Table of Contents

5.6. „Никад робом“

Едицијата „Никад робом“ е една од најсветлите точки на стрип-публицистиката во СФРЈ. Првиот број на оваа популарна југословенска стрип-едиција, во издание на „Дечје новине“ од Горњи Милановац, Србија, се појавува во мај 1963 година. Уште од самиот почеток, нејзините страници се резервирани за секвенцијални дела на тема од Народно-ослободителната војна, од кои најголема популарност стекнуваат оние за малите партизани Мирко и Славко кои ќе станат симбол на едицијата, но и од историите на народите во Југославија од претходниот период.

Во својот есеј „Никад робом“, посветен на (историјатот на) истоимената стрип-едиција од Горњи Милановац, хрватскиот стрипофил и стрип-колекционер Јурица Кладушан (2010) пишува:

„…Издавачката куќа ’Дечје новине‘ со главниот уредник Среќко Јовановиќ, во својата рана фаза на издавачка дејност, ја издава истоимената едиција ’Дечје новине‘. ’Дечје новине‘ покрај низата објавени стрипови, на 25 ноември 1958 година, во бројот 23 го издаваат првиот стрип на авторот од Горњи Милановац, Десимир Жижовиќ-Буин под називот ’Никад робом‘. Стрипот со тематика од Народно-ослободителната борба (понатаму во текстот НОБ), добива место од половина страница и со време прераснува во серијал. Го добива називот една парола која ја носиле демонстрантите на 27 март 1941 година, на почетокот од Втората светска војна. Главен јунак е малиот пекарски помошник Мирко кој оди во партизани… Во мај 1963 година првиот независен стрип излегува во новата едиција со исто име ’Никад робом‘. Изданието беше печатено во новосадски ’Форум‘ на 32 страници, 145×205 mm, од кои што 16 страници се во боја. Продаван е по цена од 60 динари. Отпрвин тој излегува еднаш месечно, а подоцна еднаш на два месеци. Објавени се серија на приказни со теми на националната историја на различни епохи и региони во чија реализација работи бројна екипа на автори од различни места. Покрај јунаците ’Мирко и Славко‘ на Десимир Жижовиќ-Буин, најмногу се истакнуваат кратките серијали ’Акант‘ на Радивоје Богоевиќ, ’Таинствениот витез‘ на Петер Радичевиќ, ’Блажо и Јелица‘ на Добрица Ериќ и Радивоје Богичевиќ, ’Дабиша‘ на Божидар Веселиновиќ и ’Хајдук Вељко‘ на Живорад Атанацковиќ. Ивица Бедњанец, еден од најплодните и најпознатите автори објавува тринаесет приказни со теми од хрватската историја и 12 приказни со теми од НОБ. Живорад Атанацковиќ нацртал осумнаесет приказни од српската историја. Здравко Сулиќ во соработка со Александар Бизетиќ направил тринаесет изданија фотострипови со теми од НОБ. Мал број на публикации се подготвени и од Миодраг Џурџиќ, Никола Митровиќ-Кокан, Брана Јовановиќ, Миле Топуз, Љубомир Филиповски, Лео Корелц, Младен Трнски, Станислав Спалајковиќ, Слободан Поповиќ, Хрвоје Радовановиќ и Ивица Кољанин. Сепак, другите херои чиј што промет е 2 000 до 20 000 продадени копии, не се во можност да се рамнат со Мирко и Славко, кој ја надминувал продажбата од 35 000 до 50 000 копии…“

Иако на српски јазик,[6] стрип-едицијата „Никад робом“ стекнува огромна популарност и на македонско тло. Една од причините за ова е поради тоа што на страниците на „Никад робом“ излегуваат и стрипови на тема од македонската историја. Такви се на пример: „Слепиот цар Делјан“, „Сирма Војвода“, „Хацон“, „Кралот Пребонд“, „Доброволно во смрт“, „Цар Самуило“, „Климент Охридски“, „Цар Гаврил Радомир“, „Ѓорѓе Војтех“, „Карпош: Македонски селски крал“ и др. Некои од нив, поради тоа што нивниот наратив не отстапува од историската вистина, наоѓаат примена и во тогашниот македонски образовен систем како учебно помагало. Она што едицијата ја прави уште позначајна, од македонски аспект, е тоа што дел од споменатите стрипови се на македонски автори.

„’Наш свет‘ ги отвори страниците за македонските [стрип-]автори, но вистинска шанса за нивна презентација е појавувањето на едицијата ’Никад робом‘ на ’Дечје новине‘ од Горњи Милановац“, пишува Ване Трајков (2016: 12), извршен директор на Стрип центар на Македонија – Велес. Можност својот талент да го покажат пред читателите ширум Југославија, имаат македонските автори Љупчо Филипов (како цртач и комплетен автор), Миле Топуз (како цртач), Драган Ташковски (како сценарист) и Илија Јордановски (како сценарист). Нивните стрипови објавени во „Никад робом“, но и оние на авторите од останатите (бивши) југословенски републики кои се на тема од македонската историја, во својата книга „Македонскиот стрип во едицијата Никад робом“ (Стрип центар на Македонија – Велес, 2016) детално ги обработува споменатиот Ване Трајков.[7]

Во оваа секција од студијата се прикажани само историски стрипови (без оглед дали се однесуваат на Македонија и македонскиот народ или не) и такви сместени на историска сценографија, кои се креирани од македонски автори (дел соработки со странски сценаристи):

  1. „Одмазда на еднооките“ (спр. „Osveta jednookih“), „Никад робом“ бр. 69.
  2. „Одмазникот од Деволските шуми“ (срп. „Osvetnik devolskih šuma“), „Никад робом“ бр. 76.
  3. „Стапици“ (срп. „Zamke“), „Никад робом“ бр. 95.
  4. „Сирма војвода“ (срп. „Sirma vojvoda“), „Никад робом“ бр. 105.
  5. „Хацон“ (срп. „Haćon“), „Никад робом“ бр. 109.
  6. „Крал Пребонд“ (срп. „Kralj Prebond“), „Никад робом“ бр. 112.
  7. „Доброволно во смрт“ (срп. „Dobrovoljno u smrti“), „Никад робом“ бр. 121.
  8. „Цар Самуило“ (срп. „Car Samuilo“), „Никад робом“ бр. 126.
  9. „Во непријателското осило“ (срп. „U neprijatelsksom osinjaku“), „Никад робом“ бр. 133.
  10. „Климент Охридски“ (срп. „Kliment Ohridski“), „Никад робом“ бр. 134.
  11. „Цар Гаврил Радомир“ (срп. „Car Gavril Radomir“), „Никад робом“ бр. 142.
  12. „Ѓорѓе Војтех“ (срп. „Đorđe Vojteh“), „Никад робом“ бр. 160.
  13. „Приказна за Мармај“ (срп. „Priča o Marmaju“), „Никад робом“ бр. 165.
  14. „Во обрач“ (срп. „U obruču“), „Никад робом“ бр. 176.
  15. „Карпош: Македонски селски крал“ (срп. „Karpoš: Makedonski seoski kralj“), „Никад робом“ бр. 176.

