Table of Contents

5.18. „Стрип арт“ (1996 – 2004/2005)

Ревијата „Стрип Арт“, на истоименото здружение од Велес, излегува во 17 броја (од кои еден специјален, „Непокор“, кој е ненумериран) во периодот 1996 – 2004/2005 година. Уште во првиот број, со воведниот текст, како и со насловната страница на меѓу другите се прикажани Гоце Делчев и Питу Гули, уредникот Ване Трајков најавува дека вратите на оваа стрип-ревија ќе биде отворена за историски стрипови. Како што „Стрип Арт“ почнува, така и завршува. Страниците на последниот број на „Стрип Арт“, насловен „Непокор“ речиси во целост се посветени на стрипови сместени во миљето од македонската национална историја. Духовен наследник на „Стрип Арт“ е „Стрип Креатор“, кој што исто така го уредува Ване Трајков.

5.18.1. „Одмазда на еднооките“ на Љупчо Филипов (бр. 1, 1996 година)

Историски стрип на тематика од македонското минато е објавен уште во првиот број на ревијата „Стрип Арт“. Станува збор за стрипот „Одмазда на еднооките“ на авторот Љупчо Филипов, кој што својата премиера ја има три децении претходно, во 69-тиот број од едицијата „Никад робом“ од 4 ноември 1966 година.

5.18.2. „Шенко“ на Миле Топуз и Киро Донев (бр. 5, 1999 година)

Со храбриот македонски војвода Шенко, македонските стрипољупци се запознаваат во „Макстрип“. На страниците на првата македонска стрип-ревија се објавени првите две епизоди од овој стрип, од вкупно три, а со тоа приказната останува незавршена. За објавувањето на последната, трета епизода од „Шенко“, македонските вљубеници во деветтата уметност мораат да се стрпат до 1999 година, кога во  е објавена во петтиот број на ревијата „Стрип Арт“. „Шенко“ е стрип на тема од отоманскиот период и борбата на Македонците за слобода, кој што Миле Топуз го црта според романот на Киро Донев. Според одредени информации кои што дојдоа до мене, приказната делумно е базирана на вистински историски настани.

Во петтиот број на „Стрип Арт“, на чии што страници е објавена третата епизода, во одделот за содржината, уредникот Ване Трајков пишува: „’Шенко‘, епизода ’Илија Манастирски‘ е третиот и завршен необјавен дел од  познатиот роман на Киро Донев, што го нацрта Миле Топуз, автор од постарата стрип-генерација. Љубителите на стрипот првите две епизоди можеа да ги прочитаат во ’Макстрип‘.“

Во 2021 година, сите три епизоди од „Шенко“ се објавени интегрално, за првпат заедно, како албумска публикација во издание на Стрип центар на Македонија – Велес. Таму, втората а не третата  епизода од „Шенко“ е насловена „Илија Манастирски“ (идентично како во „Макстрип“). Третата епизода, пак, во албумското издание едноставно е насловена „Шенко“.

5.18.3. „Борбата на ножот“ на Диме Иванов-Димано (бр. 6, 2000 година)

Во шестиот број на „Стрип Арт“ е објавен стрипот „Борбата на Ножот“, кој претходно е објавен во списанието „Наш свет“. Станува збор за стрип на тема од македонската историја, кој што Диме Иванов-Димано го црта по сценарио на Илија Јордановски. Во воведните текстови кон објавените стрипови во овој број на „Стрип Арт“, уредникот Ване Трајков пишува:

„За борбата на Ножот… има доста пишувано од нашите историчари и писатели. Овој стрип е една од двете верзии за ’Ножот‘ и е нацртана од Диме Иванов-Димано. Втората верзија е на Љупчо Филипов, а по текст, исто така, на Илија Јордановски.“ Загатнатниот првиот стрип на оваа тема е насловен „Хероите на Ножот“ е објавен на 9 јануари 1970 година во 24-тиот број на едицијата „Никад робом – Цртана школа“.

5.18.4. „Син“ на Љупчо Филипов (бр. 7, 2001 година)

Во седмиот број на „Стрип Арт“ е објавен стрипот „Син“ на Љупчо Филипов. Станува збор за стрип од четири табли, сместен во историски контекст од Втората светска војна, односно Народно ослободителната борба.

5.18.5. „Анегдострип“ на Љупчо Филипов (бр. 8, 2001 година)

Во осмиот број на „Стрип Арт“ се објавени пет стрипа од по една табла од серијата „Анегдострип“. Станува збор за стрипови на Љупчо Филипов, кои се стрипувани верзии на анегдоти со познати личности, односно за физичарот Исак Њутн, сликарот Давид Тенирс, за древниот македонски крал Александар III Македонски и филозофот Диоген, за писателот Марк Твен и за физичарот Алберт Ајнштајн.

Сиве овие стрипови претходно (1986 – 1988 година) се објавени во хрватското списание „Патак“, во броевите: 3, 4, 5, 6 и 8.

5.18.6. „Легенда за кусиот“ на Зоран Танев (бр. 9, 2001 година)

„Легенда за кусиот“ е стрип од осум табли на Зоран Танев. Станува збор за имагинарна приказна која се отплеткува во македонското историско миље од Отоманскиот период.

