непријателите кои што е очекувано да бидат непријателски, тоа не е случај со дејствијата на пријателите, роднините и сонаридниците. Затоа предавството, што е како нож во грб, во македонските историски стрипови, како што се „Тутун“ и „Време на одлуки“, редовно се казнува со смрт. Ова клише всушност е директно преземено од историјата на Македонија поврзана со ВМРО.

6.3.49. „Tell, don’t show“ (опширни експозиции)

Нарушувајќи го наративниот принцип покажи, не кажувај, македонските историски стрипови изобилуваат со опширни експозиции и текстуални нарации. Оваа особеност што претставвуа засебно клише на македонските историски стрипови, е карактеристично за стриповите на Миле Топуз, без оглед дали се правени според свои сценарија или според сценарија на пример на Драган Ташковски.

6.3.50. „Deus ex machina“ (или: божествена интервенција)

Во светски рамки често клише е т.н. „Deus ex machina“, што претставува неочекувано спасување на херој од ситуација од која навидум нема излез, поради што повеќе делува како божествена интервенција. Во македонските историски стрипови, кои во најголем дел се базирани на реални настани, Немам сретнато типични примери за ова клише, но при една порастегната негова дефиниција се среќава на пример во стрипот „Одмазда на еднооките“ на Филипов.

6.3.51. „No pain, no gain“ (или: преку трња до победата/слободата)

Целта која што го придвижува дејствието во македонските историски стрипови, што најчесто е слободата на Македонија, е прикажана како тешко достижна. Ваквото клише кое што би можеле да го наречеме преку трње до целта (победа/слобода), се среќава во речиси сите историски стрипови на македонски автори.

6.3.52. До победата со оружје в рака

Друго клише кое што редовно се среќава во македонските историски стрипови е придвижувањето на приказната до крајната цел (мекгафинот) со оружје в рака. Такви се на пример стриповите: „Цар Самуил“, „Цар Гаврил Радомир“, „Одмазда на еднооките“ и „Војдан“. Ова клише е логична последователност на фактот што во нив протагонистот најчесто е херој. Ова клише не се среќава во стриповите во кои што протагонистот е просветител, како што се на пример оние за Св. Кирил и Методиј, за Св. Климент Охридски и за Јордан Хаџиконстантинов-Џинот.

6.3.53. Невидливиот оклоп на протагонистот (или: протагонистот кој се извлекува жив и здрав од секоја ситуација)

Едно од најчестите клишеа во приказните е она на невидливиот оклоп на протагонистот, кој успева жив и здрав да се извлече дури и од најопасните ситуации. Тешко е да се побегне од ова клише во какви било наративни приказни, вклучително и во македонските, со оглед на тоа што се работи за протагонист. Сепак, во дел од македонските историски стрипови ова клише се разбива, формирајќи ново, за што ќе стане збор подолу.

6.3.54. Подобро ужасен крај отколку ужас без крај

Како израз на безкомпромисноста на протагонистот, ова клише е надградено со неговата пожртвуваност и спремноста да го положи животот на олтарот за повисоките идеали во кои верува. Ова клише во македонските стрипови се среќава често, а всушност е преземено од историјата (самиот избран назив всушност е мисла на македонскиот револуционер Даме Груев).

6.3.55. „Blaze of glory“ (или: величествена смрт)

Во дел од стриповите, претходнот клише резултира со смрт на протагонистот. И ова клише во македонските историски стрипвои е преземено од историјата (најемблематичен пример е битката кај Мечкин Камен), а го среќаваме на пример во стриповите за револуционерот Леонид Јанков кој храбро загинува за слободата на Македонија.

6.3.56. „Always look on the bright side of life“ (или: да се извлече нешто позитивно и од поразот)

Не само кога станува збор за претходното клише, туку и во случаите во кои протагонистот завршува неславно, авторите на соодветните македонски историски стрипови редовно ги завршуваат со нешто позитивно. Како би се стигнало до не толку тмурен крај, каков што е испишан од историјата, посочуваат дека жртвата не била залудна и се повикуваат на наредните етапи од историјата на Македонија во кои се стигнува до крајната цел – слобода и независност. Пример за ова клише среќаваме во стрипот „Хацон“ на Миле Топуз. Во него, совршено илустрирајќи го ова клише, титуларниот лик кој на крајот завршува поразен, вели: „јас заминувам, но по мене ќе дојдат многу други, кои ќе успеат…“

6.3.57. Оплакување/глорифицирање на загинатиот херој

Како дополнение за клишето за возвишената смрт на протагонистот, среќаваме друго клише во кое се оплакува или глорифицира загинатиот херој. Примери за ова клише среќаваме во стриповите за Сердарот/Кузман Капидан, како и во оние за војводата Леонид Јанков.

6.3.58. „It’s not over until fat lady sings“ (или: ништо не е завршено до самиот крај)

Кога приказната во македонските историски стрипови се придвижува кон пораз, авторите редовно интервенираат посочувајќи дека се работи само за изгубена битка, а не и војна, односно дека не се работи за крај. Така кога Хацон бива затворен, самиот лик посочува дека по него ќе дојдат други. Ова клише редовно се препокрива со она во кое секогаш се бара одредена позитивност.