5.6.1. „Одмазда на еднооките“ на Љупчо Филипов (бр. 69)

По три и пол години од појавата на едицијата „Никад робом“, на 4 ноември 1966 година, во нејзиниот 69-ти број за првпат се појавува стрип на македонски автор. Тоа е стрипот „Одмазда на еднооките“, комплетно авторско дело на, во тоа време младиот, Љупчо Филипов (Љубомир Филиповски) од Скопје. Почетокот на овој стрип е сместен во 1014 година, за време на грозоморното ослепување на 14 000 македонски војници. Византијците на секој стоти заробеник му оставале по едно око како македонската војска би може да се врати кај својот цар. Приказната на овој стрип, која на фонот на историската реалност понатаму преминува во имагинарна, раскажува за тројца „среќници“ (Никола, Владимир и Стамен) на кои им било оставено едно око. Наместо со остатокот од македонската војска да се вратат назад кај царот Самуил, прифаќајќи го поразот, овие македонски одмазници одлучуваат да тргнат по друг пат.[8]

Во дел од броевите „Никад робом“, пред стриповите е даден воведен текст, кој што според директорот на Стрип центар на Македонија – Велес, Ване Трајков (2016: 13) го пишувал уредникот на едицијата, Среќко Јовановиќ. Во воведниот текст за овој стрип, насловен „Незадушен отпор“, Јовановиќ запишал:

„Кога умрел моќниот бугарски цар Симеон, неговото царство се распаднало. Тоа го искористил српскиот велик жупан Часлав Клонимировиќ, внук Мутимиров. Тој во 931 година побегнал од Бугарија, дошол во Рашка, подигнал востание и ги протерал Бугарите. ВО ослободената земја народот се вратил и по ова Часлав почнал освојувања, со кои многу ја проширил границата на Рашка. Рашка тогаш била силна и голема држава, како третина од Југославија. Така Часлав прв ги обединил речиси сите Срби во една држава. Но во војната со Унгарците, во ноќта Часлав бил изненадно нападнат и заробен. Вдовицата на Киш, за да се одмазди за смртта на мажот ѝ, наредила да му се врзат рацете, да му се обеси камен на вратот и да се фрли во Сава. По неговата смрт Србија ослабнува. Тоа го искористила Византија и ја покорила Рашка. Во исто време во нивни раце паднала и Бугарија. Покорените Словени, Грците ги мачеле страховито. Кога теророт не било можно да се издржи, они се побуниле во околината на Охрид, под водство на кнезот Самуил, кој се прогласил за цар 976 година. Овој велик и храбар војсководец успеал да ослободи и обедини голем дел од Југословените. Прво го ослободил Повардарието и Поморавието, од каде што отишол во Бугарија и кај Софија ја победил војската на грчкиот цар. Потоа ја зазел Албанија, Зета, Приморје до Неретва и Грција до Атина. Но воената среќа го изневерила. На планината Беласица, 1014 година, доживеал страшен пораз. Поголем дел од неговите војници паднале во ропство. Нивната судбина била страшна. На најсвиреп начин биле казнати за сите Самуилови победи. Околу 15 000 луѓе биле ослепени и пуштени кај Самуил. Бил тоа удар кој не можел да се преболи. Умрел гледајќи своите луѓе вака осакатени. Но, кај македонскиот народ овој нечуен варваризам предизвикал само уште поголем отпор и желба за одмазда. Непрекинатите буни и востанија најдобро го покажале тоа.“

Ова е не само еден од најдобрите стрипови на авторот Љупчо Филипов, туку и еден од најдобрите македонски стрипови воопшто. Тој подоцна е репризиран во српскиот стрип-магазин „Ју стрип“ (срп. „Yu strip“), по барање на читателите, а за првпат на македонски јазик е објавен во 1996 година на страниците на ревијата „Стрип Арт“. Со него Филипов е застапен и во книгата „Стриповите кои ги сакавме“ (срп. „Stripovi koje smo voleli: Izbor stripova i stvaralaca sa prostora bivše Jugoslavije u XX veku“) на авторите Живојин Тамбуриќ, Здравко Зупан и Зоран Стефановиќ, а неговата насловна е искористена и за книгата „Македонскиот стрип во едицијата Никад робом“ на Ване Трајков. Интересна тривијалност е дека во време кога го создал овој стрип, Филипов имал само 19 години, што од квалитетот на сценариото и цртежот, кои се на исклучително високо ниво, не би можело да се заклучи.

5.6.2. „Одмазникот од Деволските шуми“ на Љупчо Филипов и Милорад Јанковиќ (?) (бр. 76)

Ако за објавувањето на првиот стрип на македонски автор на страниците на „Никад робом“ се потребни три и пол години од стартувањето на едицијата, вториот таков се појавува по само околу месец и пол од објавувањето на првиот. Се работи за стрипот „Одмазникот од Деволските шуми“, објавен во 76-тиот број на „Никад робом“ од 23 декември 1966 година. Во изданието е наведено дека илустратор на стрипот е Љупчо Филипов, а дека сценарист е М. Јанковиќ, што е спорно. Како што во својата книга „Македонскиот стрип во едицијата Никад робом“ пишува Ване Трајков (2016: 28), „информацијата за авторот на текстот ја земам со резерва затоа што претходниот стрип на Љупчо Филипов (’Одмазда на еднооките’) беше работен по сопствено сценарио, а оваа епизода, каде главен јунак е војводата Ивец, ги има истите белези на приказната.“

