Table of Contents

5.30. Домашни албумски изданија

За разлика од втората половина на 20 век во кој македонските историски стрипови се појавуваат во серијализирана форма во списанија, во 21 век дел од нив добиваат и албумски изданија. Всушност, несудениот прв македонски стрип-албум „Вара: Каменот на љубовта“ е на историска тема, на каква што е и првиот луксузен македонски стрип-албум „Мис Стон“.

5.30.1. „Вара: Каменот на љубовта“ на Иван Пешев, Зоран Танев, Смиле Цветановски и Тони Анастасовски (работен во 1998, отпечатен како приватно издание по 2012 година)

Освен еден од најквалитетните македонски комични стрипови, „Вара: Каменот на љубовта“, воедно е и еден од најопскурните. Автори на овој несуден прв македонски стрип-албум, кој на крајот од деведесеттите година на минатиот век настанува по иницијатива на Љупчо Палевски, се авторите Иван Пешев (сценарио и приказна), Зоран Танев (цртеж), Смиле Цветановски (туш) и Тони Анастасовски (колор). Во интервју за „M Express“, во кое го најавува објавувањето на стрипот, сценаристот Пешев (Костовска 1998) вели:

„Иницијативата е на Љупчо Палевски, кој беше заинтересиран за една моја хумористична приказна која потоа ја претворивме во карикатурална гротеска. Тоа се случи отприлика пред шест месеци, кога се изработи синопсис, а потоа се изработи и сценариото од кое, пак, се оформија ликовите. Тимот се состои од навистина способни луѓе, како што се Зоран Танев, главниот цртач, кој е исклучително талентиран човек и чиј талент треба да се негува на овие простори, потоа тушерот Смиле Цветановски и колорот кој отпрвин планиравме да се изработи компјутерски но, го средивме со колористот Тони Атанасовски,[45] кој направи одлична работа.“

Содржината на „Вара: Каменот на љубовта“ е сместена во историското миље на средновековна Македонија. „Приказната има голема историска подлога“, вели Пешев (Костовска 1998). „Ние се служиме со историски личности, како што е на пример царот Ираклиј, Ромеите, значи несловенското население, се вистинити ликови пронајдени во разна литература за Византија.“ Со мали уметнички слободи, сценаристот на овој стрип на хумористичен начин спојува две теории за потеклото на населението на Македонија, кои навидум се неспоиви. Првата, од официјалната историја, вели дека македонското население е доселено од зад Карпатите, а според другата, алтернативна, населението овде е домицилно. Во споменатото интервју во врска со ова Пешев (Костовска 1998) вели:

„Идејата е на хумористичен начин да се прикаже нашата историја. Историјата е подложна на интервенции од секаков вид, што не мора секогаш да значи нешто лошо. Јас направив спој на две теории, на официјалната историја која вели дека Словените потекнуваат од зад Карпатите, а алтернативната историја, која зборува дека ние никогаш не сме дошле од некаде туку сме овдешно, домицилно население. Во кратки црти, се работи за група Словени предводени од храбриот Домогој и неговата ќерка Вара кои доаѓаат на Балканот во својата потрага по голема вода покрај која се наоѓа каменот на љубовта кој всушност е аманет од нивниот прадедо Преслав кој живеел на тоа место. (Тука е тој спој на официјалната и алтернативната историја). Сосема случајно доаѓаат во Лихнидос, кој е под византиска власт. Царот на Византија Ираклиј, кој е историска личност, го испраќа супертајниот шпион Страбон во Лихнидос со цел да им го загорчи доаѓањето на Словените и да ги натера да се вратат таму од каде што дошле…“

Пешев во истото интервју открива дека биле планирани втора, трета и четврта епизода од „Вара: Каменот на љубовта“, до што сепак не доаѓа. Всушност, наспроти најавата дека ќе биде објавен, ниту првата епизода од овој стрип кој е работен во 1998 година не го здогледува светлото на денот. Останувајќи мистерија за македонските стрипољупци, и покрај тоа што страниците од овој македонски пандан на Астерикс непосредно по неговото создавање биле отпечатени, тие не биле споени како стрип-албум и истиот не бил објавен. По нешто повеќе од десет години од создавањето (по 2012 година), по сплет на околности (кои заслужуваат опширен напис), стрипот одново е отпечатен, а овој пат и споен како албумско издание. Но, и во овој случај не би можело да се каже дека е објавен, имајќи предвид дека станува збор за некомерцијално, приватно издание (без импресум, ISBN-код и CIP-запис), отпечатено во тираж од 50 примероци, кој не е дистрибуиран за продажба, а ниту пак по македонските библиотеки.[46]

5.30.2. „Мис Стон“ на Зоран Танев (според истоимениот филм) (2000 година)

Во ноември 2000 година, во издание на здружението Стрип Арт од Велес (претходник на Стрип центар на Македонија – Велес), е отпечатен стрип-албумот „Мис Стон“.[47] Автор (сценарист и илустратор) на ова дело, работено според истоимениот игран филм на тематика од македонската историја од 1958 година, е Зоран Танев. Албумот, кој има 48 страници и е во формат А4 и тврд повез, освен во верзија на македонски јазик е отпечатен и во верзија на англиски јазик, обете во тираж од по 350 примероци. Стрип-албумот „Мис Стон“, кој е издаден со финансиска помош на Министерството за култура на Р Македонија, го уредува Ване Трајков. Според негово сведоштво, „Мис Стон“ првично било планирано да го работи Љупчо Филипов (1947 – 2000), до што не дошло поради неговата ненадејна смрт.

Освен што е прв македонски стрип-албум со историска тематика, „Мис Стон“ се впишува во историјата и како прв луксузен стрип-албум објавен во Македонија, [48] прв стрип-албум во авторство само на македонски автори[49] и прв стрип-албум на македонски јазик.

Тема на стрипот е аферата Мис Стон, во која членови на четите на Тајната македонска револуционерна организација (Јане Сандански, Христо Чернопеев и Крсто Асенов) ја грабнуваат американската протестантска мисионерка мис Елен Стон и нејзината придружничка Катерина Цилка Стефанова. Веста за овој настан од 1901/1902 година, за кој пулизеровката Тереза Карпентер во нејзината книга пишува дека е „првата заложничка криза во модерната американска историја“ (англ. „America’s First Modern Hostage Crisis“), одекнува во тогашниот американски печат, на тој начин промовирајќи го македонското ослободително дело.

Грабнувањето на мис Елен Стон, кое било со цел добивање откуп за каузата, било извршено на 21 август / 3 септември 1901 година во Пиринскиот дел на Македонија, помеѓу Банско и Горна Џумаја. Од страна на македонските борци за слобода од Отоманската Империја биле барани средства во висина од 25 000 турски лири, а преговорите траеле шест месеци. На 31 јануари 1902 година на грабнувачите им биле исплатени 14 500 лири, собрани преку доброволни прилози, по што, на 23 февруари 1902 година мисионерките биле пуштени на слобода.[50]

Интересно е што и сценаристот (Ѓорѓи Абаџиев) и режисерот на филмот (Жика Митровиќ) на база на кој е правен овој стрип-албум, и самите се бавеле со стрип. Пред половина дузина години режисерот Дарко Митревски, кој исто така се има испробано на полето на стрипот, најави снимање на филм на истата тема, насловен „Аферата Мис Стон“.