5.18.7. „Кантана“ на Игор Јовчевски (бр. 10, 2002 година)

„Кантана“ е стрип на Игор Јовчевски, објавен во десеттиот број на „Стрип Арт“ кој што се одвива на Дивиот Запад.

5.18.8. „Волшебното самарче“ на Ристе Секулоски (во соработка со Јован Секулоски и Марина Балева-Секулоска), според роман на Ванчо Николески (бр. 10 – 16, 2002 – 2004 година)

По премиерното објавување кон крајот на 2001 година во албумско издание, стрипот „Волшебното самарче“ кој Ристе Секулоски го прави според истоимениот роман на Ванчо Николески, серијализирано се појавува и во „Стрип Арт“. На страниците од оваа стрип-ревија тој излегува во периодот 2002 – 2004 година, односно во броевите 10 – 15.

5.18.9. „Кралот е мртов“ на Давор Драмиќанин и Здравко Гиров (специјален број „Непокор“, 2005 година)

Во есента од 2005 година е објавен специјален број на „Стрип Арт“, насловен „Непокор“, кој што воедно е и последен од оваа стрип-ревија. Стриповите објавени во него се креирани на стрип-работилницата „Непокор“, во организација на Стрип центар на Македонија – Велес, а под покровителство на Министерството за култура на Република Македонија. Работилницата, која што е наменета за млади автори, се одржува во 2003 и 2004 година во Скопје, по повод јубилејот – 100 години од Илинденското востание. Сите, односно повеќето од објавените стрипови во овој број на „Стрип Арт“ се на тема од Револуционерната борба на македонскиот народ за слобода и од народно ослободителната борба. Еден од тие стрипови е „Кралот е мртов“ кој по сценарио на Давор Драмиќанин го црта Здравко Гиров. Станува збор за стрип-приказна од шест табли, на тема од македонската историја од Отоманскиот период, односно од револуционерната борба. Покрај стрипови, во овој специјален број се објавени и повеќе илустрации на истата тема.

5.18.10. „Љубов и вера, тогаш и сега“ на Маја и Еми Нацевски и Игор Јовчевски (специјален број „Непокор“, 2005 година)

Стрипот „Љубов и вера, тогаш и сега“, на Маја и Еми Нацевски и Игор Јовчевски, половично е сместен во Македонија од Отоманскиот период, а половично во сегашно време.

5.18.11. „Браќа по Крв“ на Филип Коцов и Димитриј Михајлов (специјален број „Непокор“, 2005 година)

„Браќа по крв“ е стрип од пет табли на Филип Коцов (сценарио) и Димитриј Михајлов (цртеж), чија што приказна е сместена во миљето од Народно ослободителната борба.

5.18.12 „Освета“ на Димитар Маневски, Здравко Гиров и Игор Јовчевски (специјален број „Непокор“, 2005 година)

„Освета“ на Димитар Маневски (сценарио), Здравко Гиров и Игор Јовчевски, е стрип од две табли, сместен во историското минато на Македонија, поточно во Отоманскиот период. Во 2009 година овој стрип е реобјавен во албумското издание „Кратки резови“ на Игор Јовчевски.

5.18.13. „Спиро“ на Томе Талевски (специјален број „Непокор“, 2005 година)

„Спиро“ на Томе Талевски е стрип од четири табли, кој што се одвива во Македонија во Втората светска војна, поточно во 1942 година во Битола.

5.18.14. „Итар Пејо“ на Диме Иванов-Димано (повеќе броеви)

Во неколку броеви на „Стрип Арт“ излегуваат епизоди од стрипот „Итар Пејо“ на Диме Иванов-Димано.

5.19. „Сведок“ (2001 – 2004)

Магазинот „Сведок“ е крими-ревија во издание на Светски македонски конгрес, која излегува во периодот 2001 – 2004 година. Како стрип со криминална тематика, не неговите страници излегува сликонизното дело „Ел Македонеро“.

5.19.1. „Ел Македонеро“ на Оливер Ромевски и Зоран Танев (од бр. 19)

Од 17 април до крајот на март 2002 година, во магазинот „Сведок“ излегува стрипот „Ел Македонеро“, кој по сценарио на Оливер Ромевски го црта Зоран Танев. Не станува збор за историски стрип, туку за крими/акција, при што не може а да не се забележи дека се случува во Македонија по воениот конфликт од 2001 година и е во духот на помирувањето. Од друга страна, пак, не е очигледно дека главниот лик во стрипот е инспириран од Александар III Македонски.[40]

Ромевски најавува дека „Ел Македонеро“, кој има околу 45 табли, ќе биде објавен во форма на стрип-албум, до што доаѓа по дури дваесетина години (како е-издание). Од 20 до 26 април 2004 година, заедно со други стрипови на Танев, „Ел Македонеро“ е изложен во Велес. Подоцна, исто како и во „Сведок,“ стрипот на делови е објавен во изданијата „Супер Тоше“, како и во српската ревија „Стрип Пресинг“.

5.20. „Супер Тоше“ (2005)

Стрип-свеските „Супер Тоше“, кои се осум на број, излегуваат во 2005 година. Во неколку од нив, покрај титуларниот стрип „Супер Тоше“, на делови излегува и стрипот „Ел Македонеро“, на истите автори. Иако носечкиот стрип во оваа публикација е на современа тематика, во него се среќава т.н. Сонце од Кутлеш, симбол на македонската кралска династија Аргеади, што беше поставен на првото македонско државно знаме по осамостојувањето од СФРЈ.