6.3.59. „All’s well that ends well“ (или: сѐ е добро штом добро ќе се заврши)

Со оглед на тоа што добар дел од македонските историски стрипови се исполнети со страдања, кога исходот е триумфален често се среќаваме со особеноста дека сѐ е добро штом добро ќе се заврши, односно победничката атмосфера на крајот сосема ги засенува претходните страдања. Со ова се стекнува впечаток за неопходноста на жртвата и дека победата всушност е доволно голема за да не биде пирова. Изразит пример за ова среќаваме во стрипот „Одмзазда на еднооките“ во кој релативно малата победа на Никола против Ромеите/Византијците е прикажана како позначајна од претходниот пораз во кој тие ослепуваат 14 000 македонски војници. Ова клише најчесто се препокрива со претходно споменатото задолжително извлекување нешто позитивно од поразот.

6.3.60. „Good things come to those who wait“ (или: за успех е потребно трпение)

Со оглед на тоа што често мекгафин во македонските историски стрипови е Македонија и нејзината слобода, а обусловено од историската вистина, подеднакво често се среќаваме со особеноста дека за успех е потребно трпение и истрајност. Оваа особеност редовно се препокрива со онаа во која се гледа да се извлече нешто позитивно и од негативното, односно дека ништо не е завршено до самиот крај.

6.3.61. „Light at the end of the tunel“ (или: верба во посветлата иднина)

Во македонските историски стрипови, особено кога крајот не е осообено позитивен, авторите редовно посочувајќи дека тоа не значи дека и иднината ќе бида таква. Ова во самите приказни е израз за верба во иднината, а посматрано во поголем контекст е обусловено од историската вистина.

6.4. Стереотипи

Интересна особеност на македонските историски стрипови е што најчесто се на теми преземени од богатиот фундус на македонската национална историја. Имајќи го тоа предвид, како и тоа што приказната најчесто е речиси во целост раскажана низ очите на протагонистите кои што редовно се Македонци, стереотипите во нив најчесто се однесуваат на самите Македонци и на нивните противници во соодветниот период. Македонските автори многу ретко се одлучуваат за креирање стрипови што не се од македонската историја. Таквите примери се бројат на прстите, а како тема ги опфаќаат на пример бурските војни („Капетан Смела Глава“), Западниот фронт за време на Првата светска војна („Надежта е нешто пердушесто“), окупирано Косово и Метохија за време на Втората светска војна („Во обрач“).

6.4.1. Македонецот како синоним за херојство

Со оглед на тоа што македонските историски стрипови најчесто се етноцентрични, како и тоа што протагонист во нив е Македонец, неминовно Македонците во нив се прикажани архетипски како херои, со изразена аура за правичност и секогаш на вистинската страна на историјата.

6.4.2. Македонецот, како синоним за страдање

Дуалноста на Македонецот во македонските историски стрипови ја среќаваме со тоа што главните ликови во нив се херои, а споредните се прикажани како жртва. Ако првото е обусловено главно од потребите на приказната, да има активен протагонист, второто е резултат на тоа херојот да има во чија служба да се стави, односно да има кого да спасува. Ваквиот дуален стереотип всушност претставува не толку литературна категорија, колку отсликување од историјата.

6.4.3. Секој трет Македонец е предавник

Особено интересна особеност, со оглед на тоа што Македонците во македонските историски стрипови се прикажани како жртви и херои, секогаш на вистинската страна на историјата и моралот, е вметнувањето на лик предавник, кој што е целосен антипод од сето тоа. Такви ликови среќаваме на пример во стриповите „Време на одлуки“ и „Тутун“, како и во оние за Леонид Јанков. Овој стереотип, кој ми се чини не е толку изразен кај останатите национални историски стрипови, е вткаен не само во македонските историски стрипови, туку и во македонската историја (за што Виолета Ачкоска и Никола Жежов пишуваат во книгата „Предавствата и атентатите во македонската историја“), а и во свеста на денешниот Македонец.

6.4.4. Странецот како негативец

Со оглед на тоа што протагонист во македонските историски стрипови најчесто е Македонец, а обусловено од историјата, како негов противник речиси неизбежно е прикажан припадник на друга нација. Дежурни виновници во македонските историски стрипови се Турците за време на Отоманскиот период, Ромеите/Византијците, за време на средновековието и Германците за време на Народноослободителната борба. Иако се работи за непријателство доста поназад во историјата, како најкрвожедни од нив се прикажани Ромеите. Ова е обусловено и од историјата и незгаснатиот спомен за ослепувањето на 14 000 македонски војници, но можеби е и затоа што се работи за припадници за непостоечка држава.

