Table of Contents
5.27. „Деветка“ (2018-)
Првиот број на „Деветка“, кој е најнов македонски стрип-магазин, се појавува во пролетта од 2018 година, од кога што во темпо два броја годишно излегува до денес.[42] Дел од стриповите објавени во оваа периодична публикација во издание на „Стрип Квадрат“ од Скопје се историски.
5.27.1. „Тутун“ на Иво Николов (бр. 1, 2018)
Прв стрип сместен во историско меље кој што е објавен во „Деветка“ е „Тутун“ на Иво Николов. Дејствието на овој стрип од три табли е сместено во Македонија во дваесеттите години на минатиот век. „Тутун“ е посветен на Зоран Николов.
5.27.2. „Подвиг над смртта“ на Диме Иванов-Димано (бр. 1–3, 2018–2019)

Вo првите три броја на „Деветка“, од периодот 2008 – 2019 година, излегува стрипот „Подвиг над смртта“ на Диме Иванов-Димано. Станува збор за историски стрип, во што е прикажана херојскиот последен отпор на македонскиот револуционер Леонид Јанков. Подвигот над смртта на Јанков уште претходно добивува стрипувана верзија, во реализација на српските автори Милорад Јанковиќ и Станислав Спалајковиќ, под насловот „Драма во Ѓуровиот дол“ објавен во 103-тиот број на едицијата „Никад робом“ од 30 јуни 1967 година.[43] Во својата книга „Македонскиот стрип во едицијата Никад робом“, Ване Трајков (2016: 32–33) за овој настан пишува:
„По една дојава од шпиуните дека Леонид со својата чета е во Ѓуров дол, кајмакамот собира војска од Струмица, Дојран и Гевгелија. Војската, три илјади на број, од двете страни на долот поаѓа кон четата на Леонид. Но, турската војска не знае дека низ изминатите години од четата се останати само тројца три борци: Леонид Јанков, Томо Киров и Михаил Таушанов. Турците не успеваат да го најдат скривалиштето на Леонид и ги одминуваат. Но, една бизарна случка ќе ја режира големата драма во Ѓуров дол. Два турски војника ќе се качат на големото дрво со зрели смокви за да наберат неколку плодови. Леонид не може да му одолее на предизвикот и им ги зема пушките што војниците ги оставаат долу крај стеблото. Но, еден војник го забележува и крева узбуна. Одекнуваат истрели од двете страни на долот. Куршумите ги погодуваат турските војници од двете страни на долот, бидејќи Леонид и другарите се добро сокриени во скривалиштето. Кога кајмакамот ќе увиди дека војската му гине од сопствените куршуми наредува да сопре пукањето. По кратко време скривалиштето на Леонид е откриено. Триилјадната војска жестоко стрела, а Леонид со своите другари храбро враќа со оган од пушките. Турците имаат големи загуби. Сепак, нивната бројност е надмоќна, и прво загинува Михаил, а потоа и Томо. Со последниот куршум, пред очите на Турците Леонид сам се убива. Кајмакамот наредува да се земе телото на Леонид и да се предаде на македонската црква. Народот, после овој настан, ја отпеал една од најубавите народни песни посветени на храбриот војвода Леонид Јанков.“
Станува збор за наративната патриотска македонска народна песна „Трба трби“/„Трба трби Гевгелија“:
Трба трби Гевгелија
сите Турци надавија.
Сите Турци надавија
од јунака Леонида.
Цар испратил до три војски,
до три војски сè тирански.
Прва војска – гевгелиска,
втора војска е дојранска.
Втора војска е дојранска,
трета војска е струмичка.
Ќе го бараат Леонида,
Леонида, баш комита.
Го бараа во Богданско,
го најдоа во Ѓавачко.
Го најдоа во Ѓавачко,
во Ѓавато, во Ѓурѓов дол.
Јунак лежи в’ постелата,
срце му е динамита.
Срце му е динамита,
в’ раце држи револвера.
Бој започна од сабајле,
од сабајле, дур’ до вечер.
Триста души убиени,
а ранети, неброени.
Проговара јузбашија:
– Еј јунаку Леонида,
предај ми се ти на мене
да те видам кај султанот.
Тој да види каков јунак,
ќе ти даде многу пари.
Одговара Леонида:
– Слушај мене јузбашијо,
елај ваму, понаваму,
да ти кажам два-три збора.
Да ти кажам два-три збора,
два-три збора македонски.
Голем страм е за комита
жив да падне в’ турски раце.
Таква правда – турска правда,
три илјади на тримина.
Останаа два патрона,
еден за теб’, втори за мен’.
Си извади револвера
па го стрела јузбашија.
Па го стрела јузбашија
и на крајот сам се уби.
Живот даде Леонида
за Македонија мила. [44]
Иако се работи за случајност, не може а да не се забележат паралелите помеѓу херојскиот последен подвиг на гевгелискиот војвода Јанков и оној на неговиот истоименик, спартанскиот крал Леонид, кој Френк Милер ќе го пренесе и на стрип.
5.27.3. „El Bandido“ на Јордан Коцевски и Игор Јовчевски (бр. 2, 2018)
„El Bandido“ е стрип од четири табли кој по сценарио на Јордан Коцевски го црта Игор Јовчевски. Дејствието на стрипот, кој излегува во вториот број на „Деветка“, е сместено на Дивиот Запад.