5.20.1. „Ел Македонеро“ на Оливер Ромевски и Зоран Танев

По три години од премиерата во крими-ревијата „Сведок“, стрипот „Ел Македонеро“ е репризиран во стрип-свеските „Супер Тоше“.

5.21. „Стрип Креатор“ (2005-)

Како продолжение на „Стрип Арт“, во 2005 година се појавува првиот број на новиот стрип-магазин „Стрип Креатор“. Станува збор за издание на Стрип центар на Македонија – Велес, кое што излегува до ден-денес, факт што го прави најдолговечна македонска стрип-публикација, ако критериумот е години на излегување, а втора по бројот на објавени броеви, веднаш зад „Макстрип“.

5.21.1. „Ајдучка чешма“ на Зоран Танев, според роман на Видое Подгорец (бр. 1 – 3, 2005 – 2006 година)

Две години по премиерата како албумско издание, стрипот „Ајдучка чешма“ на делови почнува да излегува во стрип-магазинот „Стрип Креатор“, во издание на Стрип центар на Македонија – Велес. Подетално овој стрип е обработен во секцијата за албумски изданија.

5.21.2. „Победници/Поразени“ на Давор Драмиќанин и Игор Јовчевски (бр. 2, 2005 година)

Во вториот број на „Стрип Креатор“ е објавен стрипот „Победници/Поразени“ кој по сценарио на Давор Драмиќанин, кој воедно е и колорист, го црта Игор Јовчевски. Во овој стрип од четири табли, кој е единствен кој во „Стрип Креатор“ излегува во боја, се прикажани неколку историски настани од претходниот милениум, како што се: убиствата во Лондон припишани на Џек Мевосек, геноцидот на домородното население во Америка и подемот на нацизмот.

Сценаристот на овој стрип, Давор Драмиќанин, покрај со сценаристика е и предавач на голем број стрип-работилници. Еден е од основачите на Македонскиот стрип форум. Сценарист е на 10 стрип-свески „Капетан GR8“ (промотивен стрип за сок, делен бесплатно со купен дневен весник). За овој стрип е добитник е на награда за најдобар балкански стрип сценарист на фестивалот во Лесковац. Креатор е на стрип-ликот „Ајвармен“ (заедно со Игор Јовчевски) со кој е објавен и стрип-албум, а за кој освојува и награди. Добитник на Признанието „Љупчо Филипов“ (групно, заедно со Гиров и Јовчевски, како дел од неформалната групација „Тајфа арт“). Уредник на стрип-магазинот „Синдром“ (веќе не излегува). Еден е од основачите на Здружението „Макстрипови“, на кое е секретар.

5.21.3. „Опстанок“ на Никола Темков (бр. 4, 2006 година)

Во четвртиот број на „Стрип Креатор“ е објавен стрипот од пет табли „Опстанок“, во авторство на Никола Темков. Станува збор за фиктивна приказна, во историски контекст, за борба помеѓу крстоносец и Сарацен.

5.21.4. „Неранимајко“ на Никола Темков (бр. 7, 2007 година)

Во седмиот број на „Стрип Креатор“ е објавен стрип од три табли, насловен „Неранимајко“. Негов автор е Никола Темков, а сместен е во македонско историско миље од перидот на петвековниот отомански јарем.

5.21.5. Стрип без наслов на Моника Спасиќ (специјален број, 2007 година)

Во специјалниот број на „Стрип Креатор“ од април 2007 година, објавен е стрип без наслов на Моника Спасиќ од Велес, правен според народно предание, во кој што се појавуваат митологизираните историски личности Крали Марко и татко му Волкашин.

5.21.6. „Војна“ на Никола Темков (бр. 7, 2007 година)

Во стрипот „Војна“ на Никола Темков, кој е објавен во седмиот број на „Стрип Креатор“, иако е составен од само една табла, се појавуваат референци од поголем број војни во минатото.

5.21.7. „Така беше на Дивиот Запад“ на Игор Јовчевски (бр. 8, 2008 година)

Во осмиот број на „Стрип Креатор“ е објавен стрипот „Така беше на Дивиот Запад“, на авторот Игор Јовчевски. Овој стрип, сместен во хроно-спатијалното миље на Дивиот Запад подоцна е реобјавен во неговиот албум „Кратки резови“.

5.21.8. „Мис Стон“ на Зоран Танев (според истоимениот филм) (бр. 8 – 9, 11 – 12, 2008 – 2010 година)

Следејќи го примерот на неговиот помал брат „Ајдучка чешма“, осум години по неговата премиера како албумско издание, и стрипот „Мис Стон“ излегува на делови на страниците на магазинот „Стрип Креатор“. Овој историски стрип на Зоран Танев од Скопје, работен според истоимениот филм од 1958 година, подетално е обработен во секцијата за албумски изданија.

5.21.9. „Време на одлуки“ на Дарко Богданов (бр. 10, 2009 година)

Во десеттиот број на „Стрип Креатор“ е објавен стрипот „Време на одлуки“ на авторот Дарко Богданов од Виница. Станува збор за стрип на тема од македонската историја од отоманскиот период. На страниците на списанието, таблите од овој стрип кои се шест на број (и се хоризонтални) се распослани на три страници. Темата на „Време на одлуки“ е братоубиственото проклетство на Македонецот.