„Го открив американското видување на приказната во времиња кога Америка и Македонија биле многу поинакви од денес. Станува збор за време кога тогашниот американски претседател Теодор Рузвелт само што стапил на должност се соочил со проблемот на грабнување на американска жена на Пирин Планина во Македонија. Во филмот ќе бидат презентирани низа историски настани, но тоа што мене најповеќе ме интересира во овој филм, тоа е што осум месеци по нејзиното ослободување Мис Стон станува најголем застапник и поборник на идеите и идеалите на нејзините грабнувачи. Таа ја поддржува нивната идеологија и до крајот на својот живот останува вљубена во Македонија“, изјавува Митревски на најавата за филмот на филмскиот фестивал „Браќа Манаки“ во септември 2014 година.

Откако идејата за филмот е прекината, сценариото е објавено во форма на книга со илустрации.

Илустрација со мотив од „Мис Стон“, неполна година по објавувањето на албумот, е поставена на насловната страница од седмиот број на стрип-ревијата „Стрип Арт“ (пролет 2001) во кој што стрип-албумот е претставен како „прв македонски стрип-албум“. Во 2004 година (20 – 26 април), во Велес е одржана стрип-изложба на Зоран Танев, на која што се поставени и табли од овој стрип-албум (заедно со такви од „Ајдучка чешма“ и „Ел Македонеро“). Седум години од неговата премиера како албумско издание, стрипот „Мис Стон“ серијализирано почнува да излегува во стрип-магазинот „Креатор“, во броевите 8 (април 2008), 9 (јуни 2009), 11 (јуни 2010) и 12 (септември 2010). Со овој стрип, неговиот автор Зоран Танев е застапен и во книгата „Стриповите кои ги сакавме“ на Живојин Тамбуриќ, Здравко Зупан и Зоран Стефановиќ.

За авторот на „Мис Стон“, стрип-теоретичарот Томислав Османли (2002: 182–183) пишува дека „е еден од посебно маркантните автори на новиот генерациски бран македонски стрип-автори. Од 1991 година Танев почнува интензивно да црта стрипови за ревијата ’Макстрип‘. Изразот на Танев го одликува динамичната стриповска нарација и зрелиот цртачки квалитет. Во овој период реализирал близу 200 стрип-таблоа, односно десетина комплетни стрипови реализирани според сопствени сценарија. Најголемиот број од нив се објавени во ’Макстрип‘, а подоцна и во ’Клик!‘. Автор е на сценариото и на цртежот за стрип-албумот ’Мис Стон‘, проект работен според некои елементи и ликови од истоимениот македонски игран филм. Албумот на Танев кој се појави во издание на ’Стрип арт‘ на уредникот Ванчо Трајков, ја доби делумната финансиска поддршка на Министерството за култура.“

Аферата Мис Стон уште претходно е претставена во стрип-форма. Станува збор за стрип реализиран од Љупчо Филипов, кој што е објавен на страниците на „Наш свет“ и „Историска стрипотека – Епопеја“.

5.30.3. „Волшебното самарче“ на Ристе Секулоски, според роман на Ванчо Николески (2001 г.)

Кон крајот на 2001 година, во издание на „Детска радост“ од Скопје е објавен стрип-албумот „Волшебното самарче“, кој е на тематика од Народно ослободителната борба на македонскиот народ.[51] Изданието, кое е со формат А4 и има 109 страници, излегува како дел од едицијата „Лектирни изданија во стрип“. Отпечатено е во тираж од 1 000 примероци, што е амбициозно за македонски услови, кој набргу е распродаден. Неговата реализација финансиски е помогната од страна на Министерството за култура на Република Македонија. Автор на „Волшебното самарче“, кој претставува стрипувана верзија на истоимениот роман од истакнатиот македонски писател Ванчо Николески, е Ристе Секулоски од Охрид. Ристе Секулоски, кој по професија е лекар, го работи ова дело по нарачка од мала издавачка куќа која во меѓувреме згаснува, за време на студиите по медицина. Во овој амбициозен потфат му помагаат братотЈованчо Секулоски и сопругата Марина Балева-Секулоска.

Темата на стрипот е сместена во историско миље, односно е од народно ослободителната борба, а ги следи згодите на младиот Трајче. „Волшебното самарче“ подоцна е реобјавeн серијализирано во стрип-ревијата „Стрип Арт“, во броевите 10 – 16, односно од пролетта 2002 година до летото 2004 година, со дозвола од издавачот „Детска радост“ и од авторот Секулоски. „Волшебното самарче“ во реализација на Секулоски не е прва стрип-адаптација на познатиот роман на Ванчо Николески, кој доживува стрипувана верзија уште во далечната 1965 година. На илустрации од „Волшебното самарче“ претходно изработува и илустраторот Драган Митровски, кој се има испробано и како стрип-автор.

5.30.4. „Ајдучка чешма“ на Зоран Танев, според роман на Видое Подгорец (2003 година)

Во периодот април-јуни 2003 година е објавен стрип-албумот „Ајдучка чешма“,[52] правен според истоимениот историски роман од 1964 година на познатиот македонски писател Видое Подгорец.  Автор (сценарио и цртеж) на стрип-албумот, кој е отпечатен во тираж од 300 примероци, е Зоран Танев од Скопје, а негов дизајнер е стрип-авторот Александар Сотировски.

„Ајдучка чешма“ е со мек повез, формат А4, со 48 црно-бели страници. Негов издавач е Ване Трајков, односно Стрип центар на Македонија – Велес, а реализацијата е помогната од страна на Фондација Отворено општество – Македонија (ФИООМ) и Швајцарската агенција за развој и соработка SDC.

По објавувањето на ова дело, иако во меѓувреме излегуваат неколку стрип-збирки во кои дел од стриповите се со историска тематика или се сместени во историско миље, ќе поминат цели десет години пред да се објави наредниот историски стрип-албум во Македонија – „Александар Македонски: Лавот од Македон“ на авторите Ниче Димовски, Оливер Ромевски, Зоран Танев и Тони Анастасовски.

5.30.5. „Кратки резови“ на Игор Јовчевски (2009 година)

Кон средината на 2009 година е објавен стрип-албумот „Кратки резови“ на авторот Игор Јовчевски.[53] Станува збор за збирка од кратки стрипови кои Јовчевски ги црта во периодот 2004 – 2009 година, дел според свои сценарија, а дел во соработка со други сценаристи (Марко Стојановиќ, Димитар Маневски и Давор Драмиќанин, од кои последниот воедно е и графички дизајнер на изданието). Освен Јовчевски, како цртач на еден од стриповите се јавува Здравко Гиров. Албумот „Кратки резови“, кој е издание на „Арт“ од Скопје, е тврдоукоричен, во формат А4 и има 50 страници. Печатен е во црно бела техника, во тираж од 200 примероци, а се продава по цена од 400 (330) денари.