Исто како и во случајот со „Одмазда на еднооките“, и во „Одмазникот од Деволските шуми“ приказната е имагинарна, но сместена во миљето на реални случувања од македонската историја, по големиот подем на средновековната македонска држава за време на владеењето на царот Самуил. Во овој стрип е раскажана приказната за храбриот војвода Ивец, кој покрај опасноста од надвор – Византијците – е приморан да се справува и со внатрешните непријатели што своите лични амбиции ги поставуваат над оние на народот. Имајќи го тоа предвид, протагонистот во приказната би можел да се сфати и како фантастично олицетворение на обичниот Македонец од тоа време. Конзистентност помеѓу двата стрипа, „Одмазда на еднооките“ и „Одмазникот од Деволските шуми“, се забележува и во визуелниот елемент – и овој стрип Филипов го реализира во истиот илустраторски стил, со жив цртеж, лесни потези и динамични линии, под очигледно големо влијание од хрватскиот истакнат цртач Жарко Бекер, со што и од овој аспект се создава привид на целина.[9]

Во воведниот текст кон стрипот, насловен „Отпор на византиските сили“, уредникот на едицијата Среќко Јовановиќ запишал:

„Својот најголем подем македонската држава го достигнала за време на владеењето на царот Самуил. Но византискиот цар Василиј II бил решен по секоја цена да ја освои Македонија. Затоа по неговата смрт веднаш започнал нови походи. Но и овој пат не успеал во целост. Успеал до 1014 година да ги освои Битола, Прилеп и Штип, а во текот на наредната година Воден и Меглен. За сево ова време во Македонија се водела борба за престолот. Ароновиот син Јован Владислав, најпрво го убил самуиловиот син Гаврил Радомир, а потоа и зет кнезот Јован Владимир, со цел за себе да си го обезбеди престолот. Потоа се обидел да склучи мир со Византија. Василиј II не прифатил и борбата била продолжена. Траела без прекин околу две години. Резултатите биле променливи. Имало низа на безуспешни напади на Струмица, Перник и Костур. Привремено бил освоен Охрид, а дури на крајот на 1017 година кај Сетине во јужна Македонија нанесен е тежок пораз на Јован Владислав. На почетокот на 1019 година, при опсадата на Драч, загинал Јован Владислав. Високите племенски лидери, кои после неговата смрт застанале на чело на борбата, за да си ја зачуваат својата титула и позиција, не изразиле желба да ја продолжат борбата. Градовите без отпор се предавале, а потоа се ставани во служба на Византија. Измачувањата, убивањата, раселувањата, биле секојдневна појава. Затоа народот грчевито се бранел. Односот на силите бил неспоредлив. Поединечните отпори биле задушувани. Народните водачи со своите луѓе се повлекле во други земји за од таму да ја продолжат битката.“

5.6.3. „Стапици“ на Љупчо Филипов и Б. Чолиќ (?) (бр. 95)

Стрипот „Стапици“ (срп. „Zamke“) е објавен на 5 мај 1967 година, во 95-тиот број на едицијата „Никад робом“.[10] По сценарио на Б. Чолиќ (?)[11] него го црта македонскиот автор Љупчо Филипов. Се работи за продолжение на стрипот „Пожар во полето со памук“, чие што дејствие е сместено во Македонија, за време на Отоманскиот период. Во овој број на „Никад робом“, за разлика од претходните стрипови на македонски автори, не е даден вовед. Него, многу години подоцна, го пишува Ване Трајков во својата книга „Македонскиот стрип во едицијата Никад робом“.

„Работејќи кај суровиот и богат газда Сотир, Волче се дружи со неговата ќерка Васка. Синот на турскиот ага Ахмет е љубоморен на другарството на помеѓу Волче и Васка, и за да му напакости на Волче, го пали магацинот со памук на газда Сотир и затоа го наклеветува Волче. Сотир наредува да го врзат Волче и да го камшикуваат. Васка, неможејќи да гледа како невиниот Волче го мачат, со кубура нишани во Алија со што му дава на Волче доволно време да се ослободи. Тој бега, но таа, сепак, пука и го ранува Алија. Агата се налутува, ја зема со себе Васка, ранетиот син, и со придружба го напушта имотот на Сотир. Волче јурнува кон селото и ги собира децата со намера да ја спасат Васка. За секоја потера што агата ја испраќа по Волче, децата смислуваат стапици. Кога агата ќе види дека испратените луѓе не се враќаат, ќе се обиде со синот Алија и Васка да избега. Но, Волче и неговата дружина му се зад петици…“, пишува Трајков (2016: 31) за овој стрип.


5.6.4. „Сирма Војвода“ на Љупчо Филипов и Илија Јордановски (бр. 105)

Стрипот „Сирма војвода“, за епонимната македонска ајдутка, е објавен на 14 јули 1967 година, во 105-тиот број на едицијата „Никад робом“.[12] Автори на стрипот се Љупчо Филипов и Илија Јордановски. Во воведот кон овој стрип, насловен „Легендарната Сирма“, пишува:

„Кон крајот на 18 и почетокот на 19 век ситуацијата во Македонија била многу тешка. Самоволните турски феудалци владееле со своите кралевини како полунезависни господари. Тие имале огромни поседи до кои што доаѓале по насилен пат: било преку одземање на земјиштето од други феудалци или пак од самите македонски селани. Тие големи комплекси на земја ги обработувале селаните со работа под многу тешки услови. Македонскиот селанец бил посебно оптоваруван и со разни намети кои што турската држава ги пропишувала. Состојбата уште повеќе се влошила кога тие намети почнале да ги собираат локалните феудалци. Тие од селаните земале многу повеќе од пропишаното. Оној кој што немал доволно пари, плаќал на самоволието на феудалците со сопствената оскудна земја. Така од ден во ден се повеќе растел бројот на потполно осиромашени и упропастени селани. Во една таква неподнослива ситуација многу од селаните се одметнувале во шумите. Формирале ајдутски дружини и со оружје се спротивставувале на самоволието на турските феудалци. Огорченоста им давало натприродна сила. Ги победувале и многукратно посилните непријатели. Меѓу овие херои чија храброст посебно воодушевува била и една жена, легендарната Сирма.“

Воодушевувајќи се на нејзината храброст, македонскиот народен гениј ја опеал Сирма во песната „Песна за Сирма војвода“, чиј наратив во еден дел е раскажан и во стрипот.

Песна за Сирма војвода
Каде се чуло, видело,
мома војвода да биде?
На седумдесет другари,
на тие гори зелени,
на тие гори зелени,
на тие води студени.

Сирма на другари говори:
– Тоа со лутина не бива,
ќе врземе прстен на бука,
пукајте редум на нишан,
кој ќе ми прстен прониже,
тој ќе ми биде војвода.

Сите си редум пукаа,
никој ми прстен не удри,
Сирма ми вели, говори:
– Подајте ми мене пушката!
Пукна ми пушка од рака,
прстенот падна под бука.