5.21.10. „Пиштол“ на Горан Мазнев (бр. 10, 2009 година)

Во стрипот од три табли „Пиштол“ на авторот Горан Мазнев од Велес, кој што е објавен во десеттиот број на магазинот „Стрип Креатор“, се појавува митологизираната историска личност Крали Марко.

Авторот на овој стрип, Горан Мазнев, е роден во 1965 година во Велес. Освен што се бави со стрипови, при што учествувал на неколку стрип работилници, се занимава и со копаничарство.

5.21.11. „Пердика I“ на Јовче Крстески и Виктор Лозанов (бр. 13, 2011 година)

Во 13-тиот број на „Стрип Креатор“ од 2011 година е објавен стрипот „Пердика I“. Станува збор за стрип од осум табли на историско-легендарна тематика, кој по сценарио на Јовче Крстески го црта Виктор Лозанов, исто така од Битола. Тема на стрипот е фрагмент од животот на македонскиот владетел Пердика I. Во воведниот текст кон стрипот, насловен „Пердика I; околу 707/6 – 659 г. п.н.е.“, сценаристот Крстески пишува:

„Податоците на Пердика I се од легендарен карактер и она што денес е познато за него доаѓа главно од ракописите на Херодот, големиот хеленски историчар кој живеел значително подоцна (ок. 425 г. п.н.е.) од оние случаи кои што ги опишува, а кои што се однесуваат на Пердика I. Имено, тој во својата ’Историја‘ запишал дека Пердика заедно со своите браќа дошле од градот Арга (оттука доаѓа и името на македонската династија Аргеади), на служба кај кралот во градот Лебаја, во областа нарекувана горна Македонија. За време на таа служба се случиле неколку необични настани заради кои што браќата биле принудени да го напуштат градот и да се населат на друго место. Меѓутоа, онака како што се запишани, тие настани можат да се разберат и како еден вид на наговестување. Познато е дека сите легендарни кралеви на сите нации низ целиот свет, се обвиени во најразлични легенди. Тоа не е исклучок ни со македонските кралеви. Така, она што го пишува Херодот претставува баш тоа – еден вид на легенда во која се зборува за претскажување на големината на еден иден крал (или кралство кое што тој ќе го создаде), кое што патем е поврзано и со определени симболи, во овој случај со сонцето, симбол кој е тесно поврзан со историјата на македонското кралство низ вековите. Во текстот на Херодот, тоа наговестување е претставено преку необичното нараснување на лебот кој бил подготвуван за Пердика. Тој растел двапати повеќе од лебовите на останатите, иако бил подготвуван од истото брашно. Кралицата ќе го протолкува ова како неповолно претскажување, за кое што ќе го извести и кралот. Така, Пердика и неговите браќа си заминуваат од кралството, случка која што е опишана на страниците кои што следуваат. А за да биде запаметен, Пердика пред да замиле на подот пред кралот го исцртал симболот на сонцето, кој многу подоцна ќе стане препознатлив како симбол на македонската династија, која својот подем го доживува за време на владеењето на Александар Македонски.“

Сценаристот на стрипот, Јовче Крстески-Крстителче, е роден на 30 декември 1978 година во Битола. Дипломирал на Филозовски Факултет во Скопје, на отсек Психилогија. Се јавува како сценарист на повеќе македонски стрипови на различни теми, а е еден од иницијаторите на стрип-фанзинот „Стрип трип“.

Илустраторот на „Пердика I“,  Виктор Лозанов-Сентинел, е роден на 17 февруари 1980 година во Битола. Дипломирал и магистрирал на Националната академија за уметност во Софија, Бугарија. Учествувал на повеќе изложби во земјава, а се јавува и како илустратор на книги и стрипови.

5.21.12. „Марко Крале – три наречници“ на Емилија Божиновска (Тоциновска) и Стојче Тоциновски (бр. 16/17, 2013 година)

Стрипот „Марко Крале – три наречници“, на Емилија Божиновска (идна Тоциновска) и Стојче Тоциновски е објавен во двобројот 16/17 од стрип-магазинот „Стрип Креатор“. Станува збор за стрип од шест табли правен според народно предание, во кое што се појавуваат митологизираните историски личности Крали Марко и Волкашин. Стрип со истата приказна уште претходно е објавен во „Стрип Креатор“, во авторство на Моника Спасиќ од Велес.

5.21.13. „Кочо Рацин: Живот, песни и смрт“ на Ване Трајков и Димитриј Михајловски (и др.) (бр. 18 – 19, 21 – 22, 2014 – 2015 година)

Веднаш по неговото објавување во форма на стрип-албум кон крајот на 2013 година, стрипот „Кочо Рацин: Живот, песни и смрт“ на Ване Трајков и Димитриј Михајловски, почнувајќи од неговиот 18-ти број од мај 2014 година, на делови излегува во магазинот „Стрип Креатор“. Подетално овој стрип е обработен во сегментот за албумски изданија.

5.21.14. „Мудрецот и жената“ на Ване Трајков и Бојана Милчевска (бр. 18, 2014 година)

Во стрипот „Мудрецот и жената“ кој по сценарио на Ване Трајков го црта Бојана Милчевска, се појавуваат неколку историски личности, како што се Хитлер и Боб Марли.