Авторот на овој стрип-албум, Игор Јовчевски[54] е роден на 5 мај 1976 година во Скопје, а по образование е дипломиран архитект. Љубовта кон стриповите ја негува уште од детството, а црта, како што вели „од далечната 1978 година“. Професионално со деветтата уметност почнува да се занимава од 2004 година. Во 2000 година Јовчевски го објавува својот прв стрип, во македонската ревија „Стрип Арт“. Се работи за краток стрип за тексашкиот ловец на глави Кантана.  Тој има објавувано и во македонските стрип-списанија: „Креатор“ и „Синдром“, во српското „Тинк-Тенк“, во хрватското „Рe“, како и во словенечкото списание „Апокалипса“. Добитник е и на неколку награди и признанија, меѓу кои: прва награда „Златен стрип“ на Меѓународниот салон на стрип Велес 2007, како и награда за најдобар млад автор на Балканската смотра во Лесковац Србија, истата година. Тој има соработувано со повеќе еминентни сценаристи од Србија и Хрватска, а е дел и од тимот илустратори кои што работат на стрип-серијалите „Вековници“ (за стрипот „Грех“) и “Jack Seaborn”.

Во март 2009 година, во „Позитив кафе“ тој ја реализира својата прва самостојна стрип-изложба, на која се претставува со петнаесетина дела, меѓу кои и епизода од стрипот „Ајвармен“, наградена на Белградскиот стрип салон, претходната година.  Во септември истата година, во мултимедијалниот центар Мала станица Јовчевски го промовира својот прв стрип-албум „Кратки резови“. По две години, на 17 февруари 2011 година, во „Кафе Ли“, Игор Јовчевски ја остварува изложбата насловена „Црно на бело“, која е поставена до 16 март истата година.  Идната година, на 13 јуни 2012 година, тој ја промовира збирката илустрации „Меч, магија, колт & стетсон“.

Во 2013 година, Игор Јовчевски и Никола Темков ја создаваат издавачката куќа „Стрип Квадрат. На 23 јануари 2015 година, одново во „Кафе „Ли“, Јовчевски го промовира стрип-албумот „Чуварите на вечната светлина“, посветен на неговиот татко , во издание на споменатата издавачка куќа, на кој што тој е комплетен автор.  Идниот месец, најпрво на 9 февруари како дел од десетте објавени изданија на издавачката куќа „Стрип квадрат“ , а потоа и самостојно, на 27 февруари 2015 година, повторно во „Кафе Ли“, промовиран е стрип-албумот „Ајвармен“ за истоимениот суперхерој.

Дел од стриповите објавени во албумот „Кратки резови“ на Јовчевски се сместени во историско миље. Такви се „Така беше на Дивиот Запад“, кој како што кажува насловот се случува на Дивиот Запад и „Освета“, сместен во Македонија од Отоманскиот период.

5.30.6. „Александар Македонски: Лавот од Македон“ на Ниче Димовски, Оливер Ромевски, Зоран Танев и Тони Анастасовски (2013 година)

Во март 2013 година е објавен стрип-албумот „Александар Македонски: Лавот од Македон“.[55] Изданието, кое е во продукција на „Дел рио филмс“ (Del Rio Films) го следи животот на најпознатиот македонски крал Александар III Македонски, од неговото раѓање па до големата победа на Македонците против Елините, во битката кај Херонеја, кога тој имал шеснаесет години. Стрипот е работен според текст на Ниче Димовски (кој е единствен напишан автор на насловната страница на изданието), адаптиран од Оливер Ромевски, кој уште претходно има за македонски услови завидно искуство со сценаристичка дејност. Цртежот е на Зоран Танев, за колорот е задолжен Тони Анастасовски, а дизајнот е на Александар Николовски.

Изданието е со мек повез, во формат А4, на 50 страници, печатени целосно во боја, што го прави едно од ретките македонски стрип-изданија со тој обем кои се печатени во боја. Интересно е и тоа дека ова е едно од ретките македонски албумски изданија во последните десетина години кои што се издадени без финансиска помош од Македонската држава. Од продуцентската куќа најавуваат дека нема да запрат со овој стрип, односно дека за животот на Александар III Македонски  ќе бидат објавени уште два стрип-албума. Всушност, изработката на продолжението на „Александар Македонски“ е започната уште пред 2016 година. Заменувајќи го Зоран Танев како цртач и Тони Анастасовски како колорист, на него работи доајенот на македонскиот стрип – Диме Иванов-Димано, голем познавач на животот на славниот македонски крал и војсководец.

За жал, поради здравствени проблеми, односно слабеење на видот, Диме Иванов-Димано ја прекинува работата на стрипот, со што досега не е објавено ниту едно од двете планирани и најавени продолженија. Имајќи предвид дека идејниот творец на овој проект – Ниче Димовски, го напушта овој свет прерано во 2020 година, се чини дека идејата за заокружување на стрипуваната биографија на Александар III Македонски за жал е трајно прекината.

5.30.7. „Кочо Рацин: Живот, песни и смрт“ на Ване Трајков и Димитриј Михајловски (и др.) (2013 година)

Во декември 2013 година, во издание на Стрип центар на Македонија – Велес, а со финансиска поддршка од Министерството за култура на Република Македонија, објавен е стрип-албумот „Кочо Рацин: Живот, песни и смрт“.[56] Како илустратор на овој албум се потпишува Димитриј Михајловски (и др.) од Велес, а негов сценарист е Ване Трајков, основач и извршен директор на Стрип центарот и уредник на сите изданија од издавачката дејност на ова здружение. Трајков, кој е роден на 7 декември 1958 година во Велес, е автор и на неколку сценарија за ТВ филмови и драми, како и на книгата „Македонскиот стрип во едицијата Никад робом“. Автор е и на три романи за млади и деца, бројни сценарија за кратки стрипови, дел од кои објавени во изданијата „Стрип Алманах“, а е еден од основачите на Клубот на писатели „Кочо Рацин“ во Велес. Тој се јавува и како инструктор за теорија на стрип, организатор на десетина изложби на стрип низ Македонија и во странство , организатор на Меѓународниот салон на стрип во Велес кој што традиционално се одржува секоја година.

Стрип-албумот „Кочо Рацин: Живот, песни и смрт“ претставува стрипувана биографија на поетот Коста Солев-Рацин. Рацин, кој се смета за втемелувач на современата македонска поезија, е роден на 2 ноември 1908 година во Велес. Освен со поезија, се бавел и со есеистика, публицистика, политика, филозофија, а активен бил и во борбата за ослободување на Македонија. Тој е еден од најистакнатите македонски интелектуалци во меѓувоениот период, активен деец во работничкото и комунистичкото движење, како и во општествениот живот во Велес. Поезија и проза почнал да пишува од 1923 година. Во 1928 година ја составува и првата (зачувана во ракопис) стихозбирка „Антологија бола“, посветена на неговата голема љубов Раца Фирфова, по која го добива псевдонимот – Рацин. Неговата единствена објавена стихозбирка, која е насловена „Бели мугри“, излегува во 1939 година, по што доживува голема популарност во Македонија и меѓу Македонците од регионот. Рацин загунува во неразјаснети околности, на 13 јуни 1943 година, кај Лопушник, Кичевско.

Илустраторот на овој стрип, Димитриј Михајловски, е роден на 5 ноември 1986 година во Велес. По средното уметничко училиште во Скопје, каде матурира како графички техничар, го продолжува образованието на Факултетот за ликовни уметности, исто така во Скопје. Досега работел како илустратор на учебници и списанија за книгоиздателствата „Табернакул“ и „Просветно дело“. Има објавувано стрипови и илустрации во „Кул Стрип Арт Антологија“, „Екстрим“, „Стрип Арт“, „Стрип Креатор“ и др.