Пак Сирма им вели, говори:
– Ќе фрламе камен, другари,
кој ќе ми камен натфрли,
тој ќе ми биде војвода,
тој ќе ми биде војвода,
на седумдесет другари.

Сите си камен фрлаа,
никој си камен не натфрли,
Сирма си камен натфрли,
десет чекори потаму.
Тогај ја Сирма избраа,
војвода Сирма да биде.

Како лик, Сирма војвода се појавува и во краткиот стрип „Јунаците умираат со оружје в рака, но со лажица в рака живеат подолго“, на Ване Трајков (сценарио) и Оливер Цветковски (цртеж), објавен во 2016 година, во вториот број на „Стрип Алманах“.

5.6.5. „Хацон“ на Миле Топуз и Драган Ташковски (бр. 109)

Во 109-тиот број на „Никад робом“ од 11 август 1967 година е објавен стрипот „Хацон“ за епонимниот водач на македонските словени.[13] Станува збор за стрип од македонската средновековна историја во авторство на Драган Ташковски и Миле Топуз. Во воведниот текст кон овој стрип, насловен, „Хацон – водач на македонските словени“, пишува:

„На почетокот на VII век, кога словенските племиња го населувале Балканскиот полуостров, на територијата на денешна Македонија се населелиле силните словенски племиња: Драговити, Сагудати, Брсјаци, Смолјани, Струмјани, Рунхини, Велегизити, Војнити и други. Овие племиња уште од самиот почеток биле во особено тешка ситуација бидејќи, поради близоста до моќната Византиска империја, биле многу повеќе загрозени одошто останатите словенски племиња кои се наоѓале подалеку од Византија. Затоа и не е чудно што овие племиња први започнале со создавање на воени сојузи кои прераснале во кралство. Започнал тој процес на многу рано создавање на племенски сојузи ’Склавинија‘ на чело со Хацон. Заедно со своите словенски соплеменици, Хацон бил цврст бедем од кој што се кршеле многу византиски копја во настојувањето да продрат во срцето на словенските племиња. Со својата крв и жилавиот отпор кој што им го пружале на Византијците, македонските Словени уште на почетокот на VII век, бранејќи се себе си ги штителе и останатите словенски племиња кои што релативно мирно си го живееле својот патријархален племенски живот.“

Подоцна Миле Топуз црта уште еден стрип на истата тема и со истиот наслов.

5.6.6. „Крал Пребонд“ на Миле Топуз и Драган Ташковски (бр. 112)

Стрипот „Крал Пребонд“ за истоимениот македонски средновековен владетел е објавен на 1 септември 1967 година во 112-тиот број на „Никад робом“.[14] Автори на овој историски стрип се Драган Ташковски и Миле Топуз. Во воведниот текст кон „Кралот Пребонд“ накратко е објаснета неговата содржина и историското миље во кое што се одвива:

„После долгата и упорна борба на македонските Словени, византискиот цар Јустинијан II, им понудил привиден мир во 685 година од нашата ера, бидејќи на истокот од империјата наишла нова голема навала на Арапи, многу поопасна одошто она што се случувало на Балканот. Поради исцрпувачката војна која што македонските Словени со децении ја воделе против Византијците на теренот околу Солун и областите на Егејското море, Словените со својата простодушност овој мир го прифатиле сосема искрено. Војничкиот живот набргу бил напуштен, оружјето оставено, а наместо него започнал нормалниот живот на земјоделци и овчари. Меѓутоа лукавиот Јустинијан II не мислел да ги остави на мира македонските Словени кои што не сакале да се покорат на Византија. Помислата дека Пребонд, кралот на ’Склавинија‘, може да ги собере околу себе и останатите словенски племиња на Балканот и така да удри на Византија, го фрлила во размисли. Да се отфрлила таквата можност, Јустинијан решил да го фати овој ’варварски‘ крал и да ги обезглави Словените на просторот на Македонија.“

Подоцна Миле Топуз црта уште еден стрип на истата тема и со истиот наслов.

5.6.7. „Доброволно во смрт“ на Љупчо Филипов и Илија Јордановски (бр. 121)

На 3 ноември 1967 година во 121-виот број на „Никад робом“ е објавен стрипот „Доброволно во смрт“.[15] Станува збор за стрип на тема од македонската историја од време на отоманскиот период во авторство на Илија Јордановски и Љупчо Филипов. Во воведниот текст во изданието е стои:

„Драматичните априлски случувања во Солун, во 1903 година, се дело на група млади македонски револуционери, завршени ученици во солунската гимназија. Организирани во револуционерниот кружок ’Гемиџии‘, како што се нарекувале себеси, тие по пат на атентати сакале да укажат на светот за лошата ситуција во Македонија и со тоа да ги поттикнат европските држави на интервенција кон турската влада. Во акциите за кои што станува збор, разрушена е зградата на Отоманската банка, запален е францускиот патнички брод ’Гвадалкивир‘ и извршено е мноштво на други атентати. Во тие драматични априлски случувања, доброволно пошле во смрт сите непосредни учесници, освен Павел Шатев, атентаторот на францускиот брод, кој што по акцијата бил уапсен. Еве ги нивните имиња: Јордан Поп-Јорданов – Орце, Константин Кирков, Димитар Мечев, Илија Тричков, Владимир Пингов и Цветко Трајков. Биле млади, помеѓу 18 у 22 години – само што зачекориле во животот. Паднале за големото човечко дело – за слобода.“

Стрипот е реобјавен во 564-тиот број на истата стрип-едиција од Горњи Милановац. Посветен на Гемиџиите, во продукција на Стрип центар на Македонија – Велес, во Велес е изработен мурал.