5.27.4. „Дневникот на изгубената надеж“ на Александар Сотировски (бр. 2, 2018)
„Дневникот на изгубената надеж“ на Александар Сотировски е стрип од 14 табли во кој што се раскажува мистериозна приказна која ги спојува животите на Мустафа Кемал-Ататурк и првите камермани на Балканот, браќата Манаки. Премиерно стрипот е објавен во 2012 година во турската публикација „Чизтанбул“ (Çiztanbul), по што е изложен и во Битола во рамки на филмскиот фестивал „Браќа Манаки“.
Мустафа Кемал-Ататурк (1881, Солун – 10 ноември 1938, Истанбул), кој се смета за татко на Република Турција, е нејзин основач и прв претседател. Има длабоки врски со македонската земја, а соработувал и со видни македонски национални дејци. Роден е во Солун, Егејска Македонија (Денес Грција), каде што се школувал во Военото училиште, по што наобразбата ја продолжил на Воената академија во Битола (1896/1897 –1898/1899). Во Солун работел како воен инспектор на железничката линија Солун–Скопје и Солун–Битола (1907–1910). Учествувал во Младотурската револуција (1908) и во Контрареволуцијата (1909), како и во Отоманско-италијанската војна (1911–1912), во Балканските (1912 –1913) и во Првата светска војна (1914–1918).
Браќата Манаки, Милтон и Јанаки, се македонски фотографи и кинематографи од влашко потекло. Родени се кон крајот на 19 век во с. Авдела, Костурско, Егејска Македонија (денес во Грција). По палењето на селото заминуваат за Битола, каде што ќе отворат фотографско атеље. Тие се сметаат за први балкански филмски сниматели.
5.27.5. „The Hunter“ на Игор Јовчевски (повеќе броеви
„The Hunter“ е стрип на Игор Јовчевски сместен во историското миље на Дивиот Запад, кој почнувајќи од третиот број, на делови излегува во „Деветка“.
5.27.6. „Војдан“ на Диме Иванов-Димано (неколку броеви)
По премиерата во 2014 година како албумско издание, стрипот „Војдан“ на делови излегува во неколку броеви на „Деветка“, почнувајќи од седмиот. Подетално овој стрип е обработен во секцијата за албумски изданија.
5.27.7. „The Last cowboy song“ на Игор Јовчевски (бр. 7, 2021)
„The Last Cowboy Song” кој што е објавен во седмиот број на „Деветка“, е стрип на Игор Јовчевски сместен во историското миље на Дивиот Запад.
5.27.8. „The Hunt“ на Игор Јовчевски (бр. 8, 2021)
„The Hunt“, кој што е објавен во осмиот број на „Деветка“, е стрип на Јордан Коцевски и Игор Јовчевски сместен во историското миље на Дивиот Запад.
5.28. „Балон“
Волуменозниот „Балон“ е српско возобновено списание, кое првично излегува во деведесеттите години на минатиот век. По две и пол децениска пауза, списанието одново е покренато во јануари 2021 година, под истиот наслов и со континуитет во нумерацијата. На неговите страници се објавени неколку стрипови на македонскиот автор Љупчо Филипов, од кои три се епизоди со ликот Велики Блек.
5.28.1. „Блек“ на Љупчо Филипов и Миодраг Милановиќ (бр. 12-16, 17-21, 22-26)
Триесет и две години по нивното создавање и премиерно објавенување, во 2021 година на страниците на периодичната публикација „Балон“ се реобјавени три епизоди од стрип-сагата за Велики Блек, нацртани од Љупчо Филипов по сценарија на Миодраг Милановиќ. Станува збор за епизодите:
- „Доселеници“ (срп. „Doseljenici“) бр. 12–16, март 2021 година.
- „Авантурите на Стела“ (срп. „Steline avanture“) бр. 17–21, јули 2021 година.
- „Кула на смртта“ (срп. „Kula smrti“) бр. 22–26, октомври 2021 година
Подетално за Блек и за овие три епизоди кои претходно се објавени во „Лунов магнус стрип, видете во сегментот посветен на оваа српска стрип-едиција.
5.29. „(е)Лит“
Првиот број на „(е)Лит“ излегува кон крајот на 2021 година, во издание на „Креативна верига“. Уредник на ова електронско списание е Јордан Коцевски, кој се бави и со стрип.
5.29.1. „The Hunt“ на Игор Јовчевски (бр. 1, 2021 година)
„The Hunt“ е стрип на Јордан Коцевски и Игор Јовчевски сместен во историското миље на Дивиот Запад. Претходно стрипот е објавен во осмиот број на „Деветка“.
5.29.2. „Антиквизатори“ на Александар Стеванов (бр. 2, 2022 година)
Во вториот број на „(е)Лит“ се објавени неколку епизоди од стрипот „Антиквизатори“ на Александар Стеванов, кој претходно излегува како веб-стрип.
[42] Подетално за оваа периодична публикација, види: Стеванов 2020e: 38–42; Stevanov 2021e: 45–46.
[43] За оваа епизода види и: Трајков 2016: 32–33.
[44] Транскрибирано според изведба на Васка Илиева.