5.21.15. „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ на Стојче Тоциновски и Богдан Николиќ (бр. 22, 2015 година)

Во 22-риот број на стрип-магазинот „Стрип Креатор“ е објавен стрипот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“, посветен на животот на титуларниот македонски книжевен, просветен и културнонационален деец. Автори на овој историско-биографски стрип се Стојче Тоциновски и Богдан Николиќ. Јордан Хаџи Константинов-Џинот (ок. 1818, Велес – 29 август 1882, Велес), бил учител, драмски автор и учебникар. Неговиот спомен дом во родниот град досега неколку пати послужил за потребите на стрип-манифестастации, меѓу кои и меѓународната стрип колонија во организација на Стрип центар на Македонија – Велес.

5.21.16. „Гладијатор“ на Јорданчо Давидовски (бр. 25, април 2017 година)

„Гладијатор“ е стрип од седум табли, на Јорданчо Давидовски од Куманово. Станува збор за стрип сместен во историското миље на Стариот Рим.

5.21.17. „Смртта на Нерон“ на Јорданчо Давидовски (бр. 26, мај 2017 година)

И за својот стрип од една табла „Смртта на Нерон“, Јорданчо Давидовски наоѓа инспирација во Стариот Рим. Станува збор за фиктивна интерпретација на последните мигови од животот на римскиот император Нерон.

5.21.18. „Хацон“ на Миле Топуз (бр. 29, април 2019 година)

По објавувањето во албумско издание, стрипот „Хацон“ на Миле Топуз е реобјавен во магазинот „Стрип Креатор“, бр. 29, од 2019 година. Во својот интродукторен текст, како што тоа редовно го прави и во своите други стрипови, Топуз ги објаснува околностите во кои што приказната ќе се одвива.

„Во седмиот век сѐ повеќе словенски племиња го населуваа Балканот. На територијата на Македонија најдоа свој дом: Смолјаните, Струмјаните, Велегизитите, Војнитите, Брзјаците, Драговитите, Сагудатите и многу други. Но голема пречка за слободно живеење беа византијските тврдини на чело со Солун. Барајќи начин како да воспостави добри односи со Византија, еден од највидните водачи на словенските племиња, Хацон, се појави со своите старешини пред ѕидините на Солун“, пишува Топуз.

Непосредно пред „Хацон“, кој е составен од 14 табли, е поместен интродукторен текст на Ване Трајков, а по него – интервју со Топуз во авторство на Александар Стеванов. Во својот текст, за овој стрип Трајков пишува:

„Во почетокот на VII век, кога словенските племиња го населувале Балканскиот Полуостров, на територијата од денешна Македонија се населиле силните словенски племиња: Драговити, Сагудати, Брсјаци, Смолјани, Струмјани, Ринхини, Велегизити, Војнити и други. Овие племиња уште од самиот почеток биле во тешка положба бидејќи поради близината на моќното Византијско Царство, биле многу повеќе загрозени отколку другите словенски племиња кои се наоѓале подалеку од Византија. Затоа и не е чудно што овие племиња први тргнале на патот за стварање на воени сојузи и нивно претворање во кралство. Тој процес започнал многу рано со правењето на племенскиот сојуз „Склавинија“ на чело со Хацон. Заедно со своите словенски соплеменици, Хацон бил цврст бедем околу кој се кршеле многу византијски копја во настојувањата да продрат во срцето на словенските племиња. Со својата крв и жилавиот отпор што го давале против Византија, Македонските Словени уште од почетокот на VII век, бранејќи се себе ги штителе другите словенски племиња кои релативно мирно си го живееле својот патријархален живот…“

Ова не е прв стип во кој Топуз го обработува Хацон. По текст на Драган Ташковски тој црта стрип на истата тема за потребите на „Никад робом“, објавен во 109-тиот број на оваа српска едиција, на 11 август 1967 година.

5.21.19. „Крал Пребонд“ на Миле Топуз (бр. 31, април 2020 година)

По објавувањето во албумско издание, стрипот „Крал Пребонд“ е реобјавен во 31-виот број на стрип-магазинот „Стрип Креатор“ од април 2020 година. Станува збор за историски стрип, од македонското минато, кој што авторот Миле Топуз го раскажува во 14 табли. Во својот експозициски текст кон стрипот, Топуз пишува:

„Византијскиот цар Јустинијан II подолго време на истокот од Византија мака мачеше со Арапите. За да ја олесни борбата со нив мораше на северозапад со војнствените Словени да склопи 685 година привиден мир, со кој требаше да се смири бунтовниот крал на Словените, Пребонд.“

Непосредно пред овој стрип, е објавен осврт кон него во авторство на Ване, во кој пишува:

„Епизодата го опфаќа периодот од крајот на VII век кога меѓу византискиот цар Јустинијан II Ринотмет и македонските Словени владее привиден мир. Сѐ поголемата опасност што доаѓа од истокот на Византиското Царство од страна на Арапите го принудило Јустинијан II да си го обезбеди мирот со Словените. Тоа можел да го стори само ако го елиминира ’варварскиот‘ крал Пребонд, кој, наводно, бил реална закана да ги обедини македонските Словени и така да направи несакани проблеми во срцето на царството. “

Идентично како во случајот со стрипот за Хацон објавен во 29-тиот број на „Стрип Креатор“, ова не е прва стрипувана верзија за кралот Пребонд во авторство на Топуз. Уште кон крајот на шеесеттите години на минатиот век, по текст на Драган Ташковски тој црта стрип на истата тема, кој што е објавен во едицијата „Никад робом“.