5.6.8. „Цар Самуило“ на Миле Топуз и Драган Ташковски (бр. 126)

Стрипот „Царот Самуило“, е објавен на 8 декември 1967 година во 126-тиот број на едицијата „Никад робом.“[16] Станува збор за историски стрип сместен во средновековната македонска историја, кој по сценарио на Драган Ташковски го црта Миле Топуз. Во воведниот текст кон стрипот стои:

„Пред точно 1000 години на Балканот е создадено огромно словенско царство на чело со македонскиот цар Самуил. Со меч и оган, како во бајка, од малото брсјачко кнежество тој создал држава на просторот од Задар до Црното море, од Срем до Егејот, со столб и корен во Македонија. Темелите на царството биле поставени кога неговиот татко, кнезот Никола, ги подигнал македонските селани и овчари против бугарските чети и ги истерал од Македонија, а притоа ги обединил македонските Словени во една целина. Тоа во суштина била една хомогена маса на која што се потпирала силата на царот Самуил. Победоносната битка за Лариса, преку која паднала цела Тесалија, потоа во 986 година победата над самиот византиски цар Василиј II кај Ихтимановиот премин, раѓале во главата на Самуил царски идеи кои не мирувале, а барале дејствие. Полни 40 години ова словенско царство пркосило на сите бури и вертови од тоа време. Половина век успешно се бранело од ударите на византиските легиони. Но во 996 година, по завземањето на Драч, Самуил во напорен марш кренал со војската низ Термопилскиот теснец, Беотија и Атика и се запрел на брегот на Коринтскиот залив. И, веројатно, походот за освојување на Грција ќе продолжел, да не се случело она што ни самиот цар не можел да го очекува. Почнале првите порази кои го наговестувале слабеењето на силата и, конечно, падот на една голема и моќна држава.“

Истиот авторски тим претходно има работено на друг стрип во кој што тема е македонскиот цар Самуил, објавен во весникот „Трудбеник“ а потоа и во неколку стрип-свески. Подоцна Миле Топуз црта уште еден стрип на истата тема.

5.6.9. „Во непријателското осило“ на Љупчо Филипов и Илија Јордановски (бр. 133)

Во 133-тиот број на едицијата „Никад робом“ од 26 јануари 1968 година е објавен стрипот „Во непријателско осило“.[17] Станува збор за стрип сместен во историското миље на Втората светска војна, односно од периодот на Народно ослободителната борба. За разлика од поголем дел од претходните стрипови, кон овој не е даден текстуален вовед. Него го добиваме многу години подоцна, од Ване Трајков, кој го пишува за потребите на неговата книга „Македонскиот стрип во едицијата Никад робом“ во издание на Стрип центар на Македонија – Велес:

„Октомвриска ноќ. Еден дел од Третата краишка бригада на чело со Виктор и Владо влегуваат во Зеница со цел од затворот да ги ослободат заробените партизани и комунисти. Додека на другиот крај од градот германските сили се обидуваат да се одбранат од лажниот напад на остатокот од бригадата, смелите партизани, користејќи ја ноќта и познавањето на германскиот јазик доаѓаат до затворот. Но, затворот е добро чуван од германската војска и тие со заробените германски стражари и информациите за распоредот и силата на непријателот решаваат да се повлечат без, притоа, да имаат жртви. Со овој стрип Љупчо Филипов ни се претставува и во воениот жанр, кој во продолжение на неговата работа често ќе го твори, особено на страниците на македонскиот забавник за млади ’Наш свет‘ во период од повеќе години.“

Ова е прв стрип на македонски автори објавен во едицијата „Никад робом“ кој што е сместен во периодот на Народно ослободителната борба. Претходните се или од средновековието и Отоманскиот период. Стрипот е реобјавен во 565-тиот број на истата стрип-едиција од Горњи Милановац.

5.6.10. „Климент Охридски“ на Миле Топуз и Драган Ташковски (бр. 134)

Стрипот „Климент Охридски“, посветен на истоимениот македонски христијански светител е објавен на 2 февруари 1968 година, во 134-тиот број на едицијата „Никад робом“.[18] Станува збор за историско-биографски стрип во авторство на Драган Ташковски и Миле Топуз. Во воведниот текст кон овој стрип, кој што е насловен „Голем просветител“, пишува:

„Две џиновски фигури стојат на прагот на македонската културна историја: Климент Охридски и попот Богомил. Додека попот Богомил ги поставил основите на силното богомилско движење кое пет векови ги нишало темелите на догматската зграда феудална Европа, дотаму Климент Охридски, пред полни 1050 години, го развил бајракот на словенската писменост и просвета. Иако Климент Охридски, за чие што име е врзана охридската глаголска школа, својот културен гениј го развил на теренот на Македонија и меѓу македонските Словени, сепак неговото дело, како и делата на сите генијални луѓе на светот, не може да се врзе исклучиво за македонската национална граница. Напротив, тоа е своина на словенските народи воопшто. Бидејќи неговата борба околу ширењето на словенската писменост и просвета во суштина е само продолжение на гигантската борба која ја започнале во Моравија и Панонија неговите големи учители КИРИЛ И МЕТОДИЈ, кои наспроти ’светата тројазичност‘ ги поставиле темелите на словенската писменост и просвета, а со тоа и словенството го поставиле меѓу општоевропските културни токови.“

Подоцна Миле Топуз црта уште еден стрип на истата тема и со истиот наслов.

5.6.11. „Цар Гаврил Радомир“ на Миле Топуз и Драган Ташковски (бр. 142)

Стрипот „Цар Гаврил Радомир“ е објавен на 29 март 1968 година во 142-риот број на „Никад робом“.[19] Се работи за историски стрип посветен на средновековниот македонски владетел – цар Гаврил Радомир, кој што по сценарио на Драган Ташковски го црта Миле Топуз. Во воведниот текст кон стрипот, насловен „Династички судири“, пишува:

„Ненадејната смрт на македонскиот цар Самуил, на 6 октомври 1014 година, покажала не само дека и царевите се смртни, туку и ја потврдила старата вистина дека по смртта на царевите доаѓаат тешки дни на искушение исполнети со династички борби и караници. Расправата помеѓу великаните на Македонското царство и патријархот Давид, била таква што луѓето кои биле на државниот сабор во зачуденост прашувале: што има да се расправа околу царувањето, кога цар Самуил оставил зад себе законски наследник, синот Гаврило Радомир, искусен војник и борец. Но работата не била само во тоа. Стариот патријарх Давид, кој по секоја цена сакал да ја зачува предноста на православната црква над богомилската ерес која била слободна, ги изненадил сите кога го поставил прашањето за легитимноста на Самуиловиот син Гаврил за царскиот престол. И тоа не поради тоа што Гаврил не бил дораснат за такво големо звање, туку затоа што неговата ортодоксија кон православието била сомнителна.“

Подоцна Миле Топуз црта уште еден стрип на истата тема и со истиот наслов.

