од Александар Стеванов


Сиже

Еден од основните жанровско-содржински правци на развој и творештво на деветтата уметност на македонско тло е историскиот стрип.[1] По вековната поробеност, главната причина за летечкиот старт на македонските историски стрипови се согледува во стремежот на македонскиот народ да ја изрази својата посебност. Како припадници на мала земја сместена во крај на светот кој во текот на историјата се покажал како ненајдобрососедски, историските стрипови стануваат алатка на Македонецот да ја прикаже својата посебност, историја и легитимитет за постоење, или со други зборови да се прикаже како она што е – како Македонец.

За разлика од авангардните струења на стрипот во Земјата каде што сонцето вечно сјае, кои што се временски лоцирани во осумдесеттите, или пак андерграунд-стрипот чиј што проблесок го бележиме во деведесеттите, македонскиот историски стрип нема строга временска ограниченост. Неговото постоење во хронологијата прибележана од македонската историографија е распослано безмалку исто толку колку што и детскиот стрип. Со исклучок на првите две декади од раѓањето на стрипот на македонско тло, во кои иако постои е куриозитет, македонскиот историски стрип речиси во целост се препокрива со постоењето на македонскиот стрип воопшто.

Потврдувајќи дека сите нешта одат двонасочно, вградувајќи се во сѐ уште целосно неистражената историја на стрипот во Македонија, македонскиот историски стрип си обезбедува битно место во истата. Еден од првите стрипови на автори кои што се Македонци, оној на Панде Јаревски, е на (од денешен аспект) историска тема. Постои можност дека овој стрип воедно е и првиот (необјавен) стрип на македонски јазик. И првите стрип-свески објавени во Македонија, „Цар Самуил“ за истоимениот средновековен македонски цар, во авторство на Драган Ташковски и Миле Топуз, се на историска тема преземена од богатата македонска ризница на настани.

На историска тема е и првиот несуден луксузен стрип-албум објавен во Македонија – исклучителниот „Вара: Каменот на љубовта“ кој, иако нацртан и отпечатен, не излегува во продажба, односно како публикација. И првиот луксузен стрип-албум објавен во Македонија (и на македонски јазик), „Мис Стон“ на Зоран Танев, е на историска тема од периодот на револуционерната борба за слобода. Појавата на стрип-ревијата „Макстрип“ во 1989 година, и со името и содржински, е кокиче со кое се најавува во тоа време идната македонска независност. А, продолжувајќи го трендот започнат во шеесеттите, македонски историски стрипови продолжуваат да излегуваат и ден-денес.[2]

1. Вовед

Реализацијата на оваа студија е дел од меѓународниот проект „CAN for BALKANS – Comics Alliance Networking“, чија што партнер-организација од Македонија е Стрип центар на Македонија – Велес (СЦМ – Велес).

Средствата за проектот, вклучително и студијата, се обезбедени од програмата „Creative Europe“ – договор за грант бр. 623401-CREA-1-2020-1-RO-CULT-COOP-WB помеѓу проект-лидерот и Извршната агенција за образование, аудиовизуелност и култура (E.A.C.E.A), заснован на договорот за соработка бр. 849/07.08.2020, со грант на повикот за зацврстување на културната соработка и компетитивноста во сферите на културата и креативните индустрии во Западен Балкан (EACEA 39/2019).

1.1 Цели на истражувачката студија

Целите на истражувачката студија „Историја на македонскот историски стрип“, кои што се утврдени пред ангажманот на авторот на истата,[3] во проектот „CAN for Balkans“, вклучуваат:

а)      Изготвување на детален историски приказ на целокупната историја на македонскиот историски стрип, од почетоците до денес, на национално и на регионално ниво.

б)      За контекстуализација, кус приказ на општата македонска стрип-историја и хронологија на најбитните историски настани.

в)      Архивирање стрип-табли од избрани македонски историски стрипови во дигитална форма – селекција, скенирање и обработка на македонски стрипови на теми од историјата.

г)      Анализа на културните и социјални клишеа и стереотипи присутни во македонските (историски) стрипови.

1.2. Што е тоа стрип?

Стрипот е како пословичното возење велосипед, ако еднаш сте прочитале еден, веднаш знаете што тој претставува. Но, кога станува збор за неговото дефинирање – тука нештата се многу поразлични. Од секција во весник, преку медиум и уметност, па до древен јазик, стрипот претставува мултифасетен поим. Како би избегнале долги објаснувања и навлегување во спорна територија, неговата употреба во оваа студија е безмалку во целост ограничено на современото поимање, во потесната смисла на зборот.

Стрип-теоретичарот Скот Меклауд (1994: 20) го дефинира стрипот како „јукстапониран пикторијал и други слики во намерна секвенца наменети да пренесат информација и/или да предизвикаат естетски одговор кај гледачот.“ За потребите на оваа студија како критериум безмалку во целост е користена истата дефиниција, со надополнувањето односно временско ограночување по појавата на печатарската машина.[4]

1.3. Користени ресурси

Истражувањето на едно нешто не е пат кој води до одредена метафорична локација, туку пат кој отвора нови патишта. Истражувањето на историјата, вклучително и онаа на македонскиот стрип, е процес кој што трае и ќе продолжи да трае додека постојат луѓе кои ќе ја создаваат. Исто како што оваа студија во иднина може да послужи за потребите на некои нови истражувања, таа и за нејзините потребни беа користени плодовите од претходни истражувачки студии.

