Table of Contents

5.8. „Историска Стрипотека – Епопеја“ (1975)

Во „летото 1975 година“, како што пишува Ване Трајков (207: 4), извршен директор на Стрип центар на Македонија – Велес, во Македонија на „сивото стрип небо се појави трошка светлост.“ Тој нов зрак светлина, во форма на публикација во издание на НИП „Нова Македонија“, го носи насловот „Историска стрипотека – Епопеја.“[28] Станува збор за издание во формат 22,5 х 28,5, на 64 страници. Покрај насловот „Историска стрипотека – Епопеја“, на насловната страница на изданието е напишан и број – 1. Иако постојат одредени индиции за тоа, не успеав да откријам дека биле објавени повеќе од еден број, што „Историска стрипотека – Епопеја“ ја прави периодична публикација во обид.

Во првиот број на „Историска стрипотека – Епопеја“, што е најавени и на самата насловна страница, се објавени три стрипа, сите на македонски автори и сите на тематика од богатата македонска историја. Станува збор за стриповите:

  1. „Гоце Делчев“ на Љупчо Филипов
  2. „Јане Сандански“ на Љупчо Филипов
  3. „Питу Гули“ на Диме Иванов-Димано

„Овие стрипови излегува претходните две години на страниците на ’Наш свет‘“, пишува Трајков (207: 4). „ако се земе предвид дека стрипови со ваква содржина од македонски автори ’Наш свет‘ објавува скоро од првите години на своето постоење (првиот број на ’Наш свет‘ излезе во јануари 1960 година), ете добар оптимизам за најмалку десетина броеви на ова издание. Но, македонскиот читател не беше навикнат да чита целовити приказни во вакви изданија и првиот број со месеци по излозите на продавниците за весници на НИП ’Нова Македонија‘. Нерентабилноста на ова издание, како и навиката македонскиот читател да чита разни изданија на српскохрватски јазик со јунаци како Текс Вилер, Загор, Астерикс, Алан Форд и други, направија првиот број, всушност, да биде и единствен од ова издание. За повторен обид НИП ’Нова Македонија‘ да направи стрип-издание требаше да се чека петнаесет години до појавата на ’Макстрип’“, завршува Трајков (2007: 4–5).

5.8.1. „Гоце Делчев“ на Љупчо Филипов (бр. 1)

Во првиот број на „Историска стрипотека – Епопеја“, реализиран од авторот Љупчо Филипов, е објавен исторски стрип за македонскиот национален деец и револуционер, срцето на македонската вековна борба за слобода – Гоце Делчев, кој е застапен и во македонската национална химна. Стрипот за Делчев, серијализирано, претходно излегува на страниците на списанието „Наш свет“.

Како лик, Гоце Делчев се појавува и во краткиот стрип „Јунаците умираат со оружје в рака, но со лажица в рака живеат подолго“, на Ване Трајков (сценарио) и Оливер Цветковски (цртеж), објавен во 2016 година, во вториот број на „Стрип Алманах“, во и во неколку епизоди од серијалот веб-стрипови „Антиквизатори“.

5.8.2. „Јане Сандански“ на Љупчо Филипов (бр. 1)

Исто така реализиран од Љупчо Филипов, во „Историска стрипотека – Епопеја“ е објавен стрип насловен по македонскиот национален борец за слобода – „Јане Сандански“. Приказната на стрипот гравитира околу аферата Мис Стон, во која е киднапирана американска мисионерка, по која аферата го добива називот.[29] Овој стрип претходно излегува на страниците на списанието „Наш свет“, во серијализирана форма. Аферата Мис Стон подоцна станува предмет на уште едно стрипувано видување, објавено како албумско издание во 2000 година.

5.8.3. „Питу Гули“ на Диме Иванов-Димано (бр. 1)

За разлика од претходните два стрипа кои излегуваат во истиот број, „Питу Гули“ е реализиран од стрип-авторот Диме Иванов-Димано. Станува збор за историски стрип за македонскиот херој Питу Гули, кој за време на славното Илинденско востание го положил животот на Мечкин камен, како залог за слободна Македонија. И покрај различниот автор, и овој стрип исто како и „Гоце Делчев“ и „Јане Сандански“, претходно на делови излегува во списанието „Наш свет“.

Како лик, Питу Гули се појавува и во серијалот веб-стрипови „Антиквизатори“.

5.9. „Млад борец“

Списание „Млад Борец“ е некогашен македонски неделен магазин. Одлуката за неговото покренување е донесена на 22 декември 1943 година во Фуштани, на Првиот конгрес на  антифашистичката младина на Македонија, на кој 288 делегати ја изразуваат поддршката за печатење на гласило за потребите на НОБ и одбраната од непријателот. Весникот се појавува по три месеци од донесувањето на одлуката, а и по остварувањето на целта со која бил основан, слободна Македонија,, „Млад борец“ не престанува да излегува. Во седумдесеттите, а особено осумдесеттите, на неговите страници излегуваат голем број стрипови, а во него се зачнува и идејата за македонска стрип-историографија.

Истакнатиот академски сликар и плоден стрип-автор Александар Станковски, роден во 1959 година, го објавува својот прв стрип во „Млад борец“ во 1974 година. Подоцна Станковски објавува и мини-стрипови со историска тематика, во која хумористично ги третира филозофите: Сократ, Тома Аквински и Жан Буридан. Во „Млад борец“ објавува и ликовниот уметник Јорданчо Давидовски, кој што работи како учител во Куманово. За него Османли (2021: 289) пишува дека „е вториот припадник на реалистичката тенденција во нашиот стрип“, а „според наративниот материјал и структурата на глетка-полињата“ темите „ги црпи од историјата (Стариот Рим…) и од научната фантастика.“ Инспириран од Стариот Рим е и неговиот историски стрип „Гладијатор“, објавен и во „Стрип Креатор“, бр. 25 од април 2017 година.

Меѓу авторите кои што во „Млад борец“ објавуваат стрипови, вклучително и историски, е Зоран Јаневски. Тој на страниците на ова списание во 1979 година го објавува „Цезар и Брут“, со кого Томислав Османли (2021: 296) оценува дека „кај нас го најави ’андеграунд’ стрипот со сите негови побитни карактеристики: од неговиот тематски и идеен интелектуализам, преку цинизмот и анти-дидактичноста, сè до поедноставениот, редуциран цртеж.“

5.10. „Ју стрип“

Една од попопуларните стрип-ревии во бивша СФРЈ е „Ју стрип“ во издание на „Дечје новине“ од Горњи Милановац, Србија. Исто како и во нејзиниот постар брат „Никад робом“ и во „Ју стрип“ излегуваат стрипови и од македонски автори: Диме Иванов-Димано, Љупчо Филипов, Игор Тошевски…

5.10.1. „Пејо“/„Итар Пејо“ на Диме Иванов-Димано (бр. 234/1, 22)

Во два броја на „Ју стрип“ се објавени епизоди со мариовскиот шегобиец Итар Пејо (срп. „Lukavi Pejo“), реализиран од стрип-авторот Диме Иванов-Димано. Иако не станува збор за историски стрип, а воедно во него не се среќаваат ниту историски личност, не може а да не се забележи дека тој е сместен на фонот на Македонија од историскиот период на Отоманското владеење. Па, и покрај тоа, како и авторските слободи, односно фантазии, тој претставува стрипувана интерпретација за животот на обичниот Македонец од пред XX век. „Итар Пејо“ е објавен во следните броеви на „Ју стрип“:

  1. бр. 234/1 од август 1980 година.
  2. бр. 22 од септември 1980 година.