Изданието „Кочо Рацин: Живот, песни и смрт“ е во формат А4, на 48 црно-бели страници, а е отпечатен во тираж од 300 примероци. Интересна тривијалност е дека првично е планирано стрип-албумот да го црта авторот Игор Јовчевски од Скопје, кој за таа потреба уште во 2007 година изработува неколку стрип-табли

5.30.8. „Различни светови“ на Никола Темков (2014 година)

Во мај 2014 година е промовирана антологијата „Различни светови“ во издание на издавачката куќа „Стрип Квадрат“ од Скопје, а во авторство на Никола Темков.[57] Покрај него, на дел од стриповите како коавтори се јавуваат двајца странски сценаристи, Реј Скот и Јан Кларк, и двајца домашни, Давор Драмиќанин и Јовче Крстески (Крстителче), а во изработката на еден од стриповите е вклучен и илустраторот Игор Јовчевски, како и Здравко и Марта Гирови во улога на колористи. Станува збор за стрипот од шест табли, чија што тема е раѓањето на античкиот македонски крал Александар III Македонски.

„Ликот на Александар Македонски многу често бил интересна тема за обработка, не само на овие простори, туку во целиот свет, така што не случајно се напишани толку многу книги за него. Еден куп историски осврти кон неговата личност и дело, неколку верзии на филмови, но исто така и стрипови. Јас уште од дете, најмногу ја паметам стрип-верзијата од Карлос Марчело, која своевремено беше објавувана во ’Наш свет‘ и беше во боја, и не можеше да не ми остави впечаток, токму во деновите кога се учев да цртам и да пишувам. Уште од тогаш добив желба еден ден и јас да направам стрип на оваа тема. Иако овде, во овој стрип учествував само како тушер, на сценарио на Давор Драмиќанин, и на цртеж на Игор Јовчевски, а колорот го работел Здравко и Марта Гирови, сепак идејата за стрип за Александар уште во првиот момент беше моја, и затоа овој стрип ми остана во драго сеќавање. Направен е во 2007 година, беше планирано да биде цел стрип-албум од 50-тина страници, но за жал останаа само овие никогаш досега објавени страници од овој стрип. Овде е прикажан почетокот, раѓањето на Александар кое отсекогаш било испреплетено со фантазија и мистерија“, пишува Никола Темков во воведниот текст кон стрипот, насловен „Александар во стрип?“.

Никола Темков, кој заедно со Игор Јовчевски е сопственик на издавачката куќа „Стрип квадрат“ е македонски стрип-автор и илустратор. Роден е на 8 октомври 1977 година, во Скопје, каде што и моментално живее. Објавувал во поголем број публикации, меѓу кои: „Студентски збор“, „Стрип Арт“, „Стрип Креатор“, „Stalker“, „Sawdust“, „Francopholie“ и др. Од 2010 до 2012 работи на веб-стрип (LOAH) што излегува неделно во Канада. Работел на илустрации на неколку објавени книги и сликовници и тоа за различни издавачи од Англија (Earlywork Press), САД (Workshed Studio), и Македонија (Просветно дело, Табернакул). Има и работно искуство како илустратор/дизајнер на списанија во Македонија (Life Магазин, Карамел). Има учествувано на повеќе групни изложби во Македонија, Србија, Грција и Чешка. Во 2012 има реализирано самостојна изложба во Кафе Ли. Во 2013 заедно со Игор Јовчевски ја основаат издавачка куќа „Стрип Квадрат“.

Темков, како што истакнува српскиот стрип-сценарист Марко Стојановиќ „веќе подолг период е една од тивките константи на македонскиот стрип – што не е ни чудно кога ќе се земе в обѕир дека се работи за еден од најскромните и најмалку наметливите дејци на деветтата уметност, која инаку како област знае да пати од судири на егоа од џиновски размери. Цртач, сценарист, уметник, стрип-теоретичар, тој е жив доказ дека премисата ’од збор на дело‘ навистина функционира!“

Иако остатокот од застапените кратки стрипови во збирката „Различни светови“ се фикција, дел од нив се сместени во историско миље, односно се со митологизирани историски ликови. Во првата категорија спаѓаат стриповите од по една табла: „Море сокол пие“ и до некаде „Ода за херојот“, правени според македонски народни песни, кои Темков ги црта на сценарија на Јовче Крстески, а според мое мислење се меѓу најдобрите негови стрипови. Во втората категорија спаѓа стрипот „Одземање на силата“, во кој протагонист е митологизираната историска личност Крали Марко.

Поголемиот дел од стриповите од претходно се познати на македонската публика, преку списанијата „Стрип Арт“ и „Стрип Креатор“, но истите во ова издание за првпат се објавени во боја. „Различни светови“ е во мек повез, формат Б5, а е отпечатен на 74 страници.

5.30.9. „Војдан“ на Диме Иванов-Димано (2014 година)

Стрип-албумот „Војдан“[58] ја има својата промоција на 14 ноември 2014 година, во екот од малата издавачка револуција која му се случува на македонскиот стрип. Станува збор за публикација во издание на скопски „Стрип квадрат“, во која интегрално се објавени сите стрип-приказни за јунакот Војдан кои се три на број. „Војдан“ има 130 страници, формат А4 и е отпечатен во црно бела техника. Неговиот тираж изнесува 500 примероци, што е амбициозно за македонски услови, од кои дел тврдоукоричени, а дел меко. Автор на овој албум е доајенот на македонскиот стрип – Диме Иванов-Димано.

„Ова издание на издавачката куќа ’Стрип квадрат‘ од Македонија, ги содржи сите досега направени епизоди од ’Војдан‘, кои не се меѓусебно поврзани, но се подредени хронолошки. На повеќе од 130 стрaници стрип, ги следите сите етапи од Војдановиот живот, од самиот почеток, т.е. неговото детство, па се до востанието на Петар Делјан, настан, кој се надевам е добро познат во историјата на Балканот“,[59] пишува неговиот издавач Никола Темков (2015: 59). За стрипот „Војдан“, за кого пишува дека „препознатлив белег на еден стрип-автор под псевдонимот Димано“, Темков (2015: 59) го прогласува за „ремек дело на македонскиот стрип“ и дотогаш „најдобро стрип-издание кое што доаѓа од просторот на Македонија, барем што се однесува до стрип-албумите.“

А, како голем познавач на историјата, особено онаа македонската, Димано одлучува дејствието на стрипот да го смести на историскиот фон од средновековна Македонија.