Такви се на пример: второто издание на „Стрип – запис со човечки лик“ на Томислав Османли, книга која минатата година беше надрградена во уште пообемното издание „Стрип – деветтата уметност“. За стриповите објавени во „Никад робом“, односно во изданијата на „Дневник“ од Нови Сад беа користени книгите „Македонскиот стрип во едицијата Никад робом“ на Ване Трајков и „Македонскиот стрип во изданијата на новосадски ’Дневник‘“ на Александар Стеванов, Дарко Богданов и Сашо Гачев.

Иако неиздадена, од корист за сегментот беше книгата „Стрипот во ’Наш свет‘ со посебен осврт кон македонскиот стрип 1960 – 1964“ во која што увид ми дозволи нејзиниот автор Ване Трајков. Обемно користена беше и повеќетомната публикација „Визуелна хроника на македонскиот стрип“, во која детално е обработен македонскиот стрип по 1990 година. Пообемен избор од користената литература е даден на крајот од студијава. А, за сето она што македонската стрип-историографија не го забележала досега, информациите се црпеа директно од изворот, преку посети на библиотеките: НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје и НУ-УБ „Гоце Делчев“ – Штип.

2. Почетоци на графичката секвенцијална уметност во Македонија

Идентично како и множественото дефинирање на стрипот, така и почетоците на македонскиот стрип се повеќе од еден. Во средновековието ги бележиме првите засега регистрирани примери на сликовно-секвенцијални дела, првиот стрип создаден на македонско тло е објавен во 1938 година, првиот стрип на етнички Македонец излегува по неполни три години, а по седум години е објавен и првиот стрип на македонски јазик.

2.1. Праисторија/предвесници на македонскиот стрип

Како и во секој друг крај на светот, стриповскиот јазик во Македонија има корени кои ако не порано допираат до средновековието. Како библиска земја, во Македонија нив ги наоѓаме во хагиографските/житијски христијански икони.

Меѓу најстарите примери од богатиот фундус на вакви сликовно-секвенцијални дела од македонскиот културен простор спаѓаат: „Житието на Св. Ѓорѓи“ (15 в.) од црквата „Св. Ѓорѓи“ во Струга и „Св. Никола со житие“ (средина на 14 в.) од црквата „Св. Богородица Перивлепта“ („Св. Климент“) во Охрид. А, меѓу највпечатливите од нив е иконата „Св. Јован Крстител со сцени од житието“ (1793 г.) од црквата „Св. Богородица“ во с. Ботун (Дебарца), која како и современите стрипови е изработена на хартија. Со оглед дека на хагиографските икони во графичка форма се прикажани најбитните мигови од животот на одреден христијански светител, тие не само што се кокичиња на стриповската уметност, туку и на историскиот стрип.

2.2 Почетоци на „bona fide“ стрипот во Македонија

Дефиниран како подвид на секвенцијалната уметност кој има свои особености, односно феномен за чиј што предуслов е печатарската машина, „асли“ стрипот на македонско тло се зачнува во 1938 година, кога во школскиот весник „За нас и о нама“ е објавен стрипот „Репортажа низ II машка гимназија“.[5]

Станува збор за стрип од една табла со два панели на гимназијалецот Жељко Книвалд, кој во тоа време учи во Скопје. Информацијата за овој зачетник на стрипот на македонско тло, родум од Словоенска Бистрица, Словенија, за првпат беше обзнанета во 1987 година во книгата „Стрип – запис со човечки лик“. Во 2020 година, на стогодишнината од раѓањето на Книвалд, за првпат беа објавени негови подетални биографски податоци во книгата „Жељко Книвалд: Белешки од потрагата по авторот на првиот стрип создаден во Македонија“ на Александар Стеванов.


[1] Согласно одредбите од договорот за оваа студија помеѓу авторот Александар Стеванов, од една страна, и СЦМ – Велес, од друга, истата е завршена пред 31 март 2022 година, а во целост – со доставување на делот за културни и општествени клишеа и стереотипи и селекцијата од скенови од македонски стрипови – пред 30 април од истата година.

[2] Поради тоа што авторот на оваа студија влегува како замена, откако половина од расположливото време за изготовка е веќе поминато, истата не е на нивото на обемност, деталност и студиозност на кое што тој посакува да беше. 

[3] Во договорот бр. ____________, од 1 октомви 2021 година, помеѓу Александар Стеванов како автор на студијата, од една страна, и нарачателот Стрип центар на Македонија – Велес, од друга.

[4] Освен за некои протострипови и за т.н. стрип-сликовници.

[5] За овој стрип и за неговиот автор види и: Василева 2020; Стеванов 2020c; Стеванов 2020d: 20–24; Стеванов 2021d: 255–259.

КРАТКА ИСТОРИЈА НА МАКЕДОНСКИОТ СТРИП