Стриповите со „Итар Пејо“, во издание на Стрип центар на Македонија – Велес, подоцна ќе бидат објавени интегрално, во три тврдоукоричени стрип-книги отпечатени во боја.

5.10.2. „Одмазда на еднооките“ на Љупчо Филипов (бр. 27)

Во 27-миот број на „Ју стрип“, од февруари 1981 година, по барање на читателите е (ре)објавен стрипот „Одмазда на еднооките“ (срп. „Osveta jednookih“). Овој стрип на македонскиот автор Љупчо Филипов премиерно излегува во 1966 година, во 69-тиот број од едицијата „Никад робом“, со оглед на што во „Ју стрип“ е поместен во рубриката „Галерија на стари стрипови“ (Galerija starih stripova). Во „Ју стрип“ овој стрип е објавен со спојување на панелите од четири табли (од „Никад робом“) и нивно поставување на една страница. Па така, ако во „Никад робом“ бројот на неговите страници е 30, во „Ју стрип“ тој зафаќа само 7,5 страници. Исто така на 7,5 страници, во 1996 година „Одмазда на едноките“ е објавен и на македонски јазик, во првиот број на стрип-ревијата „Стрип Арт“.

5.11. „Патак“

Хрватската стрип-ревија „Патак“, која негува алтернативен стрип, излегува во издание на „Пожега прес“. Во неколку броеви, на нејзините страници е застапен со свои дела најголемиот македонски самбасадор на македонската деветта уметност, воедно и најактивен македонски стрип-автор од тој период – Љупчо Филипов.

5.11.1. „Анегдострип“ на Љупчо Филипов (бр. 3–6, 8)

Со свои стрипови авторот Љупчо Филипов е застапен во пет броја на ревијата „Патак“, кои излегуваат во периодот 1986 – 1988 година, односно во броевите 3, 4, 5, 6 и 8. Станува збор за стрипови од серијата „Анегдострип“, кои како што кажува нивниот назив претставуваат стрипувани анегдоти од животот на познатите. Филипов прави такви стрипови за физичарот Исак Њутн, сликарот Давид Тенирс, за древниот македонски крал Александар III Македонски и филозофот Диоген, за писателот Марк Твен и за физичарот Алберт Ајнштајн.

  1. „Патак“ бр. 3, епизода „Исак Њутн“, декември 1986 година.
  2. „Патак“ бр. 4, епизода „Давид Тенирс“, март 1987 година.
  3. „Патак“ бр. 5, епизода „Александар и Диоген“, јуни (?) 1987 година.
  4. „Патак“ бр. 6, епизода „Марк Твен“, септември (?) 1987 година.
  5. „Патак“ бр. 8, епизода „Алберт Ајнштајн“, март (?) 1988 година.

Сите епизоди од „Анегдострип“ во првата година од новиот милениум се објавени и на македонски јазик во 8-миот број на стрип-ревијата „Стрип Арт“.

5.12. „Стрип забавник“

Српската стрип-ревија „Стрип забавник“, излегува во издание на „Дневник“ од Нови Сад. Од стриповите кои што имаат некаква (макар минимална) врска со историјата, а воедно се на македонски автори е „Вили Вилд“.

5.12.1. „Вили Вилд“ на Љипчо Филипов (повеќе броеви)

Во повеќе броеви на „Стрип забавник“ излегуваат епизоди од стрипот „Вили Вилд“. Станува збор за хумористичен стрип сместен во миљето на Дивиот Запад кој го црта авторот Љупчо Филипов. Подоцна епизоди од овој стрип се објавени во првата македонска стрип-ревија „Макстрип“. Подетално „Вили Вилд“ е обработен во секцијата посветена на „Мастрип“.

5.13. „Лунов Магнус стрип“

Заедно со „Златна серија“, една од најемблематичните стрип-едиции во некогашна Југославија е „Лунов магнус стрип“. Доказ за неговата популарност се тиражите кои што своевремено достигнувале близу 200 000 примероци по број, како и изреките („сто му громова“, „карамба карамбита“), што стрипофилите од просторот на некогашната заедничка татковина ги преповторуваат до ден-денес. Првиот број на „Лунов магнус стрип“ е објавен во март 1968 година, само два месеци по објавувањето на првиот број на неговиот постар брат „Златна серија“. Во годините кои што ќе следуваат, до самиот крај на почетокот од деведесеттите години од минатиот век, овие едиции во издание на новосадски „Дневник“ ќе делуваат како едни од главните евангелисти на стриповското слово во некогашна Југославија.

Стриповите кои што ги красат страниците на оваа едиција се од забавен, ескапистички карактер, но има и не мал број такви кои што се сместени на реална историска позадина, како што се на пример тие за капетан Мики, командант Марк, Текс Вилер и Блек. Во изработка на три епизоди со последниот од нив, по сценарија на Миодраг Милановиќ, учество зема и Љупчо Филипов. Овој исклучително даровит македонски автор, заедно со Ласко Џуровски, реализира и епизода со Лун, лик по кого оваа едиција ќе го добие својот назив.[30]

5.13.1. „Блек“ на Љупчо Филипов и Миодраг Милановиќ (бр. 820, 833, 861)

Како што во книгата „Македонскиот стрип во изданијата на новосадски ’Дневник‘“ пишува Дарко Богданов (Стеванов et al. 2018: 19), „Велики Блек (или Блек Стена како што е попознат меѓу стрип-читателите) е водач на група трапери кои се борат против англиската војска за време на американската револуционерна борба за независност од англиската круна (1775 – 1783). Го одликуваат голема физичка сила, височина, долга руса коса, а заштитен знак му се крзнениот елек, кој го носи секогаш на голо торзо, и капа од крзно од дабар на главата. Најчесто во битките со непријателот не користи оружје и работата ја ’средува‘ со голи раце и тупаници. Негови верни пријатели и помошници се малиот Роди Леситер, и ’елегантно пополнетиот‘ професор Окултис, кои честопати се задолжени и за комичните елементи со кои изобилува речиси секоја епизода.“

Иако не станува збор за историски стрип, тој е сместен на историски фон, на северноамериканскиот континент од периодот од втората половина на 18 век.[31]  Стрипот е создаден во далечната 1954 година, од италијанското трио автори кое се потпишува со заедничкиот криптоним/псевдоним EsseGesse. Освен нив, подоцна во создавањето на дел од епизодите учество земаат и автори од некогашна Југославија, меѓу кои и Љупчо Филипов од Скопје. По сценарија на Миодраг Милановиќ, тој за оваа едиција реализира вкупно три епизоди со Блек:

  1. „Доселеници“ (срп. „Doseljenici“) бр. 820, околу јануари 1989 година.
  2. „Авантурите на Стела“ (срп. „Steline avanture“) бр. 833, околу мај 1989 година.
  3. „Кула на смртта“ (срп. „Kula smrti“) бр. 861, околу декември 1989 година

По околу три децении, овие епизоди се (ре)објавени во српската периодична публикација „Балон“.