„’Војдан‘ не е врвен стрип само во цртачка смисла туку и сценаристички, бидејќи во прашање е сосема оригинална епопеја на еден јунак, кој случајно или не живее во единаесеттиот век и ги доживува сите тие бурни времиња на свој начин.“ за ова дело на Димано пишува Темков (2015: 59). Тоа е период во кој низ денешната територија на Македонија проаѓале секакви војски и освојувачи, менувајќи се безмалку секојдневно и оставајќи зад себе само пустош. ВО прашање е исто така период на појава на различни религиозни групации и судирите меѓу нив. Во тој зовриен лонец, нашиот јунак Војдан се движи како по лед, секогаш спремен на сѐ, но одан на својата цел – да помага на луѓето. И самиот сведок и жртва на насилства во своето детство, Војдан останува сираче и сиот свој живот го посветуван а борба против насилниците, било да се работи за освојувачи и крволочни тирани, било да се работи за припадници на својот народ. Низ својата посветеност кон цел, тој сам во извесна смисла станува насилен – но никогаш кон немоќните, секогаш кон оние кои тоа го заслужиле. Војдан е варварин, но истовремено и христијанин, секогаш цврсто се држи кон своите идеали и принципи. Не може а да не се забележи тоа дека во многу што ’Војдан‘ личи на еден нам добро познат стриповски јунак, ’Принц Валијант‘. Но колку авторот и да бил под влијание на својот идол Фостер и тежнее кон тоа да се барем приближи на ’Валијант‘, како во цртачка така и во сценаристичка смисла, сепак создал еден сосем оригинален лик, кој со својата суровост кон непријателите повеќе личини на еден ’Конан‘ или со својот авантуристички дух на еден ’Тарзан‘. Од друга страна во сценаристичка смисла, наспроти обилната акција, ’Војдан‘ сепак е драма.“

5.30.10. „Итар Пејо“ книги 1, 2 и 3 на Диме Иванов-Димано (2015, 2017, 2019 година)

Епизодите од стрипот „Итар Пејо“ на Диме Иванов-Димано се објавени во три тврдоукоричени албумски изданија во периодот 2015 – 2019 година (крај на мај 2015, 31 март/12-14 април 2017, 13 август 2019), во издание на Стрип центар на Македонија – Велес, со поддршка од Министерството за култура на Р Македонија.

5.30.11. „Цар Самуил“ на Миле Топуз (2016 година)

Стрип-албумот „Цар Самуил“ на авторот Миле Топуз е објавен на 15 април 2016. Изданието, кое што е тврдоукоричено, е објавено од страна на Стрип центар на Македонија – Велес, со поддршка од Министерството за култура на Р Македонија. Во него се објавени три епизоди од стрипот за средновековниот македонски цар Самуил, кои што претходно се објавени на страниците на првата македонска стрип-ревија „Макстрип“. Поподробно стрипот „Цар Самуил“ во оваа студија е обработен во сегментот за „Макстрип“. Авторот на овој стрип-албум, Миле Топуз, претходно има работено на неколку стрипувани верзии за царот Самуил.

5.30.12. „Бесмртните“ на Диме Иванов-Димано (2016/2017 година)

„Бесмртните“ е збирка со кратки историски стрипови на авторот Диме Иванов-Димано, во издание на „Стрип Квадрат“ од Скопје, објавена во 2016/2017 година.

5.30.13. „Цар Гаврил Радомир; Ѓорѓи Војтех; Добромир Хрс; Стрез господар на Просек“ на Миле Топуз (2017 година)

На 31 март/12-14 април 2017 година е објавен стрип-албумот „Цар Гаврил Радомир; Ѓорѓи Војтех; Добромир Хрс; Стрез господар на Просек“ на авторот Миле Топуз. Оваа тврдоукоричена стрип-збирка излегува како издание на Стрип-центар на Македонија – Велес, со поддршка од Министерството за култура на Р Македонија. Во неа се објавени историски стрипови од македонското средновековно минато, односно во стрипувана форма се обработени историските личности: Гаврил Радомир, Ѓорѓи Војтех, Добромир Хрс и Стрез. Нив Топуз и претходно ги обработувал во стрип-форма.

5.30.14. „Хацон; Крал Пребонд; Климент Охридски“ на Миле Топуз (2018 година)

Стрип-албумот „Хацон; Крал Пребонд; Климент Охридски“ на доајенот на македонскиот стрип –  Миле Топуз, е објавен на 8 јуни 2018 година. Се работи за твродоукоричена публикација која Стрип центар на Македонија – Велес ја објавува со поддршка на Министерството за култура на Р Македонија. Соодветно на насловот на албумот, во него се објавени стриповите: „Хацон“, „Крал Пребонд“ и „Климент Охридски“. Овие стрипови подетално се обработени во сегментот за магазинот „Стрип Креатор“ на чии што страници исто така се објавени.

5.30.15. „Св. Кирил и Методиј“ на Миле Топуз (2020 година)

На 24 јуни/6 јули 2020 година е објавен стрип-албумот „Св. Кирил и Методиј“ посветен на епонимните солунски браќа, сесловенски просветители. Автор на овој тврдоукоричен историски стрип-албум во формат А4 е доајенот на македонскиот стрип – Миле Топуз, кој и претходно има изработено стрип на истата тема, што е карактеристично за неговото творештво. Стрип-албумот „Св. Кирил и Методи“ излегува како издание на Стрип центар на Македонија со седиште во Велес, со финансиска поддршка на Министерството за култура на Р Македонија.

5.30.16. „Wanted: Вестерн колекција“ на Игор Јовчевски (2020 година)

На 29 ноември/2 декември 2020 година е објавен стрип-албумот „Wanted: Вестерн колекција“. Станува збор за тврдоукоричена публикација во издание на стрипоиздателството „Стрип Квадрат“ од Скопје, кое што излегува со поддршка на Министерството за култура на Р Македонија. „Wanted: Вестерн колекција“ претставува збирка со кратки стрипови сместени во историското миље на Дивиот Запад на авторот Игор Јовчевски, за кои дел од сценаријата ги пишува сам, а дел се на напишани од негови соработници. Дел од стриповите од оваа стрип-збирка се објавени во магазинот „Деветка“.

5.30.17. „Аеgri Somnia (стрип-збирка)“ на Дарко Богданов и Александар Стеванов (2020 година)

„Ægri Somnia“ е збирка на кратки стрипови кои во периодот 2012 – 2020 година, по сценарија на Александар Стеванов ги црта Дарко Богданов, објавена. Публикацијата е објавена во 2020 година, а стриповите отпечатени на нејзините страници се од различни жанрови, вклучително и такви кои се со историска тематика. Во последните спаѓаат: „Надежта е нешто пердушесто“, претходно објавен во „Линии на фронтот“ и „Стрип Алманах“ и „Балада за мојот непријател“, претходно објавен во „Стрип Алманах“ (во црно-бело издание, без сиви нијанси).