5.6.12. „Ѓорѓе Војтех“ на Миле Топуз и Драган Ташковски (бр. 160)

Во 1968 година, на големиот македонски национален празин 2 август, Илинден, како 160-ти број на едицијата „Никад робом“ е објавен стрипот „Ѓорѓи Војтех“.[20] Станува збор за историски стрип во авторство на Драган Ташковски и Миле Топуз, во кој што е обработена македонската историја од времето на скопскиот владетел и војсководец кој во 1072 година кренал востание против Византија, а по кој што стрипот го добива името. Во воведниот текст кон овој стрип, насловен „Отпор на тиранијата“, пишува:

„Пљачките и насилството кои ги вршеле византиските војници над македонските Словени биле секојдневна слика во Македонија. Тaа неподнослива состојба ги присилила македонските Словени по трет пат, по пропаѓањето на Самуиловото царство, да се дигнат на востание. Востанието избило во моментот кога Византија трпела големи порази на три краја од својата Империја: во Мала Азија од Селџуците, во Италија од Норманите, а на Балканот од Унгарците. Меѓутоа искуството од претходните востанија (1040 и 1066) ги натерало македонските првенци во ова востание од 1072 година, да побараат сојузник вон Македонија, во останатите словенски браќа. За помош се обратиле кај зетскиот кнез Михаил, кој во тоа време ја имал најмоќната словенска држава на Балканот. Иако и ова востание во Македонија било задушено, македонските Словени никогаш не престанале да се борат за својата слобода и за животот достоен за човек.“


5.6.13. „Приказна за Мармај“ на Љупчо Филипов и В. Вељиќ (бр. 165)

Во 165-тиот број на „Никад робом“ кој излегува на 6 септември 1968, е објавен стрипот „Приказна за Мармај“.[21] Станува збор за стрип сместен во македонското историско минато, односно во Македонија од периодот по доаѓањето на Словените. По сценарио на В. Вељиќ, овој стрип го илустрира авторот Љупчо Филипов од Скопје. Во самото издание нема воведен текст кон стрипот нема, но многу години подоцна него го добиваме благодарение на Ване Трајков. Во својата книга „Македонскиот стрип во едицијата Никад робом“, за овој стрип Трајков пишува:

„Доаѓањето на Словените во VI век во топлите предели на денешна Македонија била со намера за подобар живот на племињата од ладниот и суров север каде што живееле. Бидејќи обработливото низиско земјиште било зафатено од староседелците тие се населувале во повисоките предели. Тука, оформуваат свои живеалишта и продолжуваат со својот живот обработувајќи ја земјата и бавејќи се, претежно, со лов и сточарство. Често војуваат несловенски племиња кои доаѓаат да ограбуваат. Во тоа време, Балканскиот Полуостров бил под владение на Римското царство и во словенските племиња имало мисла за сојуз со Ромејците (така Словените ги нарекувале припадници на Римското Царство) како би се одбраниле од нападите не други народи… Приказната започнува во најголемото племе на Словени што оформува своја населба во подножјето на планината Галичица. Старешината на племето Оногај, чувствувајќи ја опасноста од нови напади на непријателите предлага да го замолат ромејскиот цар да ги земе под своја власт и да ги заштитува. Племето прифаќа, а младиот и храбар Мармај е единствен што се спротивставува. Тој не ги прифаќа наредбите на старешината и племето решава да го истера од населбата. Мармај живее од другата страна на населбата под самата планина. Со својот коњ и пес тој заминува во планината каде си изградува колиба и живее во пријателски однос со Циганите кои се населени во негова близина. Во една прилика при лов, Мармај слуша рик на мечка и стигнува точно во моментот кога убавата ќерка на старешината Оногај е нападната. Мармај храбро се бори со мечката и со нож успева да ја убие, а потоа ладнокрвно си заминува иако Елена не е рамнодушна према него. Во населбата доаѓаат Ромеите и ги повикуваат Словените заеднички да одат во војна со нивните непријатели. Кога дознава за ова Мармај, доаѓа во селото и повторно се спротиставува велејќи дека не им треба сојуз со Ромејците. Старешината наредува да се затвори Мармај и добро да се чува. Но…“

5.6.14. „Во обрач“ на Љупчо Филипов и Илија Јордановски (бр. 176)

Во 176-тиот број на едицијата „Никад робом“, кој излегува на 22 ноември 1968 година, е објавен стрипот „Во обрач“.[22] Тема на стрипот е животот на народниот херој на Југославија – Мустафа Бакија, а негови автори се Илија Јордановски и Љупчо Филипов. Воведен текст кон стрипот изостанува, но претстава за стрипот добиваме благодарение на Ване Трајков и неговата книга „Македонскиот стрип во едицијата Никад робом“:

„Стрипот ни го прикажува краткиот, но бурен живот на младиот комунист Мустафа Бакија во окупираниот дел на Косово и Метохија за време на Втората светска војна (ова е единствен стрип што е објавен во едицијата ’Никад робом‘ што обработува тема за настан врзан од албанската историја за време на НОБ во Југославија). Мустафа е испратен со партиска директива од Ѓаковица во Призрен каде се вработува во книжарницата на познатиот Спахија. Тука тој прима и испраќа партиски пораки за организацијата. Под закрилата на книжарницата и нејзината работа, Мустафа често патува во околните градови. Во една прилика при улични протести тој се наоѓа на чело на демонстрантите и е приведен од полицијата. Тој ги издржува сите ѕверски мачења што полицијата ги врши врз него. Без никакви докази окупаторската власт го осудува на затворска казна. По капитулацијата на Италија, Мустафа Бакија се враќа во Призрен каде продолжува со својата илегална работа. При една рација во автобусот за Ѓаковица, Мустафа е повторно откриен, но успева да ѝ побегне на полицијата и се сокрива во куќата на својата тетка. Но, домашните предавници не спијат и го предаваат на полицијата. Таа го стега обрачот околу куќата. Мустафа се бори до последниот куршум и при фрлање на бомба загинува изрешетан од полицискиот пушкомитралез…“

Стрипот е реобјавен во 560-тиот број на истата стрип-едиција од Горњи Милановац.

5.6.15. „Карпош: Македонски селски крал“ на Миле Топуз и Драган Ташковски (бр. 179)

Стрипот „Карпош: Македонски селски крал“ е објавен на 13 декември 1968, како 176-ти број од едицијата „Никад робом“ во издание на „Дечје новине“ од Горњи Милановац.[23] Се работи за историски стрип на авторите Драган Ташковски и Миле Топуз, кој што го обработува македонското минато од периодот на карпошовото востание.