5.14. „Макстрип“ – прва македонска стрип-ревија (1989 – 1993)

Списанието „Макстрип“[32] има посебно место во историјата на македонскиот дел од деветтата уметност. Освен како прва македонска (и на македонски јазик) стрип-ревија, што ја прави особено значајна од историски аспект, во годините на крвавиот распад на СФРЈ таа е и единствената стрип-публикација што редовно се дистрибуира по киосците ширум Македонија. На тој начин, водејќи нерамна битка за опстанок на стрипот на македонско тло, во едно видно турбулентно време од периодот на раните деведесетти, таа е единственото нешто што стои помеѓу мртвилото и преостанатото зрнце стрип-култура во Македонија. Со амбициозното темпо на излегување од еден број месечно, во своите 43 месеци живот списанието „Макстрип“ во тоа и успева.

Иако по неговото згаснување во Македонија се покренуваат повеќе списанија посветени на деветтата уметност (како што се „Стрип експрес“ и „Клик“ во 1994 година, и „Стрипотека“ во 1995 година), списанието „Макстрип“ останува запаметено не само како прво и засега најдолговечно (по критериумот објавени броеви), туку и како најемблематично од нив. Како такво, неговите насловни страници во колажна форма се поставени на првата „Визуелна хроника на македонскиот стрип“ посветена на македонскиот стрип и стрипот во Македонија од периодот 1990 – 1999 година. Дел од истите тие насловни страници на „Макстрип“ се изработени по мотиви од историски стрипови објавени на неговите страници, како што се: „Карпошовото востание“ (бр. 5), „Цар Гаврил Радомир“, „Шенко“, „Таранис: син на Галија“ (бр. 2) и „Буфало Бил“ (бр. 16).

Првиот број на „Макстрип“, кој излегува како издание на НИПРО „Нова Македонија“ – редакција „Детска радост“, се појавува во јули 1989 година. Во ритам еднаш месечно, списанието ќе продолжи редовно да излегува сѐ до јануари 1994 година кога ненајавено ќе згасне. Но, и во годините и децениите што ќе следуваат, „Макстрип“ ќе делува како александриски светилник за македонските стрип-автори и стрипољупци. Потсвесно или натсвесно, со сите свои квалитети и маани, тоа е неодминлив урнек за тоа како треба (и како не треба) да изгледаат сите подоцнежни македонски стрип-ревии. Стриповите објавувани во него, пак, во време на неговото редовно излегување се ништо помалку од стриповски описменител, поттик и инспирација за идните македонски стрип-творци. И самиот автор на овие редови одлуката да се бави творечки со деветтата уметност во најголема мера ја должи на ревијата „Макстрип“.

Во периодот од т.н. македонска стрип ренесанса, чии што почетоци ги бележиме кон крајот на првата деценија од новиот милениум, „Макстрип“ ќе „воскресне“ како назив на интернет форум кој набргу ќе прерасне во најголемо виртуелно собиралише за македонските стрип-автори и стрипофили. Нешто подоцна, „Макстрип“ во множинска форма („Макстрипови“) ќе стане и име на здружение за промовирање на стрип-културата во Македонија лоцирано во Скопје. Своето звучно име, списанието „Макстрип“ го добива како кованица од првите три букви на придавката „македонски“ (произлезена од името на земјата – Македонија) и зборот стрип. Урнекот за ова очигледно бил земен од популарната југословенска ревија во издание на „Дечје новине“ од Горњи Милановац – „Ју стрип“/„Ју стрип магазин“ (ориг. „Yu strip“/„Yu strip magazin“).

Исто како што згаснувањето на „Ју стрип“ во 1987 година ќе го најави скорешниот распад на СФР Југославија, со својата појава во 1989 година „Макстрип“ профетски ќе ја предвиди македонската независност што ќе се случи по нешто повеќе од две години, на 8 септември 1991 година. Освен со името, и со содржините „Макстрип“ прекинува една закоравена практика на занемарување на македонизмот и македонската античка историја од културно-општествениот живот во Македонија, за сметка на подражавање на федералната југословенска политика на промоција на опшојугословенските содржини и југословенството. Имено, уште во првиот број на „Макстрип“ од јуни 1989 година е објавен стрип за древниот македонски владетел и војсководач – Александар III Македонски. Фрагмент од стрипот, чие што продолжение е објавено во наредниот број, е поставен и ударно – на самата насловна страница од првиот број на „Макстрип“. Со оглед на тоа што не станува збор за стрип на македонски автор, и покрај историската содржина и значење, истиот во оваа студија нема да биде претставен поединечно.

По децениското занемарување на македонскиот „mainstream“ стрип од домашните публикации, појавата на „Макстрип“ претставува своевиден „spiritus movens“ за ново македонско стриповско творештво. На страниците на оваа „македонска стрип-ревија“ (како што гласи нејзиниот поднаслов од бр. 6), кои (без кориците) се 48 на број, формат А4, печатени црно-бело или дуотон, продефилираат низа македонски стрип-автори од поновата и постарата генерација. Меѓу нив се доајените на македонскиот стрип – Љупчо Филипов (Љубомир Филиповски), Миле Топуз(овски) и Диме Иванов-Димано, како и: Ѓоко Докоски, Јордан Манасиевски, Смиле Цветановски, Владо Николовски, Тони Анастасовски, Зоран Танев, Александар Поповски, Златко Крстевски, Маријан Камиловски, Горан Дачев, Ристе Секулоски, Јован Секулоски, Киро Донев, Славомир Маринковиќ (Мир-Мар), Атанас Ботев, Александар Станковски, Никола Гелевски, Игор Тошевски, Ласко Џуровски, Сунчица Божиновска, Блаже Докулевски и др.

Во стриповите што македонските стрипописци ги објавуваат во „Макстрип“ се среќаваат и такви со историска содржина и сместени во историски контекст, меѓу кои: „Војдан“ (бр. 1–3), „Карпошовото востание“ (бр. 5), „Кирил и Методиј“ (бр. 16), „Цар Самуил“ и „Цар Гаврил Радомир“. И покрај тоа што не станува збор за историски стрип, не би било погрешно овде да се спомне секвенцијалното графичко дело во продолженија „Итар Пејо“ на македонскиот автор Димано, кое претставува хумористичен, а напати сатиричен приказ на историјата на обичниот Македонец од времето на османлискиот период. Димано работи уште еден стрип во сличен хумористично-гротескен манир, насловен „Марко на службен пат“ (бр. 4), работен по сценарио на Ксенофон Угриновски, во кој што протагонистот е (базиран на) историско-легендарен лик. Овде би можел да се спомне и стрипот „Вили Вилд“, за истоимениот главен лик, во кој авторот Љупчо Филипов го сместува имагинарното дејствие на реалниот историски фон од крајот на Дивиот Запад и почетокот на идустријализацијата на Соединетите Американски Држави.