Илустраторот на оваа стрип-збирка, Дарко Богданов, е роден на 4 април 1984 г. во Скопје, Р Македонија. Завршува отсек графика во средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје во 2003 г., а потоа дипломира исто така на отсек графика во 2007 г. на Националната Ликовна Академија во Софија, Р Бугарија во класата на Димо Колибаров. Се занимава првенствено со цртање стрипови и илустрација од 2000 г. па сè до денес. Зад себе има четири самостојни изложби и учество на повеќе групни изложби и стрип-фестивали во Македонија и странство. Член е на здружението на ликовни уметници „УМ“ од Виница, со кое редовно учествува во заеднички проекти и изложби. Има објавено кратки стрипови во повеќе стрип-списанија: „Стрип арт“, „Креатор“, „Стрип Алманах“, „Синдром“, „Стрип трип“, во електронските списанија „Македонска ризница“, „Чивилук“ и „Комикс“, во стрип-антологиите „Бастион“ и „Пегазус 21“, во списанието „Парабелум“ од Бања Лука, БиХ, „Рас Комик“ од Рашка, Србија, антологиската збирка „Стрип са маргине“, издание на веб-сајтот „СтрипБлог “, како и во серијата стрип-албуми посветени на првата светска војна „ Линије Фронта“ во издание на српскиот издавач „Систем Комикс“… Редовен учесник, со свои стрипови, е на речиси сите балкански стрип-фестивали и конкурси. Добитник е на пет награди за стрип, две на стрип-салоните во Велес во 2008 и 2011 г., на стрип-фестивалот „No Borders“ во Прилеп исто така во 2011 г., на стрип-фестивалот во Ваљево, Србија за најдобро раскажување во стрип по сценарио на Александар Стеванов во 2019 г., а во тандем со него е награден и на вториот стрип-конкурс „ Лифт“ во 2020 г. До сега има објавено четири стрип албума – „Modus Vivendi“ во 2011 година, „Мрак Хумор Тишина“ заедно со сценаристот Јордан Коцевски во 2014 г., „Витези од соседството“ повторно во соработка со Јордан Коцевски, преку издавачот „Стрип Квадрат“ од Скопје во 2016 г. Во 2018 г. заедно со Стеванов и Сашо Гачев е коавтор на книгата „Македонскиот стрип во изданијата на новосадски ‚Дневник‘“, посветена на македонските автори кои работеле за тој српски издавач. Живее и работи во Виница, Р Македонија.

5.30.18. „Шенко“ на Миле Топуз (според романот на Киро Донев) (2021 година)

На 2 јули 2021 година медиумски е промовиран стрип-албумот „Шенко“ на авторот Миле Топуз. Станува збор за тврдоукоричена публикација која излегува во издание на Стрип центар на Македонија – Велес, со поддршка од македонското министерство за култура, излегува во тираж од 300 примероци. Сите три епизоди од стрипот „Шенко“, кој Топуз ги прави според романот на Киро Донев, во ова издание за првпат се објавени интегрално. Според издавачот на ова издание, Ване Трајков (2021), како и според мое мислење, овој стрип е најдобар од портфолиото на Миле Топуз, и сценаристички и цртачки. Станува збор за имагинарна приказна, која според некои информации што стигнаа до мене е инспирирана од реални настани, сместена во македонското историско минато од Отоманскиот период, односно од перидот на револуционерната борба за слобода.

Првите две епизоди од „Шенко“ претходно се објавени во првата македонска стрип-ревија „Макстрип“, а финалната трета епизода е објавена во „Стрип Арт“.

5.30.19. „Ел Македонеро“ на Оливер Ромевски и Зоран Танев (2020/2021 година)

По серијализацијата во „Сведок“, „Супер Тоше“ и „Стрип Пресинг“, во 2020/2021 година стрипот „Ел Македонеро“ на Оливер Ромевски и Зоран Танев е објавен и интегрално, како електронски стрип-албум.

Во описот на делото од издавачот е наведно: „Ел Македонеро е приказна за Македонецот Ѓорѓи Христов кој бегајќи од лудоста на југословенските војни завршува во елитните шпански единици за борба против ЕТА. Тука тој станува таинстевениот и мрачен Ел Македонеро. По десетина години се враќа во Македонија каде што го наоѓа своето семејство во сосема друга состојба од таа во која го беше оставил. Не знае дека по него во Скопје доаѓа најпознатиот терорист во светот, Гонзалес кој мора да му се одмазди за тоа што Ел Македонеро и го направи на една од најпознатите терористички организации во светот-ЕТА. Соочен со новата ситуација со брат му и баба му, Ел Македонеро се среќава со својот најверен другар Наим и неговата сестра Мелина, неговата прва љубов. Но, албанската мафија не е одушевена од таа средба бидејќи Мелина мора да се проституира за нив, а Наим е инвалид. Во тој момент се вмешува и Гонзалес…“

5.31. Странски стрип-збирки

Иако ретко, Македонци биле вклучени и во изработка на странски стрип-албуми. Кога станува збор за историските стрипови, во сите такви публикации нашите автори работеле само на еден сегмент од збирки со кратки стрипови.

5.31.1. „Џек Сиборн: Мирна есен во Колорадо“ (2011 година)/„СтрипГен“ (2010 година)

Во стрип-албумот „Џек Сиборн: Мирна есен во Колорадо“ (Jack Seaborn: Mirna jesen u Coloradu), кој во издание на хрватски „СтрипГен“ е објавен во 2011 година, автор на еден од кратките стрипови е Македонец. Станува збор за Игор Јовчевски од Скопје кој ја илустрира четвртата епизода насловена „Минатото чука на врата“. Идентично како и другите објавени во овој албум, стрипот на Јовчевски „Минатото чука на врата“ е сместен на просторот/времето на Дивиот Запад. Претходната година оваа епизода е објавена во магазинот „СтрипГен“.

5.31.2. „Сајленс 2011“

Во публикацијата „Silence 2011“, од 2011 година, како еден од најдобрите стрипови на меѓународниот конкурс на фестивалот „Лигатура“ во Познањ, Полска, е објавен стрипот од една табла „Посилно од гравитација“. Станува збор за стрип на Александар Стеванов, кој претставува спој од анегдота за тоа како Исак Њутн ја открил гравитацијата и библиската приказна за првиот грев. Подоцна стрипот е реобјавен во третиот број на публикацијата „Стрип Алманах“.

5.31.3. „Чизтанбул“ (2012 година)

Еден од објавените стрипови во турската публикација „Чизтанбул“ (Çiztanbul) е во авторство на македонскиот автор Александар Сотировски. Неговиот стрип е насловен „Дневникот на изгубената надеж“, и на 14 страници раскажува мистериозна приказна која ги спојува животите на Мустафа Кемал-Ататурк и првите камермани на Балканот, браќата Манаки. Истата 2012 година, на 17 септември овој стрип е изложен во Битола, во склоп на 33-тиот Фестивал „Браќа Манаки“, во Заводот и музеј во Битола, а подоцна е објавен и на македонски јазик во стрип-магазинот „Деветка“.

5.31.4. „Линии на фронтот“

Во неколку томови од српската стрип-публикација „Линии на фронтот“, како автори на кратки стрипови се јавуваат Македонци. Според концептот на „Линии на фронтот“, сите стрипови се на тема Прва светска војна.

5.32. Веб-стрипови

Кон крајот на првата деценија од новиот милениум, заобиколувајќи го уредничкото сито на речиси непостоечките македонски стрип-ревии, македонските стрип-автори започнуваат да објавуваат на семрежјето. Дел од овие веб-стрипови се објавуваат на блогови, а дел на македонскиот стрип форум „Макстрипови“, а во нив се вбројуваа: „(с)трип“ на анонимен автор, „Зајакс“ на Дарко Ристовески, „Пеколот“ на Денис Поповски, „Волшебното катче на Цане“ на Михајло Димитриевски-Тхе Мичо, „Папагалски живот“ на Михајло Младенов-Мики, „Флејкдеј“ на Владо Јаневски, „Кромаг“ на Стеве Несторовски и др. Од сите нив, само веб-стрипот „Антиквизатори“ на Александар Стеванов како тема во своите приказни ја обработува историјата.