„Измачениот македонски човек работел во рударските јами од утро до касно навечер, понекогаш и по шеснаесет часови, за мизерна плата. Притоа, секојдневно биле малтретирани од чуварите – надзорници Турци… Кога со месеци состојбата не се менувала рударите предводени од Карпош ја запираат работата и бараат поголема плата. Надзорникот, со камшик в рака, се обидува да ги врати на работа но, Карпош го убива. Враќање на немилиот назад нема и Карпош заминува во ајдуци. Во тоа време турските арачлии го минуваат селото во чија близина е четата на Карпош. Четата брзо изведува напад, а одземената стока им се враќа на селаните. Кога во 1689 година кон Македонија доаѓа силна австриска војска предводена од командантот Маркграф Баденски, Карпош крева востание кое за кратко време има успеси ослободувајќи ги Кратово, Крива Паланка и Куманово. Осоколената востаничка војска, со помош на војската на генерал Пиколомини го ослободува Скопје. Турската војска се повлекува кон Велес и на Карпош му се пружа можност да ја ослободи Македонија. Турскиот султан Мехмед III му испраќа писмо на Карпош и му нуди амнестија и место повереник за Македонија. Но, охрабрен од почетните успеси на востанието и неговото устоличување за кнез од страна на австрискиот крал Леополд I, Карпош предлогот на султанот го одбива. Епидемијата на колера што го зафаќа Скопје, и притоа Пиколомини наредува градот да се запали до темел, а австриската војска да се врати ја свртува воената среќа. Турците со големи сили го напаѓаат Карпош кој со главнината на востаниците го брани Куманово. Бројноста е на страна на Турците и Карпош е заробен. Одведен е во Скопје каде е обесен пред Камениот мост.“

5.7. „Никад робом – цртана школа“

Во 1969 година, „Никад робом“ се трансформира, со што на името му е пришиен додатокот „Цртана школа“. За трансформацијата на едицијата што се случува оваа година, Јурица Кладушан (2010) пишува:

„…Во 1969 година, се стигнува до промена на концептот [на ’Никад робом‘]. Почнува да се печати во Скопје во печатницата ’Нова Македонија‘, а изданието поради високата популарност на малите партизански курири Мирко и Славко се трансформира во едицијата Никад робом Мирко и Славко, и излегува од 4 април 1969 година, од бројот 195 на мал формат 125x170mm од 64 страници, плус корици. Напоредно, во истиот формат и распоред, оригиналната серија, исто така, излегува со број 195, но со промена на називот ’Никад робом – цртана школа‘. Од број 196 на бројот се додава римската II и така излегува до крајот на учебната година до бројот 203. Во учебната 1969/70 објавени беа уште 30 броеви, со што завршува излегувањето на цртаната школа…“

Во „Никад робом – Цртана школа“ се објавени следниве стрипови на македонски автори:

  1. „Стрез господар на Просек“ (срп. „Strez gospodar Proseka“), „Никад робом – Цртана школа“ бр. 12.
  2. „Хероите на Ножот“ (срп. „Heroji na Nožu“), „Никад робом – Цртана школа“ бр. 18.
  3. „Некрунисаниот крал на Куманово“ (срп. „Nekrunisani kralj Kumanova“), „Никад робом – Цртана школа“ бр. 24.
  4. „Добромир Хрс“ (спр. „Dobromir Hrs“), „Никад робом – Цртана школа“ бр. 27.

5.7.1. „Стрез господар на Просек“ на Миле Топуз и Драган Ташковски (бр. 12)

Првиот стрип на македонски автори објавен во „Никад робом – Цртана школа“ е „Стрез господар на Просек“.[24] Овој историски стрип на тема од средновековното македонско минато излегува на 28 ноември 1969 година. Негови автори се Драган Ташковски и Миле Топуз. Во описот на овој стрип во книгата „Македонскиот стрип во едицијата Никад робом“ Ване Трајков пишува:

„По смртта на Добромир Хрс во 1202 година делови од Македонија преминуваат повеќе пати од раце во раце на разни владари: византијски, латински, српски, бугарски… Но, народот успеава некако да ја обнови својата држава со седиште во Просек и на чело со Стрез. Неговата појава во Македонија тесно е поврзана со династичките борби во Бугарија. После убиството на Колојан, новиот владар Борил почнал да ги убива приврзаниците на Колојан. Така Стрез, кој е роднина на Колојан, бега во Србија кај жупанот Стеван… Стрипот започнува на состанокот кој го има Стеван со неколку големи српски феудалци на кој присуствува и Стрез. Стеван му нуди војска на Стрез да се врати во Македонија и да ги истера бугарските војници, а потоа да му стане сојузник. Стрез прифаќа и со војската се враќа во Македонија. Патем, ги ослободува сите градови од бугарска власт, а со ослободената територија му се зголемува воената сила и власт. Така осилен тој се прогласува за независен господар на новата територија што се протега од Призрен до Солун и од реката Струма до Охрид. Заборава на ветеното што му го даде на Стеван и со својата неистомисленици сурово се обрачунува фрлајќи ги од својата тврдина во Просек, во немирните и брзи води на реката Вардар. Насетувајќи ја опасноста од Стеван, Стрез прави сојуз со Слав, господарот на родопската област. Тоа за момент го запира походот на Стеван и Борил против Стрез, и новите сојузници решаваат да го прошират своето владение со нова територија од другата страна на реката Струма што ја држат Латините (крстоносците). Стрез лесно победува и ги протерува Латините. Со ова неговите освојувачки апетити се зголемуваат. Тој сака да ја освои целата територија што ја држат Латините и склучува сојуз со деспотот Михаил. Прва нивна цел е градот Костур на југ. Но, само што Стрез со својата војска тргнува на бедемите на Костур, Михаил од зад грб го напаѓа и Стрез едвај успева да се спаси со мал број од војската. Две години од овој пораз Стрез сака да склучи сојуз со Бугарите, Латините и епископот деспот Михаил кој се враќа во троен сојуз, со цел да ја нападне Србија која во меѓувреме зазела делови од северна Македонија. Со голема војска Стрез тргнува кон Србија. Жупанот Стеван испраќа гласник со цел да го одврати Стрез од овој сојуз. Стрез тоа го одбива но, се случува нешто што нему ниту на крај памет не му паѓало. Неговите воени старешини уморни од војување и од суровото самоволие на Стрез, се свртуваат против него и го убиваат. Така завшува животот на Стрез – господарот на Просек, а со тоа и Просечката држава на македонските Словени.“

Стрип на истата тема, под насловот „Борбата на Ножот“, подоцна црта и македонскиот стрип-автор Диме Иванов-Димано.