Во хроно-спатијалниот Див Запад се одвива и неговиот стрип „Бел Стар“ (работен по текстови на британскиот сценарист Лес Лили), во кој што главната хероина е базирана на вистинска историска личност, а кој што исто така излегува на страниците на списанието „Макстрип“. Од странските стрипови своевремено објавувани во „Макстрип“ кои што се сместени во истото миље се и: „Ринго“ (бр. 4–5), „Буфало Бил“ (бр. 16), „Шерифот од Томбстон“ (бр. 17) и „Далеку на Дивиот Запад“ (бр. 22). Историски стрип е и споменатото дело за македонскиот владетел Александар III Македонски, а меѓу стриповите на странски автори кои што се сместени на историски фон се и: „Таранис: син на Галија“ (бр. 2), мотив од кој што исто така е поставен како насловна страница на соодветниот број на списанието, „Јорик меѓу гусарите“ (бр. 7) и „Фараонот воин“ (бр, 13). На историски фон, иако силно упростен и третостепен, се одвиваат и комичните стрипови „Хогар“ (бр. 6, 10, 12, 25–28), кој е поставен и на насловната на бројот 6, и „Смит и Весон“ (бр. 36, 39), првиот сместен во времето на викинзите, а вториот во прашливиот Див Запад.

Првиот одговорен уредник на „Макстрип“ e Славомир Маринковиќ. На почетокот од 1990 година (број 8) оваа позиција ја пополнува Александар Поповски, а на почетокот од идната 1991 година – Љупчо Филипов. Иако во редакцијата на „Макстрип“ неколку пати се менуваат луѓе на челни позиции (уредник и одговорен уредник) без тоа да ја смени препознатливоста на ревијата, последната таква промена на уредништвото нагло ја трансформира уредувачката политика.[33] Во 1992 година, за сметка на „mainstream“ стрипот, меѓу кои и историскиот, сѐ повеќе простор се дава на алтернативниот/„underground“ стрип. Во текот на втората половина од 1990-тите и почетокот на новиот милениум, ваквиот тренд го продолжува периодичната публикација за алтернативен стрип – „Лифт“. Дополнително, за сметка на стриповите на македонските автори, стриповите кои што при крајот почнуваат да се објавуваат во „Макстрип“ (Бетмен, Супермен) се чини дека се извадени од „пиратски води.“

Не навлегувајќи во подлабинска анализа на причините за тоа, како не би се удавиле, набргу потоа списанието се става пред свршен чин. Проследено од едногодишна суша кога во прашање е домашната продукција на стрипови и публикации од деветтата уметност, по згаснувањето на „Макстрип“ веќе ништо нема да биде исто во стриповска Македонија.

5.14.1. „Војдан“ на Диме Иванов-Димано (бр. 1-3)

Првиот домашен стрип објавен во „Макстрип“ чија што содржина е сместена во историски контекст е „Војдан“ на Диме Иванов-Димано. Како што е посочено во содржината на првиот број на „Макстрип“, во кој што е објавен првиот дел од стрипот „Војдан“, односно првиот дел од епизодата „Светец“, неговото дејствие е сместено во „мрачен единаесетти век“. Главниот протагонист на стрипот, пак, е титуларниот херој Војдан кој, како што е наведено, „од византискиот терор… го штити народот“, а „со ум и тупаница решава секоја мешаница!“ Љубителите на домашниот стрип не треба да чекаат многу за продолжението на „Светец“, кое излегува уште во наредниот, втор број на „Макстрип“, за веќе во третиот број епизодата да заврши.

Имајќи предвид дека издавачката куќа „Стрип квадрат“ ги објавува интегрално сите епизоди од стрипот „Војдан“, за него подетално ќе стане збор во соодветното поглавјето за албумски изданија.

5.14.2. „Марко на службен пат“ на Диме Иванов-Димано и Ксенофон Угриновски (бр. 4)

По објавувањето на првата епизода од стрипот „Војдан“ на делови во првите три броја на „Макстрип“, авторот Диме Иванов-Иванов не престанува да е застапен на страниците на оваа македонска ревија. Во наредниот четврти број на „Макстрип“ тој одново се појавува како автор на стрип, овој пат работен не по свое туку по сценарио на Ксенофон Угриновски. Друга битна разлика во споредба со „Војдан“ е што не станува збор за стрип сместен во реално историско миље, туку за гротеска и содржински и според стилот на цртеж. Станува збор за стрипот „Марко на службен пат“ во кој што протагонист е Марко Крале – владетел на средновековното Прилепско Кралство, но како што пишува Томислав Османли (221: 281),  сместен „во едно современо и хуморно видување на историјата, разбивајќи ги… стереотипните и национално романтичарски прикази на историски личности и настани.“

Со оглед на тоа што приказната која себе си не се сфаќа воопшто сериозно е фиктивно-пародична, единствена причина која што до некаде го оправдува вклучувањето на овој стрип во листава е тоа што неговиот протагонист е историска личност. Или поточно кажано историска личност митологизирана до степен на непрепознатливост од македонските и балканските епски песни. Згора на тоа, пак, во стрипот „Марко на службен пат“ титуларниот Марко Крале е пародизиран и прикажана во карикатурално-гротескен жанр, што не би го препознала дури ни родената мајка. Во сличен хумористичен манир Марко Крале е прикажан и во стрип-каишите „Вековниците“ (подедиција на српскиот серијал „Вековници“) кои што ги цртаат македонските автори Михајло Димитриевски (Тхе Мичо) и Дамјан Михаилов.

Во последните неколку години се направени обиди за објавување на стриповите „Марко Крале“ на Димано во албумски издание, кое што не вродуваат со плод.

5.14.3. „Карпошовото востание“ на Миле Топуз (бр. 5)

Првиот историски стрип на Македонец кој што е објавен во „Макстрип“, во неговиот петти број од ноември 1989 година, е „Карпошовото востание“. Воедно, ова е стрип со кој што доајенот на македонскиот стрип Миле Топуз дебитира на страниците на оваа македонска стрип-ревија. „Карпошовото востание“ е составен од 16 табли, сите објавени во петиот број на „Макстрип“, а според потписот на авторот е работен во годината на неговото објавување – 1989. Идентично како и претходните стрипови на Топуз работени според историски настани, и во овој авторот се држи строго до фактите, одлучувајќи да не жртвува ништо од нив во служба на поинтересен наратив. Од експозицискиот текст, кој како да е земен од историски учебник, Топуз пишува:

„Година 1683. Турците-Османлии по втор пат се најдоа под ѕидините на Виена. Но и овој пат беа одбиени, претрпувајќи ужасен пораз со огромни човечки жртви и големи материјални загуби! Сѐ позачестените победи врз дотогаш тешко совладливите Османлии, а за целосен и поефикасен отпор кон нивното навлегување на европско тло, во март 1684 година беше создадена ’Светата лига‘ помеѓу Австрија, Венецијанската Република и Полска, со цел да се продолжи борбата против Турците на различни сектори, полека продирајќи во внатрешноста на Османлиската Империја. Успесите на ’Светата лига‘ на бојното поле доведе до влошување на состојбата во Османлиската Империја. Со тоа се создадоа услови за широк замав на ајдутството во сите делови на Македонија. Во некои подрачја како Мариовско, Битолско, Тиквешко, Велешко, Штипско, а особено во северните подрачја на Македонија, во Кратовско и Кривопаланечко, тоа прерасна во масовно движење на народот за ослободување од османскиот јарем. Рударите од кратовските и кривопаланечките рудници за олово, сребро и железо што работеа под многу тешки, неподносливи работни и животни услови беа предводници на движењето на народот за слобода. Во јамата Жгури на кратовските рудници, работеше напорно од утро до мрак и кршниот и наочит млад рудар Петре Карпош од селото Војник од подкозјачијата.“

Овој петти број на „Макстрип“ во кој што стрипот за Карпош е објавен прв, воедно е украсен и со илустрација од истиот во авторство на Топуз, која што е објавена на самата насловна страница. Истата илустрација подоцна е искористена и како насловна страница за каталог по повод изложба на Миле Топуз поставена во Велес во 2005 година. Топуз и претходно работи на стрип со иста тематика (по сценарио на Драган Ташковски) кој што е објавен во популарната југословенска едиција „Никад робом“ во издание на „Дечје новине“ (бр. 179, 13 декември 1968 година, насловен „Карпош: македонски селски крал“). На истата тема и за истата издавачја куќа од Горњи Милановац, Србија, (по сценарио на Илија Јордановски) стрип своевремено работи и нашиот истакнат автор Љупчо Филипов („Никад робом – Цртана школа“ бр. 24, 13 март 1970 година, насловен „Некрунисаниот крал на Куманово“).

Историјата за македонскиот ајдутин Карпош поподробно е обработено во делот од оваа студија посветен на стрипот на Топуз објавен во „Никад робом“.

5.14.4. „Вили Вилд“ на Љупчо Филипов (бр. 7-16, 19, 21, 23)

Стрипот „Вили Вилд“, кој е комплетно авторско дело на Љупчо Филипов, излегува во „Макстрип“ на продолженија/епизоди во броевите 7 – 16, 19, 21, и 23. Воедно, две насловни страници на „Макстрип“, онаа на седмиот и таа на единаесеттиот број, се украсени со илустрации со ликот Вили Вилд. Во годината во која „Вили Вилд“ за првпат се појавува во „Макстрип“, тој е најредовната домашна стриповска содржина во него, воедно правејќи го неговиот творец најзастапен домашен стрип-автор во тогашниот македонски печат. Иако приказните за малиот каубој со големо срце не се имагинарни, односно не се базирани на вистински историски настани, дејствието во нив е се сместено на реалниот фон од историско-географскиот Див Запад.

Дополнително оправдувајќи го вбројувањето на овој стрип во студијава, покрај реалната историско-географска позадина, понекогаш авторот Филипов во овие стрипови вметнува и реални настани и ликови. Таков е на пример случајот со Бафало Бил, кој како лик се појавува во петтата епизода („Макстрип“ бр. 10) на „Вили Вилд“ и локацијата ОК корал (позната по престрелката што повеќе пати ќе биде пренесена на големот платно) на која што приказната нѐ носи во шестата епизода (бр. 11). Епизодите од „Вили Вилд“ објавени во ревијата „Макстрип“ се следите:

  1. епизода бр. 1: „Документ“, „Макстрип“ бр 7, 12 табли.
  2. епизода бр. 2: „Заседа“, „Макстрип“ бр. 7, 12 табли.
  3. епизода бр. 3: „Амајлија“, „Макстрип“ бр. 8, 24 табли.
  4. епизода бр. 4: „Автомобри“, „Макстрип“ бр. 9, 6 табли.
  5. епизода бр. 5: „Циркус“, „Макстрип“ бр. 10, 6 табли.
  6. епизода бр. 6: „Двобој“, „Макстрип“ бр. 11, 6 табли.
  7. епизода бр. 7: „Тајниот излез“, „Макстрип“ бр. 12, 6 табли.
  8. епизода бр. 8: „Средба“, „Макстрип“ бр. 13, 6 табли
  9. епизода бр. 9: „Враќање“, „Макстрип“ бр. 14, 6 табли.
  10. епизода бр. 10: „Лорна“, „Макстрип“ бр. 15, 6 табли.
  11. епизода бр. 11: „Венчавка“, „Макстрип“ бр. 16, 6 табли.
  12. епизода бр. 12: „Навреда“, „Макстрип“ бр. 19.
  13. епизода бр. 13: „Индијанскиот принц“, „Макстрип“ бр. 21.
  14. епизода бр. 14: „Суша“, „Макстрип“ бр. 23.

Уште претходно Вили Вилд на делови се појавува во југословенската периодична публикација „Стрип забавник“ (издание на новосадски „Дневник“), иако во различен формат, а понекогаш и со различни наслови на епизодите и различен распоред на панелите.

5.14.5. „Страшо Пинџур“ на Миле Топуз (бр. 11)

Вториот историски стрип на македонски автор во „Макстрип“ се појавува во единасесеттиот број. Се работи за стрипот од осум табли насловен „Страшо Пинџур“, посветен на титуларниот македонски борец од НОБ. Автор на стрипот е Миле Топуз (потпишан како М. Топузовски), кој клопчето на случувањата го одмотува држејќи се до историските факти, под принципот повеќе кажување (telling), одошто покажување (showing). Во експозицискиот текст за ова секвенцијално дело, мајсторот на македонскиот историски стрип Миле Топуз пишува:

„Роден е 1917 година во селото Ваташа близу до Кавадарци. Член е на КПЈ од 1934 година. Умира во скопскиот затвор 1943 година. За народен херој е прогласен 1945 година. Страшо многу мал остана без своите родители. Татко си и не го познаваше. Тој загина во Првата светска војна во октомври 1915 година кога Страшо имаше само неколку месеци. Мајка му се премажува и оди во Неготино, а Страшо го остава кај баба му во неговото родно Ваташа. Тогаш започнува новиот живот за Страшо. Заедно со неговата баба доживуваат тешки моменти кога не можеше да се врзе крај со крајот. Годините одминуваат, а тој се повлекува во себе. Често во ноќните часови мечтаеше за своето семејство со солзи во очите. Единствено е тука баба му која наоѓа сили во тие моменти да му ја надомести мајчинската љубов. Основното училиште и покрај големата сиромаштија но со преголема воља и помош на баба му Наца го завршува со одличен успех меѓу најдобрите во одделението. Потоа се отвора нова страница од неговиот живот. Секојдневно по калливиот пат, по студ и дожд Страшо оди и се враќа од кавадаречката гимназија. Во училишниот дневник од тоа време пишува: многу талентиран и бистар… способен за наука.“

Информацијата од експозицискиот текст дека Страшо, односно Страхил Пинџур(ов) се родил во 1917 година е погрешна (а можеби се должи на техничка грешка при уписот на текстот кој за разлика од некои други стрипови на Топуз не е ракописен). И без да се знаат историските факти, тоа е лесно да се воочи имајќи предвид дека подолу во истиот текст е наведено дека татко му умрел во 1915 година, факт кој сам по себе говори дека Страшо нема како да се родил по две години од неговата смрт. Точниот датум на раѓање на овој македонски национален и комунистички деец, првоборец и народен херој на Југославија, е 3 март 1915 година. По завршувањето на основното и гимназиско образование, како воен сирак, бил државен питомец во Крагујевац, Србија. Таму се запознал со комунистичкото движење, по што, во 1934 година станал член на Комунистичката партија на Југославија.