5.32.1. „Антиквизатори“ на Александар Стеванов (2013 – 2014, 2021 година)

Првиот број на веб-стрипот „Антиквизатори“ на авторот Александар Стеванов  е објавен на 1 февруари 2013 година, а во темпо една епизода на секои десетина дена излегува до 11 ноември 2014 година. Една епизода од „Антиквизатори“ е објавена во шестиот број на промотивниот стрип-магазин „Синдром“, од  26 октомври 2011 година. По неполна декада од нивната премиера, дел од епизодите се реобјавени во македонското електронско списание „(е)Лит“.  

Иако не станува збор за историски стрипови, во нив се појавуваат личности од историјата, не само македонската, туку воопшто. Протагонист во повеќето епизоди е момчето Марко, кое со помош на времеплов патува во минатото. Среќавајќи се со историски личности, стрипот фрла алтернативна светлина за тоа какви навистина биле. Зачинето со доза хумор, а повремено и сатира, стрипот воедно повлекува и  паралела помеѓу минатото и сегашното време.

Во галеријата историски личности кои што се појавуваат во вкупно 64-те епизоди на „Антиквизатори“ се вбројуваат: Аристотел, Моцарт, Св. Климент Охридски, Питу Гули, Александар III Македонски, Тито, Ѓорче Петров, Томас Едисон, Филип II Македонски, Демостен, Никола Карев, Каран, Киро Глигоров, Персеј, цар Самуил, Диоген, Св. Кирил, Наполеон Бонапарта, Џорџ Вашингтон, Гоце Делчев, Ѓорѓија Пулевски, Методија Андонов-Ченто, Скендербег и Леонид.

5.33. Нереализирани или делумно реализирани македонски историски стрипови

Во Македонија финансиите отсекогаш биле проблем за бавење со стрип. Поради тоа, голем број замислени стрипови останале нереализирани. За други, пак, кои авторите ги работат за „сопствена душа“ и без финансиски надоместок, нивната реализација се провлекувала со години. Интересно е што добар дел од тие нереализирани или делумно реализирани историски стрипови за кои што знам се поврзани со Александар Македонски.

5.33.1. Стрип за Александар Македонски (почеток на 1990-ти)

На почетокот од 1990-тите, по прогласувањето на македонската независност, се направени разговори за создавање на стрип за Александар III Македонски. Главни актери во разговорите се политичарот Васил Тупурковски и доајенот на македонскиот стрип Диме Иванов-Димано. Како добар познавач на историјата, една од најголемите желби на Димано кога во прашање е деветтата уметност била да направи стрип за славниот македонски војсководец од антиката.[60] За жал оваа иницијатива не вродува со плод. По четврт век Димано прави уште еден обид да го стрипува животот на Александар III Македонски, но за жал повторно неуспешно.

5.33.2. Продолженија на стрип-албумот „Вара: Каменот на љубовта“ (по 1998 година)

Во интервју за „М Експрес“, сценаристот на „Вара: Каменот на љубовта“ Иван Пешев наведува дека се планирани три продолженија на овој стрип-албум. И покрај тоа што е нацртан и отпечатен, „Вара: Каменот на љубовта“ за жал не е споен во издание, односно не е објавен, а ниту неговите продолженија се реализирани. Дали исходот за нив би бил поинаков доколку првата епизода била објавена, можеме само да нагаѓаме.

5.33.3. Стрип за Александар III Македонски (ок. 2007 година)

Во периодот ок. 2007 година, авторите Давор Драмиќанин, Игор Јовчевски, Марта Гирова, Здравко Гиров и Никола Темков, на иницијатива на последниот прават обид за стрипување на животот на Александар III Македонски. Сведок на оваа иницијатива, која останува нереализирана во целост, се петте нацртани табли кои го опфаќаат раѓањето на славниот војсководец, кои подоцна се објавени во стрип-антологијата „Различни светови“ на Темков.

5.33.4. „27 860“ на Александар Стеванов (работен најактивно ок. 2012-2014 година)

За време на студентските денови, Александар Стеванов пишува синопсис за сценарио за краток стрип, идеја која по извесно време се трансформира во сценарио за стрип-албум. Приказната на стрипот, насловен „27 860“, е имагинарна, каков што е и неговиот протагонист, но сместена е во реалните настани во Македонија од 11 век. По околу половина декада, најактивно во периодот 2012-2014 година Стеванов почнува да работи на илустрирањето на стрипот. Поради други обврски, „27 869“ за жал до сега е само делумно реализиран. Еден панел од истиот, како илустрација е поставен на насловната страница на четвртиот број на изданието „Стрип Алманах“.

5.33.5. „1014: Крв и мастило“ и „1014: Меч од илјада години“ на Данчо Јордановски и Димитриј Михајловски (предвиден да излезе во 2014 година)

Во 1014 година, на територијата на денешна Македонија се случува еден од најгрозоморните настани во историјата на човештвото. Откако бидуваат заробени од Византијците, на околу 14 000 македонски војници им се извадени очите, при што на секој стоти му е оставено едно за да ја врати војската назад кај својот цар Самуил. По рамно 1000 години од ова ѕверство, во издание на Стрип центар на Македонија – Велес е планирано објавување на два стрип-албума на оваа тема од македонската историја. Најавените наслови на албумите се „1014: Крв и мастило“ и „1014: Меч од илјада години“, а на нив работат сценаристот Данчо Јордановски и илустраторот Димитриј Михајловски. Државата преку Министерството за култура обезбедува средства за оваа цел, а авторите известуваат дека се работи со полна пареа, со што се чини дека реализацијата на албумите е само прашање на време. За жал стриповите не се реализирани во утврдениот рок според договорот со финансиерот, а следователно и не се објавени. Во изминативе години неколку пати е најавено дека се работи на проектот и дека албумите ќе бидат објавени, што до сега се нема случено.

5.33.6. „Долгиот пат на солзата“ на Александар Стеванов (сценарио од ок. 2014/2015 година)

Во периодот ок. 2014/2015 година Александар Стеванов работи на сценарио за стрип-албум насловен „Долгиот пат на солзата“. И покрај направените напори за реализацијата на изданието кое во себе ги комбинира Дивиот Запад и Македонија од пред еден век, за жал истото досега е само на етапа сценарио.

5.33.7. Продолженија на „Александар Македонски: Лавот од Македон“ на Ниче Димовски-Македон и Диме Иванов-Димано (работени ок. 2015 – 2017 година)

По повод објавувањето на првиот дел од стрип-сагата за Александар III Македонски во 2013 година, најавено е дека е планирано да се објават уште две продолженија, со што би се заокружила стрипуваната биографија на славниот македонски владетел. Во периодот ок. 2014 – 2017 година, на иницијатива на Ниче Димовски-Македон, на овој проект работи стрип-авторот Диме Иванов-Димано, кој уште претходно, во раните деведесетти години на минатиот век, е вклучен во друг проект за создавање на стрип со Александар III Македонски. Исто како и во тој случај, и во овој идејата за жал не е реализирана. Поради здравствени проблеми, односно поради слабеење на видот, Димано се откажува од работата на продолженијата на стрипот. Во 2020 година од овој свет заминува и идејниот творец на проектот – Ниче Димовски-Македон, со што се чини дека истиот трајно е прекинат и нема да се реализира.

