Александар Стеванов,

роден на 13 април 1984 година во Штип, е македонски стрип-автор, хроничар на домашната стрип-сцена и графички дизајнер. Неговите стрипови и есеи посветени на деветтата уметност ги краселе страниците на поголем број домашни и странски списанија и публикации, меѓу кои „Синдром“, „Стрип Креатор“, „Чивилук“, „Македонска Ризница“, „Comix“, „Zona Gráfica“, „Parabellum“, „Vojvođanski strip“, „Ras Comic“, „Линије фронта“, „Деветка“, „Современост“, „Strip pressing“, „(е)Лит“, „Градина“ и „The Macedonian PEN Review“.

Тој е комплетен автор на интерактивната стрип-сликовница „Девојче на Месечината“ („Стрип квадрат“, 2017), на сценаријата за сите стрипови објавени во третиот и во четвртиот број на збирките „Стрип Алманах“ (Стрип центар на Македонија – Велес 2017, 2020) и е коавтор (со Дарко Богданов) на албумот „Ægri Somnia“ (2020). Во соработка со Дарко Богданов и Сашо Гачев, како автор, дизајнер и издавач, Стеванов учествува во публикувањето на книгата „Македонскиот стрип во изданијата на новосадски ’Дневник‘“ (2018). Самостојно, тој се потпишува како автор, дизајнер и издавач и на книгите „Жељко Книвалд: Белешки од потрагата по авторот на првиот стрип создаден во Македонија“, посветена на авторот на првиот стрип објавен на македонско тло, и „Приказна за лекарот, поетот и стрип пионерот“, кои се објавени двојазично – на македонски и на англиски јазик. Стеванов е автор и на енциклопедиското издание „Визуелна хроника на македонскиот стрип“ (2019, 2020, 2021), од кое досега се објавени три тома, во кои детално се обработува македонската стрип-сцена во периодот 1990 – 2011 година. Тој е автор и на поговорот на студиозната книга „Стрип – деветтата уметност“ на истакнатиот македонски писател и стрип-хроничар Томислав Османли, на рецензија за монографија на ликовниот уметник и стрип-автор Смиле Цветановски, како и на неколку десетици опиширни написи и интервјуа од областа на деветтата уметност.

Зад себе, Стеванов има една самостојна изложба, „Стрип во Штип“ (2017), и голем број групни. Како редовен учесник на меѓународните стрип-фестивали кои се одржуваат во регионот и пошироко, Стеванов е добитник на петнаесетина награди. Меѓу најзначајните од нив е признанието за развој и афирмација на стрипот во Македонија „Љупчо Филипов“ (2017) доделено од Стрип центарот на Македонија со седиште во Велес и онаа за најдобар балкански стрип-сценарист (2015) освоена на седумнаесеттата Балканска смотра на млади стрип автори одржана во Лесковац. Добитник е и на прва (2020/2021), втора (2018) и на награда за најдобро раскажување (2019) освоени на салонот во Ваљево, Србија, на две втори места, три трети места и на по една награда за уметнички израз и за најдобро сценарио на Меѓународниот стрип-салон во Велес, Македонија, како и на трето место (2020) на вториот национален стрип-конкурс „Лифт“.

Стеванов има работено како дизајнер и летерер на стрип-публикациите „Dominos No. 1“, „Витези од соседството“ и „Dan Fadil, Book one: First Light“. Преведувач и дизајнер е на албумот „Зад црното сонце“, а задолжен за летерингот бил на албумите „Бестрашниот“ (Креативна верига, 2021) и „Дени на тест“. Како графички уредник тој се потпишува и на стрип-албумите: „Мрак Хумор Тишина“, „Цар Гаврил Радомир“, „Убавите нешта“, „Хацон“, „Вековници: I – Реквием“, „Хавана, САД“, на вториот и третиот број од албумот „Итар Пејо“, „Херлок Шолмс“, „Шенко“ и др. Веќе шеста година тој е дизајнер на стрип-магазинот „Стрип Креатор“, а автор е и на половина дузина стриповски фонтови, од кои за Ботин го освојува третото место на уругвајскиот натпревар ТипоТајп аворд. Дел од нив биле употребени за впишување на текстот во стрип-албумите „Војдан“, „Бесмртните“, „Чуварите на вечната светлина“ и „Wanted“.