Пинџур бил член и на Акциониот одбор на студентите на Белградскиот универзитет и на Покраинскиот одбор на македонските студенти (1936). Тој е еден од основачите и секретар на студентското Културно-просветно друштво „Вардар“ во Белград, каде што студирал на правниот факултет, и еден од основачите на МАНАПО и на Студентската колонија во Охрид. Во 1938 година, во предвечериото на Втората светска војна, тој се враќа во Македонија, каде ќе дејствува во Тиквешијата. Бил член на Пленумот на ПК на КП во Македонија, на Покраинскиот воен штаб и на ПК на КПЈ за Македонија. Откако бил осуден во отсуство, кон крајот на 1942 година во Велес бил уапсен од бугарската полиција на тогашна окупирана Македонија.

По долго мачење, на 4 јануари 1943 година Пинџур бил убиен во Скопскиот затвор, заедно со неговиот соборец – народниот херој Мирче Ацев. „Она што духот можеше, телото не издржа“, во стрипот посветен на Пинџур пишува Топуз. „Страшо подлегна на ѕверските мачења, но само навидум. Остана тој врежан во срцата на сите оние чија единствена цел во животот им беше слободата…“ За народен херој на Југославија, Страшо Пинџур е прогласен на 29 јули 1945 година.[34]

5.14.6. „Кирил и Методиј“ на Миле Топуз (бр. 16)

И по објавувањето на стриповите за Петар Карпош и Страшо Пинџур, стрип-авторот Миле Топуз ја продолжува соработката со „Макстрип“, благодарение на што во списанието продолжуваат да излегуваат македонски историски стрипови. Во шеснаесеттиот број на „Макстрип“ тој го објавува стрипот од 16 табли насловен „Кирил и Методиј“, посветен на титуларните солунски браќа – македонски и сесловенски просветители. Држејќи се до историските факти, во експозицискиот текст во стрипот тој пишува:

„Секој народ си има свој јазик, а јазикот свое богатство, што се таложело низ вековите преку народното предание во постарите времиња, а потоа со доаѓањето на писменоста, преку пишаниот збор – литературата. Писменоста кај Македонските Словени доаѓа со појавата на солунските браќа. Познато е дека словенската азбука ја создал Константин (Кирил), а брат му Методиј заедно со него и со учениците Климент, Наум, Ангелариј и многу други ги превел потребните богослужбени книги од грчки на старомакедонски јазик, со кој говореа Македонските Словени од околината на Солун, што тие добро го знаеја бидејќи им беше мајчин јазик, издигнувајќи го македонскиот јазик на степен на прв книжевен словенски јазик.“

Миле Топуз подоцна изработува уште еден стрип за светите солунски браќа, но покомплексен и на повеќе страници. Тој во 2020 година е објавен како тврдо и мекоукоричен стрип-албум насловен „Св. Кирил и Методиј“ во издание на Стрип центар на Македонија – Велес, а со поддршка на македонското Министерство за култура.

5.14.7. „Цар Самуил“ на Миле Топуз (бр. 17, 25, 28)

По објавувањето на стрипот за сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј, стрип на тематика од македонската историја во авторство на Миле Топуз е објавен и во наредниот, 17-ти број на списанието „Макстрип“. Станува збор за првиот дел, насловен „Убиството на Арон“, од стрипот за средновековниот македонски цар Самуил. Продолженијата на овој стрип се објавени во 25-тиот и во 28-миот број на „Макстрип“, под насловите „Крунисување“ и „Цар Самуил“. Со оглед на посочената година на изработка, 1990, која што Топуз ја впишал на таблите веднаш до својот потпис, се чини дека тој го изработил стрипот специјално за оваа ревија.

„Пред илјада години на Балканот четворицата браќа: Давид, Мојсеј, Арон и Самуил кренале востание и создале слободна територија, независна од византијското господство“, во експозицискиот текст пишува Топуз. „Со новоформираната држава во почетокот владееле сите четворица. Но набргу, Давид убиен од некои овчари-Власи, помеѓу Костур и Преспа, а Мојсеј загинал при опсадата на Сер и така на чело на новата држава останале Арон и Самуил.“ Епизодите од овој стрип објавени во „Макстрип“ се следниве:

  1. епизода бр. 1: „Убиството на Арон“, „Макстрип“ бр 17.
  2. епизода бр. 2: „Крунисување“, „Макстрип“ бр. 25, 14 табли.
  3. епизода бр. 3: „Цар Сауил“, „Макстрип“ бр. 28.

Миле Топуз уште претходно, практика што е карактеристична за него, работи на стрипови на истата историска тема. Во 1962 година, според текст на сценаристот Драган Ташковски, тој објавува стрип за Цар Самуил (насловен „Цар Самуил“) во весникот „Трудбеник“, што потоа излегува и во неколку свески. Во соработка со истиот сценарист, Топуз илустрира уште една верзија на стрипот „Цар Самуил“ (насловена „Цар Самуило“), која на 8 декември 1967 година е објавена во 126-тиот број на популарната југословенска едиција „Никад робом“. Запрашан за причините зошто одлучил да направи повеќе стрипувани верзии за еден историски настан или личност, во интервјуто кое што го направив со него кон крајот на 2018 година, Миле Топуз (Стеванов 2019b: 25) одговори: „се разбира дека е тоа малку и за докажување дека по 70, 80 па и повеќе години сте позрел мајстор за нивната изработка.“

Истиот овој стрип објавен во „Макстрип“, што всушност е трета стрипувана верзија со оваа историска личност во авторство на Миле Топуз, во 2016 година е (ре)објавен интегрално во албумската публикација „Цар Самуил“, издание на Стрип центар на Македонија – Велес, реализирано со поддршка од Министерството за култура на Р Македонија.

5.14.8. „Ангелина“ на Ѓоко Доковски (бр. 21)

Во бројот 21 на „Макстрип“ од март 1991 година е објавен стрипот „Ангелина“. Ова дело на Ѓоко Докоски го обработува тешкиот (кога не бил) период на македонскиот народ под византиско ропство, по 1018 година. После убиството на нејзиниот татко од страна на Византијците, Ангелина започнува одмазда. Нејзината пргавост и лутина го привлекуваат вниманието на заповедникот и тој ја поведува Ангелина со себе како робинка. Главниот машки лик во стрипот, Огнен, не може мирно да го гледа ова и тргнува да ја ослободи…

5.14.9. „Крвава средба“ на Диме Иванов-Димано (бр. 22)

Во 22-риот број на месечникот „Макстрип“, од април 1991 година, на вкупно 28 страници е објавен стрипот „Крвава средба“ на Диме Иванов-Димано. Стрипот е на омилената тема за цртање на Димано, покрај НОБ и периодот на Византија, тешкиот живот на македонското население под отоманскиот јарем. Во стрипот се раскажува за тиранијата на беговите врз сиромашните селани и вољата на беговите да земат што сакаат од нив, па дури и убави девојки. Се разбира дека селаните се бунат, но против моќниот бег не можат да сторат ништо. Стрипот има трагичен крај како што всушност, биле многуте вистински судбини на македонскиот народ од тој период.