5.21.20. „Помирување“ на Емилија и Стојче Тоциновски (бр. 32, мај 2020 година)

Во 32-риот број на „Стрип Креатор“ е објавен стрипот од пет табли „Помирување“ на авторите Емилија и Стојче Тоциновски. Тема на овој стрип, кој е сместен во Цариград од 12 век, е епизода од животот на Св. Никита Богоугодник, христијански светец што се празнува на 9 септември (стар стил), односно 22 септември (нов стил). Дел од овој стрип е нацртан за време на стрип-колонијата во Велес.

5.21.21. „Климент Охридски“ на Миле Топуз (бр. 33, април 2021 година)

Во 33-тиот број на „Стрип Креатор“, обајавен во април 2021 година, е објавен стрипот „Климент Охридски“. Во експозицискиот текст кон овој историски стрип, авторот Миле Топуз пишува:

„По смртта на Методиј 885 г. германското свештенство од Регензбург и Пасада, што ровареа низ Моравија и Панонија, видоа можност за пресметка со учениците на големите просветители, браќата Кирил и Методиј, кои со преводите на црковните книги на словенски јазик и кирилица воведуваа богослужба по храмовите на овие подрачја.“

Непосредно пред овој стрип од 14 табли, е поместен осврт кон него во авторство на уредникот на „Стрип Креатор“, Ване Трајков. А, слично како што го почнува, Топуз го завршува стрипов со текст, во кој што го најавува она што следува по настаните обработени во овој историски стрип, а кои што ги има обработено во друго дело.

„Создавајќи ја глаголицата, Климент придонесе за писменоста на Словените на Балканот и пошироко, со што се создадоа услови за појавата на богомилското движење, а нешто подоцна кнезот Никола со своите синови: Давид, Мојсие, Арон и Самоил да ја ослободи Македонија од Бугарите, а Самуил создаде огромно Македонско царство“, пишува Топуз.

По сценарио на Драган Ташковски, Миле Топуз прави стрип за Св. Климент Охридски половина век претходно, кој што е објавен во 134-тиот број на „Никад робом“ од 2 февруари 1968 година.

5.21.22. „Итар Пејо“ на Диме Иванов-Димано (повеќе броеви)

Во неколку броеви на „Стрип Креатор“ излегуваат стрип-епизоди од „Итар Пејо“ на Диме Иванов-Димано. Повеќето епизоди од овој стрип се сместени за време на отоманскиот период, а некои се во фантастично/квазиисториско време.

5.21.23. Историски стрипови планирани за наредните броеви на „Стрип Креатор“

За наредните два броја на „Стрип Креатор“, 35 и 36, се планирани два историски стрипа на македонски автори.[41] Станува збор за:

  1. „Убиството на Арон“ на Миле Топуз, „Стрип Креатор“ бр. 35.
  2. „Балада за мојот непријател“ на Александар Стеванов (сценарио) и Дарко Богданов (цртеж), „Стрип Креатор“ бр. 36.

Иако планирани за оваа година, поради необезбедување на финансиски средства наредните два броја на „Стрип Креатор“, на чии што страници е предвидено да излезат овие два стрип, веројатно ќе бидат објавени наредната 2023 година.

5.22. „Македонско сонце“

Првиот број на „Македонско сонце“, кој излегува во темпо еднаш неделно, е објавен на 24 јуни 1994 година. Сопственик на ова македонско списание, наменето главно за дијаспората, е Ѓорѓија Атанасовски. Иако главна тема во него се дневнополитички настани од „стариот крај“ и настани од македнското минато, на неговите страници имаат излегувано и стрипови.

5.22.1. Стрип за Александар Македонски на Мирослав Георгиевски-Миро

Во повеќе броеви на „Македонско сонце“ излегуваат стрипови со Александар Македонски. Автор на стриповите е Мирослав Георгиевски-Миро, роден во 1946 година во Куманово. По професија тој е машински инжинер, а покрај неа долги години напоредно се бави и со карикатура. Работел како уредник за карикатури во сатиричното списание „Остен“, а објавувал и во дневните весници „Нова Македонија“ и „Дневник“. Иако главниот лик е историска личност, стрипот со Александар III Македонски е цртан карикатурално и е хумористичен, односно без амбиции за веродостојно пренесување на историски случувања.

5.23. „Стрип пресинг“

Нишкото списание „Стрип пресинг“, од кое досега се објавени 22 броја, го здогледува светлото на денот во 2001 година. Иако неговите страници во најголем дел се резервирани за српски автори, ниту стриповите на авторите од регионот не се непознаница за нив. Од македонските автори во него објавувале: Оливер Ромевски, Зоран Танев, Александар Сотировски, Игор Јовчевски, Јордан Коцевски, Дарко Богданов, Смиле Цветановски и др. Иако ниеден од нивните стрипови не е историски, како стрип во кој се појавува лик базиран (макар незначително) односно инспириран (иако незабележливо) од историска личност, би можел да се спомне стрип-каишот „Вековниците“ на цртачите Михајло Димитриевски и Дамјан Михаилов и „Ел Македонеро“ од двоецот Оливер Ромевски – Зоран Танев.