Последново станува симптоматично ако се знае дека некои други неродни кои што своите освојувачки апетите воено ги насочиле кон Македонија не само што не се прикажани како негативци во македонските историски стрипови, туку и тие настани не се воопшто стрипувани. На пример првиот стрип за Балканските војни, Првата светска војна и распарчувањето на Македонија е направен едвај пред неколку години, но и во него војските на завојуваните страни кои што се борат помеѓу себе за освојување на Македонија не се прикажани како негативци. Зошто оваа тема долго е избегнувана веројатно се должи на мир во некогашната југословенска заедница и незамерување со соседите. Па така, во македонските историски стрипови нема негативци кои што се припадници од соседните народи.

Единствено Албанците се појавуваат како опоненти на протагонистот во стриповите за Сердарот, но тие не се прикажани како негативци. Како негативци тие се прикажани во стрипот „Ел Македонеро“ (кој не е вистински историски стрип), но во случајот не може да станува збор за стереотип, затоа што дел од нив се прикажани како позитивни ликови, вклучително и девојката на протагонистот со која што стрипот завршува. Воедно, во случајот со стрипот „Во обрач“, етнички Албанец се појавува како протагонист на историски стрип нацртан од Македонец.

За разлика од Ромеите кои што редовно се прикажани како изразити крвници (на пример во стриповите „Одмазда на еднооките“ и „Војдан“), тоа не е случај со Турците. Иако не се особено разработени како личнисти, некои од Турците се прикажани како неутрални, па дури и позитивни личности. Во стриповите за Леонид, човечноста на Османлиските војници е прикажана во тоа што го враќаат телото на загинатиот херој. Во стрипот „Шенко“, на пример, дури и среќаваме кршење на стереотипот дека Турците се непријатели. Во него најдобриот пријател на титуларниот протагонист е Турчинот Амет. Всушност Амет, чија што личност и минато се донекаде разработени, не само што го крши стереотипот туку е и најколоритен лик во целиот овој стрип.

За разлика од некогашните југословенски стрип-центри, во Македонија стриповите од времето на НОБ не предизвикуваат толкава авторска сензација, па и релативно гледано не се толку чести. Следователно и Германците како негативци не се толку чест избор во македонските историски стрипови. Интересно во овој случај би било да се спомне дека освен како негативци, во ретките македонски стрипови кои што не се на тема од македонската национална историја, Германците се среќаваат и како протагонисти и позитивни ликови (во стрипот „Надежта е нешто пердушесто“).

Еден од ретките примери во историјата на македонската деветта уметност, односно еден од ретките македонски историски стрипови во кои што странец е изран за титуларен лик, наоѓаме во албумот „Мис стон“. Преку овој прв македонски луксузен стрип-албум се нарушува уште еден стереотип, за што ќе стане збор подолу.

6.4.5. Жената во подредена позиција

Значително мнозинство во македонските историски стрипови се машките ликови. Ова во најголем дел од случаите не е толку прашање на авторски лични преференци, колку на избраните теми и на историската вистина. Не само што титуларните ликови речиси секогаш се мажи, туку мажи сочинуваат и најголем дел од споредните ликови. Во случаите кога за ова нема историска принуда, авторите го вметнуваат со цел протагонистот да може да оди во авантури. Авторот Диме Иванов-Димано, на пример, за одлуката да исфрли женски лик кој е во љубовна врска со протагонистот од стрипот „Војдан“ во интервју посочува дека тоа е за да му се дозволи да се впушти во авантури и да не биде врзан за семејниот живот.

Особено интересни се примерите за македонски историски стрипови каде што стереотипот за подредноста на жените не се среќава. Во дел од нив не само што овој стереотип не е наличен, туку и се крши. На пример во стрипот за Сирма војвода таа не е само што е протагонист на приказната, туку е прикажана како значително поспособна од своите машки соборци. Примери каде што овој стереотип не го среќаваме, односно каде што титуларниот лик е жена, среќаваме и во „Вара каменот на љубовта“ и „Мис Стон“. Интересно е тоа што овие стрипови во кои што главен лик е жена влегуваат во македонската историја на деветтата уметност, првиот како несуден прв македонски стрип-албум (и стрип-албум во боја), а вториот како прв луксузен македонски стрип-албум.

6.4.6. Итриот селанец, глупавиот чорбаџија/граѓанин

Како социјален стереотип што се среќава во македонските стрипови е оној за итриот селанец и глупавиот чорбаџија/граѓанин. Овој стереотип кој има генеза надвор од македонските стрипови, е израз на желбата на најниските општествени слоеви, во кои македонското население низ историјата често спаѓа во сопствената желба, да го искаже својот гнев од неправедноста на состојбата во која што се наоѓаат. Дополнително, за време на повоените години и новонастанатата комунистичка власт, ова е израз и за пресметка со остатоците од некогашната „буржоазија“ (пример каков што среќаваме во „Чорбаџи Вангел прислушкуе“). Овој стереотип се среќава во некои македонски стрипови кои се сместени во историско миље, какви што се на пример оние за Итар Пејо, во кој овој селанец редовно ги надитрува чорбаџиите и граѓаните.

Study on cultural and social clichés and stereotypes