5.14.10. „Цар Гаврил Радомир“ на Миле Топуз (бр. 31)

Во 31-виот број на стрип-ревијата „Макстрип“ е објавен стрипот „Цар Гаврил Радомир“ на авторот Миле Топуз. Стрипот е на тема од македонската средновековна историја, односно за истоимениот македонски владетел. На истата тема е и насловната страница на овој број на „Макстрип“, која што исто така е дело на Топуз.

Овој стрип подоцна е реобјавен и во тврдоукоричено албумско издание на Стрип центарот на Македонија – Велес.

5.14.11. „Итар Пејо“ на Диме Иванов-Димано (бр. 32, 37)

Во неколку броеви на „Макстрип“ излегуваат епизоди од стрипот „Итар Пејо“ на Диме Иванов-Димано.

5.14.12. „Бел Стар“ на Љупчо Филипов и Лес Лили (бр. 34-35, 37, 39)

Епизоди од стрипот „Бел Стар“, кој по текстови на британскиот сценарист Леси Лили ги црта Љупчо Филипов од Скопје излегуваат во неколку броеви на „Макстрип“. Се работи за фиктивни хумористични приказни сместени во миљето на Дивиот Запад, во кои што титуларниот лик е правен според историска личност.

  1. епизода бр. 1, „Макстрип“ бр. 34.
  2. епизода бр. 2, „Макстрип“ бр. 35.
  3. епизода бр. 3, „Макстрип“ бр. 37.
  4. епизода бр. 4, „Макстрип“ бр. 39.

Филипов со овој стрип е застапен во книгата „Стриповите кои ги сакавме“ на Тамбуриќ, Зупан и Стефановиќ.

5.14.13. „Шенко“ на Миле Топуз и Киро Донев (бр. 35, 37)

Во два броја на ревијата „Макстрип“ се објавени епизоди од стрипот „Шенко“ кои Миле Топуз ги црта според истоимениот роман на Киро Донев. Станува збор за стрип сместен во Македонија од периодот под Отоманска власт.

  1. епизода бр. 1: „Ленка“, „Макстрип“ бр 35.
  2. епизода бр. 2: „Илија Манастирски“, „Макстрип“ бр. 37.

„Макстрип“ престанува да излегува пред да ја објави третата и финална епизода од „Шенко“. Таа по неколку години ќе излезе во ревијата „Стрип Арт“, а подоцна сите три ќе бидат објавени интегрално во албумско издание.

5.15. „Лифт“ (1995 – 2001)

Година и пол по објавувањето на последниот број на „Макстрип“ се појавува ревијата „Стрип експрес“[35] (јуни 1994 – август 1995), чиј што рок на траење е три броја, за неколку месеци по нејзиното згаснување да се појави ревијата „Клик“[36] (1994 – 1995), која издржува еден број повеќе. За разлика од „Макстрип“, страниците на овие публикации како да се алергични на историски стрипови. Точно две години по згаснувањето на „Макстрип“, во јануари 1995 година во Македонија се појавува нова периодична публикација за стрип, насловена „Лифт“.[37]

Списанието е со формат Б5, а бројот на неговите страници се менува од број во број. Ист е случајот и со темпото на ислегување, па интервалите од еден до друг број варираат од еден месец до повеќе од година дена. До неговиот крај во 2001 година, од „Лифт“ излегуваат вкупно 11 броја (и едно збирно издание за броевите од 1995 – 1999 г.), добар дел од кои двоброеви. Ако „Стрип експрес“ објавува комерцијални стрипови какви што излегуваат во „Макстрип“ пред уредничкиот преврат, „Лифт“ ја продолжува традицијата со објавување на „underground“ стрипови, какви што во првата македонска ревија излегуваат по превратот. Во таа смисла на страниците на оваа периодична публикација нема асли историски стрипови, но има такви кои метафорично алудираат на (неодамнешни) историски случувања. Таков е на пример  „Месо или Балканска семејна економија (алегорија во II слики)“ на ликовниот уметник од Скопје – Атанас Ботев.

5.15.1. „Месо или Балканска семејна економија (алегорија во II слики)“ на Атанас Ботев и А. Бузони (бр. 8-9)

Стрипот „Месо или Балканска семејна економија (алегорија во II слики)“ на авторот Атанас Ботев е составен од две табли, а како што загатнува насловот тематски претставува алегорија на (прапричините за) крвавиот распад на СФРЈ, братоубиствените војни и обидите за нивна рационализација. 

5.16. „Илустриран забавник“ (1995 – 1996)

Конципирано под очигледно огромно влијание на белградски „Политикин забавник“, „Илустриран забавник“[38] е македонско забавно списание во издание на „Прима“. Првиот број на ова списание се појавува на 21 април 1995 година и во темпо на излегување од еден број неделно излегува безмалку до својот крај на 29 ноември 1996 година. Неговиот формат е приближно А4, а има 52 страници, дел од кои во боја. Иако не станува збор за стрип-ревија, околу две петтини од страниците на ова списание се резервирани за стрипови.

Во најголем дел станува збор за остварувања на странски автори, како што се: „Акса“, „Бади Лонгвеј“, „Бернар Принс“, „Бетмен“, „Боб Моран“, „Бруно Бразил“, „Валеријан“. „Гале“ („Гастон“), „Ѓаволестиот Денис“, „Изногуд“, „Команча“, „Конан“, „Корто Малтезе“, „Лик Ориент“, „Мандрак“, „Мики Маус“, „Модести Блејз“, „Пајо Паторот“, „Питомецот Били“, „Попај“, „Раел“, „Рамиро“, „Рип Кирби“, „Ромео Браун“, „Таличниот Том“, „Хогар Страшниот“, „Џемс Бонд“, „Џони Хекс“ и др. Со стриповите „Гоце и Павле“, „Зупа и Зупи“, „Камче“, „Редакција Прима“, „Скин Главци“ и „Ставре“, од домашните автори се застапени само Александар Сотировски, Ирена Гладкова, Ацо Палитов и извесен Симо.

Од стриповите (на странски автори) кои што се сместени во „млак“ историски контекст се „Таличниот Том“ и „Хогар Страшниот“, првиот на Дивиот Запад, а вториот во земјите на Викинзите. Вкупниот број на објавените броеви на „Илустриран забавник“ е 73.