5.7.2. „Хероите на Ножот“ на Љупчо Филипов и Илија Јордановски (бр. 18)

Вториот стрип на македонски автори објавен во „Никад робом – Цртана школа“ на 9 јануари 1970 година е „Хероите на Ножот“.[25] Се работи за историски стрип од македонското минато сместен во отоманскиот период, односно периодот на револуционерната борба за слобода. Автори на „Хероите на Ножот“ се Илија Јордановски и Љупчо Филипов. Во својата книга „Македонскиот стрип во едицијата Никад робом“, Ване Трајков за овој стрип пишува:

„Во 1906 година турската војска врши акција против македонските револуционерни чети на планината Бабуна и полека го стега обрачот кон врвот Ножот каде се наоѓаат 54 борци. Тие имаат време да се извлечат од обрачот но, ја избираат борбата несакајќи на турскиот аскер да му отстапат повеќе ниту педа од македонската земја. Свесни дека нема живи да се извлечат тие ја одбиваат и последната можност за спас, како и предлогот на турскиот командант, мајорот Енвер Бег, за предавање. Добро опремената турска војска; во опрема и луѓе од сите страни се нафрла врз утврдените комити на врвот. Се развива неколкучасовна борба во која паѓаат жртви на двете страни. Кога ќе ги испукаат последните куршуми тие со иста жар во битката продолжуваат фрлајќи големи камења кон турските војници. Помеѓу кратките затишја на борбата од врвот Ножот ечат македонски патриотски песни. Но, аскерот е многуброен и преостанатите живи борци легнуваат врз последните бомби и херојски го завршуваат животот. Вчудоневиден од ова херојство, Енвер бег им забранува на своите војници да ги ограбуваат мртвите тела на загинатите македонски борци. Во нивна чест, тој наредува три плотуна од пушките на турските војници. Сите борци се погребани на врвот Ножот каде и ден денес стои надгробна плоча во чест на овие херои.“

5.7.3. „Некрунисаниот крал на Куманово“ на Љупчо Филипов и Илија Јордановски (бр. 24)

На 13 март 1970 година во едицијата „Никад робом – Цртана школа“ излегува стрипот „Некрунисаниот крал на Куманово“.[26] Се работи за историска тема од македонското минато, во кој што е објаботено Карпошовото востание. Автори на стрипот се Илија Јордановски и Љупчо Филипов. Интересно да се спомне е дека во едицијата „Никад робом“, претходно е објавен стрип на истата тема. Станува збор за стрипот „Карпош: Македонски селски крал“ кој што по сценарио на Драган Ташковски го илустрира Миле Топуз.


5.7.4. „Добромир Хрс“ на Миле Топуз и Драган Ташковски (бр. 27)

Последниот стрип на македонски автори кои што излегува во едицијата „Никад робом – Цртана школа“ е „Добромир Хрс“.[27] Пред читателите ширум Југославија овој стрип е објавен на 3 април 1970, а негови автори се Драган Ташковски и Миле Топуз. Се работи за историски стрип на тема од македонската национална историја од средновековниот период. Во описот за овој стрип во книгата „Македонскиот стрип во едицијата Никад робом“, Ване Трајков пишува:

„Еден од најпочитуваните македоски феудалци во втората половина на XII век бил Добромир Хрс. Тој имал голем авторитет како меѓу народот така и меѓу старешините. Сѐ почестите упади на Бугарите на македонска почва, го принудиле Хрс да го искористи својот авторитет и пред насобраниот народ во Струмица да ја поведе македонската војска во одбрана. Битката помеѓу двете војски се одиграла на местото Црни полиња. Налетот на македонската војска бил силен и Бугарите со големи загуби се повлекле. Доаѓањето на крстоносците од северозапад му дало шанса на Добромир Хрс да склучи сојуз со нив против Византија. Осоколени од поддршката на крстоносците војската на Добромир Хрс поаѓа во поход долж повардарието. Но, и Византијците на чело со царот Алексеј III од Солун поаѓаат во пресрет на македонската војска. Притоа, палат, уништиваат и убиваат цели села и градови. Нападот на Византијците на Просек, утврдениот град на Добромир Хрс во Демиркаписката клисура, не вродил со плод. Добромир Хрс не само што добро се бранел, туку, во контранапад го принудил византијскиот цар да бара примирје. Алексеј III му ги вратил освоените градови и во знак на добра воља му ја дал за жена својата роднина Евдокија. Но, добрата намера на Алексеј траела само неколку недели. Сакајќи да добие во време, тој склучил сојуз со бугарскиот цар со цел да го нападне Добромир Хрс. Налутен од оваа постапка Хрс со својата војска ги освојува Битола, Прилеп и цела Тесалија до градот Стон кого го сметал за граница на македонската земја со византијската. Увидувајќи ја грешката царот Алексеј III му ја нуди својата преубава ќерка Теодора на Хрс за жена. Тој со воодушевување прифаќа заклучувајќи дека храброста што ја покажале Македонците во одбрана на својата земја победила и најпосле тие се господари на својата земја…“


[6] Дел од броевите се печатени и на македонски и словенечки јазик.

[7] Види: Трајков 2016.

[8] За оваа епизода види и: Трајков 2016: 24–26.

[9] За оваа епизода види и: Трајков 2016: 28–29.

[10] За оваа епизода види и: Трајков 2016: 30–31.

[11] Како сценарист Чолиќ е кредитиран во самото издание. Ване Трајков (2016: 30) изразува сомнеж дека можеби се работи за грешка, односно дека сценарист е Добрица Ериќ, кој што е сценарист и на првиот дел на стрипот.

[12] За оваа епизода види и: Трајков 2016: 34–35.

[13] За оваа епизода види и: Трајков 2016: 39–40.

[14] За оваа епизода види и: Трајков 2016: 41–42.

[15] За оваа епизода види и: Трајков 2016: 43–44.

[16] За оваа епизода види и: Трајков 2016: 45–46.

[17] За оваа епизода види и: Трајков 2016: 47.

[18] За оваа епизода види и: Трајков 2016: 48–50.

[19] За оваа епизода види и: Трајков 2016: 50–52

[20] За оваа епизода види и: Трајков 2016: 54–55.

[21] За оваа епизода види и: Трајков 2016: 56–57.

[22] За оваа епизода види и: Трајков 2016: 58–59.

[23] За оваа епизода види и: Трајков 2016: 60–61.

[24] За оваа епизода види и: Трајков 2016: 64–66.

[25] За оваа епизода види и: Трајков 2016: 66–67.

[26] За оваа епизода види и: Трајков 2016: 68–69.

[27] За оваа епизода види и: Трајков 2016: 69–71.