5.33.8. „Апхелион“ на Јовица Илиев, Александар Стеванов и Дарко Богданов (предвиден да излезе во 2019/2020 година)

Првичните разговори за изработка на овој стрип-албум односно стрип-серијал датираат од 2018 година. Иницијативата е на Јовица Илиев, во тоа време директор на Домот на културата „Тошо Арсов“ во Виница, драматургијата и опширниот синопсис ги изготвува Александар Стеванов, а за цртежот е предвиден Дарко Богданов. Иако најпрво е планирано да биде само еден стрип-албум, во текот на разработката на приказната станува јасно дека за истата би биле потребни два или три албуми. Стрип-албумот (односно првиот дел) е договорено да се работи во 2019 година, но откако не добива финансиски средства, е одложен. Финансиски средства за албумот се одобрени наредната година, но поради презафатеност на Стеванов и Богданов, албумот не се реализира.

Времето и местото на кои е сместен овој стрип е Македонија по смртта на Александар III Македонски. Наративот се случува во вистински историски околности, а следи неколку ликови, дел од кои историски, а дел имагинарни. Темата на стрипот е откривањето на сопствениот идентитет во време во кое познатиот свет е помакедончен, за сметка на Македонија.

5.34. Стрипови реализирани со други автори

Во историјата на македонскиот стрип постојат неколку стрип-албуми кои иако првично биле планирани да ги црта еден илустратор, на крај завршиле кај друг. Меѓу таквите историски стрипови од поголем обем се „Мис Стон“ и „Кочо Рацин“, живот, песни и смрт“.

5.34.1. „Мис Стон“ (2000 година), планиран да го црта Љупчо Филипов, реализиран од Зоран Танев

Според сведоштво на Ване Трајков, издавач на првиот стрип-албум на македонски јазик „Мис Стон“, предвидено било да го црта Љупчо Филипов, до што не дошло поради неговата ненадејна и прерана смрт. Стрипот во 2000 година го реализира Зоран Танев.

5.34.2. „Кочо Рацин: Живот, песни и смрт“ (2013 година), планиран да го црта Игор Јовчевски, реализиран во цртеж на Димитриј Михајловски (и др.)

По сценариот на Ване Трајков, уште во 2007 година Игор Јовчевски изработува стрип-табли од стрипот „Кочо Рацин“. Во 2013 година Стрип центарот на Македонија – Велес добива поддршка од Министерството за култура на Р Македонија за публикување на овој стрип-албум во авторство на Трајковски и Јовчевски. Стрип-албумот е објавен кон крајот на годината, но наместо Јовчевски него го илустрира Димитриј Михајловски (и др.).

5.35. Реализирани необјавени[61] македонски стрипови

За разлика од денес, кога семрежјето секому му стои на располагање за објавување на стрипувани дела, единствениот начин да се објави стрип во минатото се лимитираниот број списанија и тоа под услов тој помине низ уредничкото сито. Неколку целосно реализирани македонски стрипови до ден-денес за жал не се објавени, а некои и се неповратно исчезнати. Такви се на пример историските:

5.35.1. Стрип на Панде Јаревски од 1941 година

Еден од првите стрипови реализирани од македонски автори, според сведоштво на неговиот автор, датира од 1941 година. Од истражувањата на Томислав Османли дознаваме дека се работи за стрип на карикатуристот и стрип-автор Панде Јаревски, кој не доживеал да биде објавен, а во виорот на Втората светска војна неповратно исчезнал. Од неколкуте зачувани скици (на кои се гледаат германски војници) дознаваме дека стрипот бил на тема од Втората светска војна, односно окупацијата на Македонија.

Иако се работи за претпоставка, од историски аспект е битно да се спомне дека доколку Јаревски го впишувал текстот на самите табли, и воедно тоа го правел на мајчиниот македонски јазик, ова незачувано секвенцијално дело е прв стрип на македонски јазик.

5.35.2. „Браќа Миладиновци“ на Спиро Џајков

Спиро Џајков е македонски карикатурист и стрип-автор од Битола. За него стрип-теоретичарот Томислав Османли (2002: 170) пишува дека „уште како студент 1965 година го објавува својот прв стрип ’Малиот Мук‘ работен според бајката на Вилхелм Вулф во ’Дечје новине‘ од Горњи Милановац. Покрај овој стрип со хумористична содржина Џајков ги објавил уште и следните стрипови: ’Курир‘, ’Ловечка среќа‘, ’Балавци‘ исто така во ’Дечје новине‘, како и ’Итер Пејо‘ во ‘Остен’. Повеќе стрипови на Џајков остануваат необјавени. Меѓу нив спаѓа историскиот „Браќа Миладиновци”, посветен на македонските културни дејци Константин и Димитар Миладинови.

5.35.3. „Крали Марко“ на Спиро Џајков

Меѓу реализираните необјавени стрипови на Спиро Џајков се вбројуваат: „Тарзановиот камшик“, „134-та страница”, вестернот „Крвавиот кањон” и „Крали Марко“, од кои последниот е посветен на средновековниот прилепски владетел.

5.35.4. „Вара: Каменот на љубовта“ на Иван Пешев, Зоран Танев, Смиле Цветановски и Тони Анастасовски (работен во 1998 година)

Иако стрипот „Вара: Каменот на љубовта“ е отпечатен како албумски издание, со тамото тоа што се работи за приватен, некомерцијален проект, односно поради тоа што изданието не може да се најде во слободна продажба, за истото е спорно дали може да се каже дека е објавено, барем што се однесува до легалната смисла на зборот. Подетално ова издание е обработено во сегментот за албумски изданија.


[45] Се мисли на Тони Анастасовски.

[46] За овој стрип види и: Стеванов 2019а: 47.

[47] За овој стрип види и: Стеванов 2020b: 9.

[48] Претходно во Македонија е отпечатен само вториот број на „Капетан Нитрат“, но првенствено како издание за промотивни цели.

[49] Претходно Александар Сотировски го црта вториот дел на „Капетан Нитрат“, но по сценарио на српскиот сценарист Борислав Станојевиќ.

[50] За Аферата Мис Стон види: Ристовски 2009: 103.

[51] За овој стрип види и: Стеванов 2020b: 14.

[52] За овој стрип види и: Стеванов 2020b: 21.

[53] За овој стрип види и: Стеванов 2021b: 21.

[54] За Јовчевски види и: Стеванов 2015: 18–32.

[55] За овој стрип види и: Стеванов 2022a: 20.

[56] За овој стрип види и: Стеванов 2022a: 25.

[57] За овој стрип види и: Стеванов 2022a: 30.

[58] За овој стрип види и: Стеванов 2022a: 38; Temkov 2015: 59.

[59] Цитатите од Темков за ова издание се преведени од српски.

[60] Информацијата за ова е од разговори со луѓето од издавачката куќа „Стрип квадрат“.

[61] Се мисли на јавно необјавени во печатено издание, односно во официјална публикација. Дел од стриповите опфатени во овој сегмент биле/се објавени делумно или во целост на Интернет. Дел од стриповите, како што е „Вара: Каменот на љубовта“, пак, биле објавени како приватна публикација.

КРАТКА ИСТОРИЈА НА МАКЕДОНСКИОТ СТРИП
ЛИТЕРАТУРА