5.16.1. „Камче“ на Александар Сотировски (бр. 3-73)

Автор на стрипот „Камче“, за истоимениот главен лик, е Александар Сотировски од Битола. Почнувајќи од третиот број на „Илустриран забавник“ (5 мај 1995 г.), па до последниот број, стрипот излегува на епизоди од по една табла, од кои секоја претставува засебна приказна. Исто како и во случаите со споменатите „Таличен Том“ и „Хогар Страшниот“, не станува збор за историски стрип, туку за хумористичен стрип кој што е сместен на фонот на историски период, во овој случај праисторијата. Како лик Камче се појавува на неколку насловни страници на списанието.

5.17. „Стрипотека“ (1995)

Стрип-ревијата „Стрипотека“[39] го здогледнува светлото на денот кон крајот на 1995 година, кога и згаснува по само два објавени броја. „Стрипотека“  е со формат А4, и има скромни 14, односно 20 страници. Списанието излегува како издание на „Фокус 1“, под уредничката палка на Александар Петровски кој веројатно е и автор на објавените стрипови.

5.17.1. „Војна и мир“ на Александар Петровски (?) според романот на Лав Толстој (бр. 1 – 2)

Стрипот „Војна и мир“, кој на делови излегува во двата броја на „Стрипотека“, е базиран на истоименото литерарно дело на Лав Толстој од крајот на XIX век, а веројатно е реализирано од Александар Петровски. Наративот на „Војна и мир“ на Толстој, врз база на кој стрипот е правен, (со фикциони делови и филозофски размисли) претставува хроника на француската инвазија на царска Русија од 1812 година. Околу 160 ликови во романот (Толстој дури и не го сметал делото за вистински роман) се реални историски личности. Следователно и стрипот на Петровски носи историска нишка. Ова е еден од ретките македонски стрипови кои што обработуваат немакедонска историја.

5.17.2. „Саломбо“ на Александар Петровски (?) (бр. 1 – 2)

Идентично како „Војна и мир“, за овој стрип со историска тематика (според истражувањата на Ване Трајков) се смета дека негов автор е уредникот на „Стрипотека“ – Александар Петровски.

5.17.3. „Калеш Анѓа“ на Александар Петровски (?) според народна легенда/роман на Стале Попов (бр. 2)

За разлика од „Војна и мир“ и „Саломбо“, стрипот „Калеш Анѓа“ е на тема од македонската историја. Тој појавува во вториот број на „Стрипотека“, кој воедно е и последен, поради што и стрипот завршува едвај започнат. Исто како и претходните два стрипа, автор и на овој веројатно е уредникот на „Стрипотека“ – Александар Петровски. Стрипот е базиран на истоимениот роман на македонскиот писател Стале Попов, кој пак од своја страна е базиран на македонска народна легенда.

Според наративот од легендата која датира од отоманскиот период, Анѓа била убава црнокоса девојка родум од Мариово. Не можејќи да одолеа на нејзината убавина, локален отомански моќник ја грабнал, но и покрај ветувањата за богатство и заканите по нејзиниот живот не успеал да ја натера да му стане жена. Според легендата, убавата Анѓа ја зачувала честа и не си ја сменила верата.

Како што пишува м-р Игор Тасевски, „Калеш Анѓа потекнувала од фамилијата Сирмевци, кои што живееле во“ село Старавина (општина Новаци). „Според преданието, турскиот бег шетајќи низ полето ја здогледал преубавата Анѓа, и сакал да ја земи за во својот харем. Таа несакала да се потурчи. Таа насила била грабната и однесена кај турскиот бег во Прилеп, кој ја барал за себе. Жителите на мариовските села, обединети и разгневени од настанот, отишле во Прилеп, го нападнале домот на турскиот бег ја ослободиле и ја вратиле Анѓа дома. Потоа се засолниле во тврдината Пешта, која се наоќала на радиот над селото, во која живееле под опсада цели десет години. Откако Турците успеале да ја грбнат Анѓа и ја однесле во Инстанбул. Но таму таа се сретнала со својот брат Анѓеле кој бил дел од војската на султанот, а кој како дете бил земен од јаничарите. Се препознале по белегот на ногата и тој ја вратил назад во селото.“

За непокорната млада девојка народниот гениј ја испеал „Ајде слушај, слушај калеш бре Анѓо“, која е една од најизведуваните македонски народни песни:

Ајде слушај, слушај, калеш бре Анѓо,
што тамбура свири.
Тамбурата свири, калеш бре Анѓо,
анама да бидиш.

Анама да бидиш, калеш бре Анѓо,
на чардак да седиш.
На чардак да седиш, калеш бре Анѓо,
жолтици да броиш.

Жолтици да броиш, калеш бре Анѓо,
бисери да нижиш.
Бисери да нижиш, калеш бре Анѓо,
на грло да редиш.

Ајде, слушај, слушај клето бре Турче,
анама не бивам.
Анама не бивам, клето бре Турче,
турски не разбирам.

Ваквиот заплет – невозвратена љубов на отомански големец во убава македонска мома – е присутен и кај други македонски уметнички дела, чие што дејствие е сместено во отоманскиот период. Таков е на пример детскиот роман „Шенко“ на авторот Киро Донев. Под истиот наслов, нацртана од Миле Топуз, ова дело подоцна доживува и стрипувана верзија, која на епизоди излегува во „Макстрип“ и „Стрип Арт“, а подоцна е објавена и интегрално како албумско издание. Заплетот невозраветена љубов, кога во прашање е историјата на македонскиот стрип, бил предмет и на постмодернистички и хумористични интерпретации.


[28] За општ преглед на „Историска стрипотека – Епопеја“ види и: Трајков 2007: 4–5.

[29] Аферата подетално е обработена во сегментот за албумското издание „Мис Стон“ на авторот Зоран Танев.

[30] Подетално за стриповите на македонски автори објавени во едицијата „Лунов Магнус стрип“, види: Стеванов et al. 2018.

[31] Имајќи предвид дека според една епизода Блек е роден во 1749 година.

[32] За општ преглед на „Макстрип“ види и: Богданов 2016: 12–13, Стеванов 2016: 41–44. Детално за содржината на секој број на „Макстрип“ кој излегува во периодот 1990 – 1993, види: Стеванов 2019a: 8–20.

[33] За таквата промена на уредувачката политика зборова последниот одговорен уредник на „Макстрип“, Ванчо Полазаревски, во интервју за „Арт република“ бр. 6. За дел од неговата изјава види: Стеванов 2019a: 19.

[34] За Страшо Пинџур види и: Ристовски 2009b: 1159–1160.

[35] За општ преглед на списанието, види: Трајков 2007: 5.

[36] За општ преглед на списанието, види: Трајков 2007: 6–8.

[37] Детално за содржината на секој број на „Лифт“, види: Стеванов 2019a: 26–29, 31, 38, 41, 44–45, 47; Стеванов 2020b: 9, 11.

[38] За општ преглед на списанието „Илустриран забавник“ види и: Стеванов 2017a: 40–42; Стеванов 2019a: 27. Детално за стриповските содржини на секој број на „Илустриран забавник“ поединечно види: Стеванов 2019a: 27–40.

[39] За општ преглед на списанието, види и: Трајков 2007: 9–10. Детално за стриповските содржини на секој број на „Стрипотека“ поединечно види: Стеванов 2019a: 32