5.23.1. „Ел Македонеро“ на Оливер Ромевски и Зоран Танев (бр. 8, 9-10, 11)

Неколку години по премиерата во македонската крими-ревија „Сведок“, стрипот „Ел Македонеро“ на делови е реобјавен во српската стрип-ревија „Стрип Пресинг“.

  1. Епизода 1, „Стрип Пресинг“ бр. 8, јули-август 2007 година.
  2. Епизода 2, „Стрип Пресинг“ бр. 9-10, јули 2009 година.
  3. Епизода 3, „Стрип Пресинг“ бр. 11, јуни-јули 2010 година.

5.23.2. „Вековниците“ на Михајло Димитриевски-Тхе Мичо и Дамјан Михаилов (бр. 12, 13, 15-17, 20-22)

Во неколку броеви на „Стрип пресинг“ излегуваат епизоди од подсеријалот „Вековници“, насловен „Вековниците“. Автор на еден дел од епизодите е Михајло Димитриевски-Тхе Мичо од Битола, а на друг – Дамјан Михаилов. Еден од двата протагонисти на овој серијал, кој претставува подедиција на „Вековниците“, е базиран на историската личност Крали Марко. Или подобро кажано, базиран е на митолошки лик, кој е базиран на историскиот прилепски владетел а згора на тоа и, слично како во случајот со Крали Марко на Диме Иванов-Димано, дополнително карикиран. Епизодите од „Вековниците“ објавени во „Стрип пресинг“ се следиве:

  1. „Вековниците“ (Дамјан Михаилов) бр. 12, септември-октомври 2011 година.
  2. „Вековниците“ (Тхе Мичо) бр. 13, ноември-декември 2012 година.
  3. „Вековниците“ (Тхе Мичо) бр. 15, април-јуни 2014 година,
  4. „Вековниците“ (Тхе Мичо) бр. 16, јуни-август 2015 година.
  5. „Вековниците“ (Тхе Мичо) бр. 17, септември-ноември 2016 година
  6. „Вековниците“ (Тхе Мичо) бр. 20, јануари 2020 година.
  7. „Вековниците“ (Тхе Мичо) бр. 21, април 2021 година.
  8. „Вековниците“ (Тхе Мичо) бр. 22, декември 2021 година.

5.24. „Синдром“, Промотивен стрип-магазин (2010 – 2014)

Промотивниот магазин „Синдром“, како издание на Здружението за промовирање на стрип уметноста „Макстрипови“, излегува во осум броја во периодот 2010 – 2011 година. За разлика од сите други македонски периодични публикации кои на своите страници донесуваат стрип, во ова издание речиси сите стрипови се на македонски автори.

5.24.1. „Антиквизатори“ (епизода „Листопад“) на Александар Стеванов (бр. 6)

Во шестиот број од промотивниот стрип-магазин „Синдром“, од октомври 2011 година, објавена е една стрип-лента од „Антиквизатори“. За овој стрип на Александар Стеванов подетално е обработен во секцијата веб-стрипови.

5.24.2. „Увертира“ на Александар Стеванов и Стефан Коцевски-Стеф (бр. 7)

Во седмиот број на „Синдром“ од април/мај 2012 година е објавен стрипот „Увертира“, кој по сценарио на Александар Стеванов го црта Стефан Коцевски-Стеф, а е сместен за време на Втората светска војна.

Илустраторот на овој стрип, Стефан Коцевски, е роден на 13 октомври 1993 година, во Скопје. Има учествувано на неколку фестивали и проекти кои што гравитираат околу стрип-уметноста, како на локално ниво, така и во соседните земји. Инспириран од илустративната и стрипска уметност, се запишува на Националната академија за уметности во Софија, Бугарија, каде што дипломира на Плакат и визуелна комуникација.

5.25. Едиција „Револуционери“

Првиот број на т.н. стрип-сликовници од едицијата „Револуционери“, во издание на скопски „Стрип квадрат“, е објавен во јуни 2013 година. Би требало да нагласи дека терминот „стрип“ овде е даден во функција на придавка, однесувајќи се на стриповскиот стил на сликовниците, односно дека не станува збор за асли стрипови. Објавени се вкупно пет сликовници на тема од македонската историја:

  1. „Храброста на Гоце“ за Гоце Делчев.
  2. „Пиринскиот цар“ за Јане Сандански.
  3. „Јунакот од Мечкин Камен“ за Питу Гули.
  4. „Првиот претседател“ за Никола Карев.
  5. „Учителот од Смилево“ за Даме Груев.

5.26. „Стрип Алманах“ (2015 – 2021)

Публикацијата „Стрип Алманах“ излегува со прекини во периодот 2015 – 2021 година, во издание на Стрип центарот на Македонија – Велес. Досега од „Стрип Алманах“ се објавени 4 + 1 броеви, од кои првите три излегуваат како подедиција (специјални броеви) на магазинот „Стрип Креатор“, а петтиот број кој е со нумерација 1, излегува како засебно издание со сопствен ИСБН-код и ЦИП-запис. Од нив три се по сценарија на Ване Трајков, а две по сценарија на Александар Стеванов. Дел од објавените стрипови во нив, како и дел од нивните насловни страници, се на историска тематика.

5.26.1. „Јунаците умираат со оружје в рака, но со лажица в рака живеат подолго“ на Ване Трајков и Оливер Цветковски (бр. 2)

Во краткиот стрип „Јунаците умираат со оружје в рака, но со лажица в рака живеат подолго“, на Ване Трајков (сценарио) и Оливер Цветковски (цртеж), објавен во 2016 година, во вториот број на „Стрип Алманах“, се појавуваат поголем број историски ликови во последните мигови од нивниот живот. Станува збор за Ричард III, генералот Кастер, Гоце Делчев и Сирма војвода.

5.26.2. „Надежта е нешто пердушесто“ на Александар Стеванов и Дарко Богданов (бр. 3)

Иако не е историски стрип, стрипот „Надежта е нешто пердушесто“ целосно се одвива на историскиот фон од Првата светска војна, на Западниот фронт. Тој е составен од 12 табли, а негови автори се Александар Стеванов и Дарко Богданов. Освен во „Стрип Алманах“, „Надежта е нешто пердушесто“ е објавен и во „Линии на фронтот“ и „Ægri Somnia“, а заедно со други стрипови на авторот Александар Стеванов, е изложен во Штип, во НУ-УБ „Гоце Делчев“.

5.26.3. „Посилно од гравитација“ на Александар Стеванов и Весна Ничевска (бр. 3)

Немиот стрип од една табла „Посилно од гравитација“ е спој од анегдота за тоа како Исак Њутн ја открил гравитацијата и библиската приказна за првиот грев. Претходно овој стрип е објавен во публикацијата „Silence 2011“, како еден од најдобрите стрипови на конкурсот на фестивалот Лигатура во Познањ, Полска.

Илустраторката на овој стрип, Весна Ничевска, е родена на 24 август 1977 година во Скопје, каде што и во моментов живее, работи и твори, е дипломиран ликовен уметник, кој, покрај сликарство, повремено се занимава и со стрип. Средното образование го завршува во средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“, на отсекот сликарство, во генерацијата 1992/96, а во 2001 година дипломира на Факултетот за ликовна уметност при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на отсекот сликарство, во класата на професор Родољуб Анастасов. Ничевска има илустрирано повеќе детски приказни, како и една книга, а со стрип за првпат посериозно почнува да се бави во 2009 година. Таа има учествувано на повеќе стрип-фестивали, а со награди се има закитено во 2010 и во 2012 година на Меѓународниот салон на стрип во Велес. Нејзините стрипови се објавувани во неколку списанија во Македонија и во странство, меѓу кои: „Стрип Креатор“, „Чивилук“, „Македонска Ризница“, „Parabellum“ и „Comix“, а има учествувано и на повеќе групни стрип-изложби, како што се „Македонскиот стрип денес“ во 2013 година во Лесковац, соседна Србија и на „Деветта димензија“ во 2015 година во Скопје. Има работено за стрип-фанзин во Италија посветен на стрипскиот јунак Марти Мистерија. Има учествувано и на повеќе групни ликовни изложби и ликовни колонии и активно се занимава со сликање и цртање каде ги истражува темите на човечкото, претежно женското, тело и човечките емоции. Работи и истражува во сите техники и медиуми, експериментира и во стрип-медиумот и остава сопствен печат на изразување.

5.26.4. „Увертира“ на Александар Стеванов и Стефан Коцевски-Стеф (бр. 4)

Стрипот „Увертира“, кој по сценарио на Александар Стеванов го црта Стефан Коцевски-Стеф, а е сместен за време на Втората светска војна е објавен во четвртиот број на „Стрип Алманах“. Претходно овој стрип излегува на страниците на седмиот број на „Синдром“ од април/мај 2012 година.

5.26.5. „Балада за мојот непријател“ на Александар Стеванов и Дарко Богданов (бр. 4)

Стрипот „Балада за мојот непријател“ е објавен во мај 2019 година, во четвртиот број на „Стрип Алманах“, специјално издание на стрип-магазинот „Стрип Креатор“. Станува збор за историски стрип сместен во Македонија за време на двете Балкански војни и Првата светска војна. Стрипот на метафоричен начин, преку главниот лик, ги прикажува страдањата на македонскиот народ за време на овој период и присилните братоубиствени војни. Главниот лик во приказната е базиран на вистинска личност, Лисковски Петко, која во период од неколку години била мобилизирана во три различни војски, турска, бугарска и српска, идентично како и многу други Македонци од тоа време.

Идната година „Балада за мојот непријател“ е реобјавен во стрип-збирката „Ægri Somnia“, со таа разлика што овде е црно-бел, а во „Ægri Somnia“ е со сенки, односно и со сиви тонови. Во 2021 година, „Балада за мојот непријател“ (колор верзија) е второнаграден на конкурсот на Меѓународниот салон на стрип во Велес. Особеност на овој стрип е што е повеќејазичен. Освен на македонски, текстот во него (со превод на македонски) е и на бугарски, турски и српски јазик.


[40] Според напис објавен во „Утрински весник“ од 32 февруари 2002 година.

[41] Информацијата за ова ја имам како графички дизајнер на стрип-магазинот.